МАКФАКС

СЈО закажа прес-конференција, а се пожали и од Академијата за судии и обвинители

СЈО закажа прес-конференција, а се пожали и од Академијата за судии и обвинители
28.02.2017, 10:48

 

Специјалното јавно обвинителство, за вторник во 12 часот закажа прес-конференција, но нема детали дали ќе објават некоја нова истрага или темата ќе биде сосема друга.

Претходно, СЈО се пожали дека Академијата за судии и јавни обвинители не го вклучила ова обвинителство во нејзината програма, па упатија барање за продлабочување на соработката со Академијата „Павел Шатев“ во духот на законските одредби.

„Со донесениот закон ова Јавно обвинителство кое е основано за целата територија на Република Македонија, претставува дел од правосудниот систем во Република Македонија. Согласно чл.3 од Законот за Јавно обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, Јавниот обвинител кој раководи со Јавното обвинителство е избран од страна на Советот на јавни обвинители на предлог на Собранието на Република Македонија.

Согласно чл.9 од истиот овој закон Јавните обвинители во Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите се од редот на постојните јавни обвинители. Имајќи предвид дека примарната цел на основањето на Академијата која е пропишана со Законот за Академијата за судии и јавни обвинители е да обезбеди професионално, независно, непристрасно и ефикасно извршување на судиската и јавно-обвинителската функција, како и стручно и ефикасно извршување на работите на стручните служби во судството и јавното обвинителство, сметаме дека Академијата врз основа на законските пропишани обврски има должност да остварува професионална соработка и со ова Јавно обвинителство, исто како и со останатите Јавни обвинителства, која соработка ги подразбира подоле наведените аспекти“, се вели во дописот на СЈО до Академијата

Од СЈО појаснуваат дека иако е предвидено во Управниот одбор на Академијата да членува по еден член од редовите на Јавните обвинителства во Македонија, обвинителства, од Основните јавни обвинителства, и од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, од СЈО таму нема член.

Токму затоа, сметаат од СЈО, во Специјализираната програма за доброволна континуирана обука ова обвинителство не е вклучено, ниту пак во
изготвувањето на програмите и каталозите на обуки.

„Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите изразува уверување дека Академијата за судии и јавни обвинители ќе ги земе во предвид наведените укажувања, ќе постапи по истите, а во насока на зајакнување на меѓуинституционалната соработка“, се додава во дописот./крај/со/бб

Поврзани написи

Макфакс е-билтен

Email *