Македонија
Граѓани со жив штит кај ГУЦ „Здравко Цветковски“ ќе овозможат безбеден премин на улицата
Група пешаци и велосипедисти во координација на здружението „На точак“ попладнево во периодот од 17 до 18 часот ќе одржат едночасовна акција на крстосницата на булеварот Партизански одреди со булеварот 8 Септември (на аголот кај ГУЦ „Здравко Цветковски“).
„Мотивот за акцијата, саркастично со наслов Национален ден на немање безбедна патека при градба, е долгогодишниот и репетитивен проблем на необезбедување алтернативни премини за корисниците на пешачките и велосипедските патеки при изведување градежни работи. Честопати при градежните интервенции се случува овие патеки да се блокираат целосно и во времетраење од неколку месеци, без притоа да се обезбеди алтернатива за движење во тој дел на патеките. Ваквата ситуација ги принудува овие категории учесници во сообраќајот да се изложат на опасна ситуација на движење по коловозот заедно со автомобилите, со ризик да се повредат од рабникот на тротоарите при симнување и повторно качување (доколку се движат со помош на тркала – велосипеди, инвалидски и бебешки колички итн.) или, пак, да бидат удрени од моторно возило што се движи во крајната лента. Во моментот има повеќе вакви блокирања на патеките во Скопје, кои претставуваат сериозно загрозување на животите на пешаците и велосипедистите, а едно такво има токму на локацијата на акцијата“, велат организаторите.
Тие напоменуваат дека нашата држава нема регулатива (правилници) за тоа како се обезбедуваат, пренасочуваат и означуваат пешачките и велосипедските патеки кога се зафатени со градежни работи, сеедно дали се работи за изградба на објекти, за промена на инсталации или за дефект.
„Со цел да се поткрене свеста за овој проблем, но и да се повикаат одговорните за обезбедување алтернативни премини секогаш кога пешачките и велосипедските патеки се блокираат при изведување на градежни работи, учесниците на акцијата ќе направат жив штит кај крстосницата кај ГУЦ ‘Здравко Цветковски’, каде што моментно се изведува градежен зафат за да овозможат барем еден час безбеден премин за овие учесници во сообраќајот преку критичната точка со создавање алтернативна патека на дел од коловозот“, се вели во најавата за акцијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Променливо облачно и посвежо време со повремени врнежи од дожд, максимални температури до 18 степени
Променливо облачно и посвежо со повремени врнежи од дожд, претежно во јужните делови. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 6, а максималната ќе достигне од 10 до 18 степени.
Во Скопје променливо облачно и посвежо со слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне 17 степени.
За време на викендот ќе се задржи променливо облачно и посвежо време. Во недела на повеќе места ќе има врнежи од дожд кои повремено ќе бидат пообилни и услови за појава на изолирана нестабилност со грмежи. Поради спуштање на постудена воздушна маса на планините врнежите повремено ќе преминуваат во снег и на повисоките планини ќе се формира нова снежна покривка.
Македонија
Таравари од централниот митинг во Струга: Зголемување на минималната плата до 800 евра за борба против имиграцијата
Кандидатот за претседател од редовите на ВЛЕН, Арбен Таравари, ја изрази својата заложба за борба против имиграцијата преку зголемување на минималната плата во нашата земја. Во рамките на идната влада се планира зголемување на платите и до 800 евра, со што ќе се создадат нови можности младите мажи и жени да останат и да придонесат за развојот на државата.
Преку грантови за технологија и иновации, Таравари рече дека владата има за цел да ги поддржи нивните креативни идеи, фокусирајќи се на развојот на земјата како атрактивна алтернатива за младите.
„Иселувањето кај нас е над секоја норма, бројките се алармантни. Не можеме да останеме рамнодушни на оваа ситуација. Така како следна влада на ВЛЕН ќе донесеме одлука за покачување на платите. Ќе се заложиме минималната плата до крајот на нашиот прв владејачки мандат да биде 800 евра. Преку грантови за технологија и иновации, ќе ги поддржиме младите мажи и жени со нивните креативни идеи, кои првенствено служат за нашиот развој како држава. Ова ќе биде дополнителна причина да ја гледаат иднината овде со нас, недалеку од нивните домови, недалеку од нивниот роден град“, рече Арбен Таравари на централниот митинг во Струга.
Македонија
(Видео) Силјановска -Давкова: На 9 мај ќе го славиме Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа, но ќе славиме и за Македонија
„На 9-ти мај ќе го прославуваме Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа! На 9-ти мај, ќе ја славиме Македонија како твоја и Македонија како горда! Ви ветуваме дека ќе докажеме дека нема да ве срамиме, дека нема да ги заборавиме државните и нациолнални интереси, кои тие не само што ги заборавија, туку и ги погазија! Молам за доверба!“, рече Горданa Силјановска -Давкова, кандидат за претседател на Македонија.
„Верувајте ми, има моменти во историјата! А таков е овој, кога мора да сме заедно! Кога како никогаш досега, потребна ни е вашата поддршка! Без вас не може да направиме единство! Без вас Македонија не може да биде ниту твоја, ниту горда! Без вас не може да дојдеме до победа! Вие го имате првиот и последниот збор! Ви веруваме!
Денес е Денот на светското културно наследство. Охрид е незаменлив и ценет, драгоцен дел од него. Охрид е споменик и дом на европското христијанство! Да го чуваме! Не заборавајте: Без Охрид, Македонија нема да биде почитувана!
Час поскоро, активирајте го универизтетот на Плаошник! Оваа власт не знае што е култура, за неа културата е бизнис. Ако започна изградбата во времето на ВМРО-ДПМНЕ, мора да доврши.
Во насока на јакнење на културниот туризам ќе покренам организирање на меѓународен форум – Плаошник форум, на кој ќе се дискутира соработката на цивилизациите, религиите и културите. Сето ова во соработка со УНЕСКО и Министерството за култура! Упатувам порака дека: Плаошник може да биде центар на дијалог на цивилизациите! Дијалог на религиите! Центар на културен дијалог! Затоа сум горда на него!“, додаде Горданa Силјановска -Давкова.