Македонија
Бројот на невработени во Прилеп се намалил за 11.200 лица
Според податоците на Агенцијата за вработување, бројот на невработени лица, за 12 години во Македонија се намалил за 160.000, а во Прилеп за 11.200, соопшти директорот на АВРМ, Владо Попоски, кој оствари работна средба со градоначалникот Марјан Ристески.
Попоски истакна дека бројот на невработени лица во Прилеп е доста намален токму поради добрата соработка и координација која во изминативе години АВРМ ја има со Општина Прилеп, бидејќи Прилеп беше прва општина во Македонија која направи Економски совет кој помага дополнително на Агенцијата за креирање на нивните политики и мерки кои ги даваат.
Попоски нагласи дека проектот „Македонија вработува“ ќе бил активен до 27 јуни 2017 година, со тоа што досега него го искористиле 4.218 граѓани. Само од Нова година до сега се имале вработено над 280 лица. Проектот „Македонија вработува 1“ завршил со 18.900 вработени, а претходно бил и проектот за вработување на млади до 29 години каде што имало дополнителни 8.000 вработувања. Значи преку овие мерки над 30.000 граѓани се вработиле во Македонија за 3 години.
„Исто така продолжува интересот и за самовработувањето со грантови. Во последните години бројката се движи од 2 до 2.500 апликанти за самовработување со грант, што значи дека имаме проблем да избереме кој е квалитетен бидејќи сите се квалитетни“, додаде Попоски.
Од Центарот за вработување од Прилеп истакнаа дека заедно со локалната самоуправа и директорот на АВРМ, имале одлична соработка со странските инвеститори. Раководителот Димитриески рече дека тие служепе како едно големо одделение за човечки ресурси, им помагале за собирањето на податоците за луѓето кои сакаат да се вработат во овие фирми, ги повикувале на интервјуа, и исто така им помагале во процесот на изборот. Со најновите интервјуа „Гентерм“ ќе достигнел за краток период до над 800 вработувања. Димитриески рече дека во моментов во „Гентерм“, „Дрекселмајер“ и „Акомпласт“ имало околу 1.500 вработени.
Исто така беше најавена и нова мерка која ја нуди во овој момент АВРМ.
„Најновиот оглас за напредни ИТ вештини ги повикува сите оние невработени лица кои се занимаваат со програмирање, но немаат доволно финансиски средства да ги добијат овие потребни сертификати и да ги поминат овие обуки. Тука ние им нудиме повеќе обуки, едната е за ПХП и Пајтон, потоа ДОТ НЕТ, ХТМНЛ ЦСС и Јава скрипт, и ги повикуваме сите овие заинтересирани лица за дополнителни информации да се пријават во Центарот за вработување во Прилеп. Морам да потенцирам дека овие обуки се доста скапи и чинат по неколку илјади евра, затоа ова ќе биде од голем бенефит за заинтересираните апликанти“, истакна Филип Димитриески, раководител на АВРМ – Прилеп.
„Ние имаме уште неколку илјади активни баратели на работа и затоа не застануваме тука, туку целта е отворање на уште многу други нови работни места. Очекуваме доста вработувања во индустриската зона Прилеп 1, каде веќе се отворени неколку погони, а дел се градат“, изјави Марјан Ристески, градоначалник на Прилеп.
Новитет од новата учебна година во Прилеп е тоа што стручните училишта во градот, со влегувањето на големите мултинационални компании, и со проширувањето на домашните компании, ќе се насочат во контекст на продуцирање на кадри кои во иднина можат да најдат вработувања во овие компании. Крајната проекција е во 2017 година да се отворат нови 2.000 работни места во Прилеп./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Скопје
Герасимовски: Конечно, Работнички се враќа на шампионските патеки
Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски вчера вечер присуствуваше на тренингот на КК Работнички во салата Кале. Со кошаркарите разговараа за издигнувањето на тимот и потребите за достигнување на високи резултати и на следните натпревари.
„Сакам да се заблагодарам пред се и на тренерот на цел стручен тим но и на сите играчи за одличните резултати коишто ги имаме годинава. Успеавме со клубот од невозможно да направиме возможно. Клубот којшто го начекавме пред две години на 10то место со 4-5 неисплатени плати и долг од 600 000 евра да го вратиме на победничките патеки. Важно е што во моментов табелата трепка што сме на прво место и се надевам дека тоа така ќе остане и до крај. Јас верувам дека ќе имаме успех оваа сезона и уште поголем успех следната“, им порача Герасимовски на кошаркарите.
При средбата Герасимовски ги извести играчите дека општина Центар го има имотниот лист на салата и успеа да го исполни ветувањето дека ќе ја врати сопственоста на салата под ингеренции на општината.
Општина Центар на крајот на минатата година доби финансиски средства од Владата во вредност од 30 милиони денари наменети за реконструкција на салата, при што Герасимовски ги информираше играчите со процесот и проект планот кој е веќе во изработка за реновирање на матичната сала на Работнички. Конечно Работнички се враќа на шампионските патеки, ви благодарам за тоа, порача Герасимовски.
Македонија
Петровска: Судот донесе одлука дека Ковачки неправедно ме клеветел
Министерката за одбрана, Славјанка Петровска објави дека судот донел одлука со која се утврува дека пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки, неправедно ја клеветел.
„Основниот граѓански суд во Скопје по сите прикажани докази од моја страна донесе одлука со која се утврдува дека тужениот Драган Ковачки искажал невистини и лаги односно неправедно ме клеветел во јавност со цел да ми го наруши угледот и честа во очите на јавноста, Овој е само еден од низата примери на неодговорно, нечесно и валкано однесување на политичката сцена од страна на Ковачки“, пишува Петровска.
Во продолжение таа додава дека не сака пари од нечесник и се откажува од паричниот надомест.
„Секој го прави тоа што најдобро го знае, тие со лагите, јас со труд и одговорна и чесна работа“, додава Петровска.
Македонија
Манолева: По 43 години, болницата во Отешево доби комплетно нов лик, современи услови за третман и медицинска опрема
Заменик министерката за здравство д-р Маја Манолева, вчера беше во посета на ЈЗУ Специјализирана болница за превенција лекување и рехабилитација на хронични респираторни неспецифични и алергиски заболувања ОТЕШЕВО. Оваа јавно-здравствена установа минатата година доби комплетно нов лик со реновиран болнички објект финансиски поддржан од Министерството за локална самоуправа и Владата на Швајцарија во висина од 20 милиони денари.
„Со имплементацијата на овој проект подобрени се болнички услови за третман на пациенти, поставен е нов мебел како донација од Луксембург, а собите се наместени со нов инвентар. Сите амбуланти, лабораторија, дневна соба, ехо кабинет, соба за спирометрија и алерго тестови се позиционирани во реновираниот објект. Како што можевме да видиме од посетата амбулантите веќе функционираат во реновираните простории. Специјализираната болница Отешево нуди современи услови за третман на пациенти и достоинствени услови за работа на здравствените работници“, рече Манолева.
Болницата во Отешево опстојува повеќе од 43 години и ова е прво реновирање кадешто значително се унапредени болничките услови. Во изминатиот период, установата се зајакна и со два апарати за физикална медицина и рехабилитација во склоп на проектот во вредност од 270 илјади денари.