СЈО го обвинува за сериозен криминал, Јакимовски се плаши да не ја загуби работата

СЈО го обвинува за сериозен криминал, Јакимовски се плаши да не ја загуби работата
Во пакетот жалби што денеска ги разгледува Апелацискиот суд се најде и жалбата на Тони Јакимовски, поранешен шеф на кабинетот на директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков, кој е обвинет во случаите „Таргет“ и  „Тврдина“.
Јакимовски се жали на одземањето на пасошот, а СЈО за неопределувањето притвор. Обвинителката од СЈО, Ленче Ристоска, побара на Јакимовски да му се изрече мерка притвор бидејќи постои очигледна опасност да побегне, со оглед на тоа дека има работен ангажман во Романија, во меѓународниот центар СЕЛЕК. Покрај тоа, нагласи Ристоска, тој има дипломатски пасош и може да го искористи.
Како поранешен началник за координација во МВР, додека бил шеф на кабинетот на Сашо Мијалков, рече Ристоска, тој може да влијае врз сведоците бидејќи некои од нив биле директно под негова хиерархија. Покрај тоа, образложи таа, кривичното дело кое му се става на товар е сериозно, со две споени истраги.

Петар Василев, еден од адвокатите на Јакимовски, изјави дека наодите од жалбата на СЈО се неосновани бидејќи Јакимовски работи во центар во Букурешт каде што се поврзани 12 полиции и 12 царини и ако судот му определи притвор, тој ќе ја загуби работата, така што Македонија ќе загуби професионалец. Тој уште додаде дека Јакимовски синоќа се вратил од Америка само за да се појави во судот.

Трајче Пеливанов, обвинител на СЈО, објаснувајќи ја тежината на стореното дело, соопшти дека штетата од уништувањето на опремата за прислушување, на што се однесува обвинението, е 1,4 милион евра и дека таа е потврдена од вештаци.
Адвокатот Василев се спротистави со оценка дека вештачењето било извршено спротивно на Законот за кривичната постапка. Јакимовски, пак, тврдеше дека не е виновен, дека не одбегнал ниту едно соочување во СЈО и дека нема контакти со посочените сведоци.
„Ме товарат за потпишани документи. Јас не бегам од правдата. И покрај честите патувања, се јавувам во СЈО“, рече тој.
Јакимовски е еден од двајцата началници во УБК кои се обвинети во предметот „Тврдина“, покрај ексминистерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска. Тие во 2015 година противзаконски уништиле системи за следење комуникации, при што е нанесена штета на државата во висина од 10 милиони евра. Истите системи претходно биле користени за незаконско следење и прислушување.
Случајот „Таргет“ се однесува на прислушувањето илјадници луѓе во периодот од 2008 до 2015 година од страна на Управата за безбедност и контраразузнавање. Десет лица, некои од нив поранешни високи функционери, се осомничени дека го организирале и го координарале незаконското прислушување.
Одлуката треба да ја донесат судиите Љиљана Ивановска-Шопова, Сафет Кадрии и Цветанка Периќ.