Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Наместо на училишта и патишта, буџетот ќе се троши на двојазичноста
Социјалдемократскиот сојуз парите од буџетот, наместо за нови болници, училишта, градинки, патишта и објекти од полза за граѓаните, ќе ги троши за покривање на трошоците од двојазичноста. Ова го изјави Орце Ѓорѓиевски, член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, на прес-конференција осврнувајќи се на економските последици кои, како што вели, би ги предизвикал штетниот закон.
„Неуставниот закон за двојазичност, кој парламентарното мнозинство, спротивно на забелешките на претседателот на државата, експертите и ставот на граѓаните, на сила го истурка во Собранието, ќе има огромни финансиски импликации врз буџетот на нашата државата. Сумата од 1,7 милион евра, што власта ја предвиде за имплементација на двојазичноста со буџетот за 2018 година, е само параван. Реалните трошоци ќе бидат далеку повисоки како за централните институции така и за институциите на локално ниво“, рече Ѓорѓиевски.
Според него, социјалдемократскиот сојуз крие од граѓаните колку пари би се трошеле за вработување преведувачи на албански јазик во Штип, Гевгелија, Струмица, Радовиш, Делчево и во другите градови од источниот и јужниот дел од државата, но и на сите гранични премини во државата.
„Социјалдемократскиот сојуз не кажува колку ќе чинат преведувачите и судските преводи во сите основни и апелациони судови во Република Македонија? Власта треба да одговори и колку пари ќе ги чини граѓаните изготвувањето нови униформи на полицијата, пожарникарите и на здравствените работници? Колку ќе чини изготвувањето на двојазичните пари во Република Македонија? Власта треба да им каже и на нотарите, извршителите, адвокатите, аптеките, мобилните оператори, дистрибутерите со електрична енергија и на други приватни субјекти што вршат работи од јавен интерес колку пари ќе треба да одвојуваат од својот буџет за имплементација на неуставната и штетна двојазичност. Колку секој од нас ќе треба да ја плати желбата на Зоран Заев по секоја цена да ја има поддршката на ДУИ“, рече Ѓорѓиевски.
Тој го повтори ставот на ВМРО-ДПМНЕ дека законот за употребата на јазиците е неуставен, штетен и практично неприменлив. Од опозицијата сметаат дека ставот на претседателот на државата да не го потпишува указот за прогласување на законот е државнички чин и единствено правилен чекор што може да се направи.
Ѓорѓиевски заклучи дека секое објавување на законот во „Службен весник“ повлекува и кривична одговорност.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Битиќи: Просечната пензија ќе ја зголемиме на 30.000 денари
„Просечната пензија ќе биде 30.000 денари, што е зголемување од скоро 9.000 денари или над 40% до 2028 година. Овие покачувања ќе се случат како резултат на новата методологија за пресметка на пензиите која оваа Влада ја воведе со измена на Законот за пензиско и инвалидско осигурување. На овие покачувања, новата Влада предводена од СДСМ ќе обезбеди и новогодишен пакет од 6.000 денари за секој пензионер“, изјави Фатмир Битиќи, коносител на листа на кандидати за пратеници од Изборна единица 2, на „Коалицијата за европска иднина“.
Зброувајќи за зголемување на минималната пензија, Битиќи истакна дека во следниот мандат истата ќе се зголеми на ниво од 20.000 денари, што би било зголемување од 45% до 2028 година.
Битиќи посочи дека во изборната програма предвидено е и енергетски додаток во износ од 1.500 денари за секој пензионер во периодот од октомври до март, односно во времетраење на грејната сезона, со што, како што рече тој, ќе го заштитиме стандардот на нашите највозрасни сограѓани.
„Ова значи дека секој наш пензионер ќе добива по 15.000 денари дополнително годишно, надвор од редовното покачување на пензијата која му следува по закон“, рече Битиќи.
Тој потсети дека минималната пензија во 2016 година изнесуваше 8.900 денари и истата е зголемена за 5.000 денари, и сега изнесува 13.900 денари, што е зголемување за 55% за период од седум ипол години.
„Просечната пензија која во 2016 година изнесуваше 13.800 денари, ја покачивме за 7.600 денари и сега таа изнесува 21.400 денари, или тоа е раст од 55%“, рече Битиќи и истакна овие достоинствени покачувања на пензиите се постигнати и ќе продолжат да се постигнуваат со домаќинско менаџирање со фондот за ПИОМ.
„Тотална спротивност се празните ветувања на ВМРО кое свесно им ветува зголемување од 5.000 денари, кое никогаш нема да се случи, затоа што ни самиот фонд за ПИОМ, ниту централниот буџет може да го понесе товарот од дополнителни 330 милиони евра годишно, за да се оствари ова ветување“, рече Битиќи, притоа порачувајќи дека „Коалицијата за европска иднина“ предводена од СДСМ носи напред, домаќински раководи со државниот буџет и се грижи за сите граѓани.
„Пензионерите да се мирни, бидејќи ние мислиме за нивниот удобен и достоинствен живот“, порача од пред пензионерскиот дом во Чаир Фатмир Битиќи, коносител на листа на кандидати за пратеници од Изборна единица 2, на „Коалицијата за европска иднина“.
Македонија
Митрески: Повисоки пензии, енергетски пакети и зимски регрес, пензионерите заслужуваат подобар стандард
„СДСМ се грижи за сите граѓани, особено за пензионерите. Преку конкретни политики обезбедивме економска сигурност и подобрен животен стандард. Минималната и просечната пензија пораснаа за 50 проценти, обезбедивме континуиран раст на пензиите. Го стабилизиравме Пензинскиот фонд, обезбедивме сигурност“, изјави Јован Митрески, носител во ИЕ 5 од Коалицијата за европска Македонија, предводена од СДСМ.
Тој додаде дека во време на Ковид кризата пензиите беа исплаќани и предвреме со цел да се заштити здравјето на пензионерите. Во таа насока, нагласи Митрески, зајакнат е здравствениот сикстем, реновирани се повеќе клиники и ургентни центри низ државата, а 80 проценти од градежните зафати од реконструкцијата во Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“ се завршени.
„Во новиот мандат гарантираме минимална пензија од најмалку 20.000 денари, а просечната ќе достигне 30.000 денари. Ќе воведеме енергетски пакети за пензионерите кои живеат сами, во висина од 1.500 денари месечно во периодот од октомври до март, како и зимски регрес за пензионерите, во износ од 3.000 до 6.000 денари. Највисока поддршка ќе има за пензионерите со пониски пензии“, изјави Митрески и додаде дека ќе се градат и нови домови за стари лица.
Митрески истакна дека ни треба системски пристап, мерки кои се одржливи и кои даваат резултати, а не популистички и наменски решенија, кои само го уриваат системот.
Тој ги повика граѓаните на 24 април и на 8 мај да ја поддржат Коалицијата за европска Македонија, предводена од СДСМ која има План има визија и знае како.
Македонија
Д-р Филипче од Струмица: 30.000 денари просечна и 20.000 минимална пензија во следниот мандат
„Секогаш е пријатен муабетот со пензионерите, затоа што тие се мудри, искусни и нивните совети се секогаш добредојдени“, рече д-р Венко Филипче, кој во рамки на својата агенда како кандидат за пратеник на СДСМ и Коалицијата оствари средба со Здружението на пензионерите во Струмица.
Во изјава за медиумите по остварената средба, д-р Филипче се осврна на придобивките и мерките кои СДСМ ги овозможи за пензионерите, потенцирајќи дека и во иднина ќе направи сè за да ја заштити оваа категорија граѓани.
„Со укинувањето на квотите за лекови на рецепт, овозможивме граѓаните да имаат лекови во кој било ден од месецот. Оваа мерка беше најважна за пензионерите кои можат во кој било период од месецот да ја земат својата терапија. Воведовме бесплатна вакцинација против сезонски грип за лица над 65-годишна возраст. Овозможивме и бесплатно болничко лекување без наплата на партиципација за пензионери со пензија пониска од просечната во земјава“, рече д-р Филипче.
Тој посочи и дека без разлика на кризите со кои се соочуваше целиот свет, СДСМ не дозволи товарот да биде ставен на грбот на оние кои не можат повеќе да заработуваат и пензиите беа покачени за 50% во нивниот мандат. Но, како што рече, за пензионерите мора да се посветува и повеќе внимание во наредниот период.
„Тие се најпеднатните плаќачи на обврските кон државата, најнавремено плаќаат сметки за струја, комуналии, купуваат голем број лекови, тие веднаш откако ќе ја земат пензијата, на еден начин парите повторно ги враќаат во државната каса“, истакна Филипче.
На крајот од своето обраќање, д-р Филипче ги повтори и ветувањата на СДСМ во следниот мандат, односно минимална пензија од најмалку 20.000 денари, просечна пензија од 30.000 денари, како и воведување енергетски пакети за пензионерите кои живеат сами, во висина од 1.500 денари месечно во периодот од октомври до март. Во зимските месеци, рече Филипче, пензионерите ќе добиваат регрес од 3.000 до 6.000 денари и додаде дека највисоката поддршка ќе биде за пензионерите со најниски пензии.
„Ќе направиме сè за на стари години по пензионирањето секој да ужива во плодовите од својот поранешен труд. Тоа се наши родители, кои нè застанале на нозе, штеделе за да нè школуваат, да нè изведат на прав пат. Сега ние треба да се грижиме за нив и да им обезбедиме достоинствена старост“, заклучи Филипче.