Македонија
Груевски во Брисел се жалел на притисок врз медиумите од новата влада
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, на средбите во Брисел и на самитот со лидерите на европските национални партии тврдел дека со доаѓањето на новата власт има притисоци врз медиумската сфера во Македонија и врз судството.
„Денот го почнав со средба со шефицата за надворешни работи на ЕУ, Федерика Могерини, и на таа средба се задржав на две работи. Најпрво, на потребата што поитно Република Македонија да биде интегрирана во ЕУ, а се разбира и во НАТО и на потребата да се внимава за понатамошните случувања и процеси во Македонија. Тука имам предвид што се се случува со медиумскиот сектор во Македонија по доаѓањето на новата власт. Загушувањето и притисоците врз медиумите, особено врз сопственицитe на медиуми, вклучително и притисоците на Специјалното јавно обвинителство и на намерите на новата власт за партизација на судството. Преку наметката на нови реформи во судството, практично се има намера за партизирање и целосна контрола врз судскиот систем во Република Македонија“, соопшти Груевски во Брисел.
Тој пред лидерите ја претставил и актуелната политичка ситуација, оценувајќи дека во Македонија имало успешни избори на кои победила ВМРО-ДПМНЕ, но дека по првпат по долг период се прекршило правилото „победник со победник“ и се формирала нова Влада, која засега само говори, но не прави реформи, туку стопира проекти на претходната влада, посочил Груевски.
Исто така, според лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, која е придружна членка на европските демохристијани, тој укажал и на чувствителноста од притисокот и заканите врз сопствениците на медиумите, врз медиумите и новинарите. Тој истакнал дека во Македонија постои една од најлошите ситуации во историјата на Македонија во која „се гуши медиумскиот простор и се тераат сите медиуми да информираат само афирмативно и никако критички за новата Влада, што не е добро за демократијата“. Груевски говорел и за ризиците од партизација на судството за кои според него се наѕираат намерите на СДСМ да го направат.
По завршувањето на Самитот на ЕПП, Груевски остварил средба со премиерот на Бугарија, Бојко Борисов, на кој според него разговарал за потребата Македонија да стане членка на НАТО и ЕУ.
„Не дознав ништо од него што се договорило на средбите, минатите два дена во Софија и нормално е тоа да го дознаеме ние како опозиција и македонската јавност од моменталниот македонски премиер. Но, тие ги знаат нашите позиции, ги реафирмирав позициите на ВМРО-ДПМНЕ по прашањето на договорот за пријателство со Бугарија. Истиот треба да се потпише, но се разбира, треба да се внимава што ќе содржи тој и тоа да нема понатаму последици ниту за Бугарија, ниту за Македонија, македонскиот народ и за македонскиот јазик“, изјавил Груевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски: Пендаровски не ги критикува ДУИ и Ахмети, што значи дека е нивен привезок и втор кандидат за претседател
Народот знае дека гласот за Стево е глас за ДУИ, Али Ахмети и Артан Груби. Гласот за Стево е глас за неговото тврдење дека Гоце Делчев е Бугарин. Гласот за Стево Пендаровски е глас за навредите на човек кој во отсуство на аргументи напаѓа и навредува жена. Гласот за Стево Пендаровски е глас за човек кој вели дека бугарскиот диктат мора да се прифати, вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски од митингот во Велес во рамките на претседателската изборна кампања.
Стево пак, вели Мицкоски, главно што сработи е што пренесуваше поздрави до Бојко, со реченицата – кај си љубави имаш поздрав од Зоки…..и кога не пренесуваше поздрави учествуваше во се што е криминално и нема закон кој не го потпиша.
Понатаму, Мицкоски посочува и дека гласот за Стево Пендаровски е глас за човек без свое јас и човек кој не верува во принципи, гласот за Стево Пендаровски е глас и одобрување на прогонот на патриотите и луѓето кои се жртви на политичка хајка за 27 април за кои луѓе кои не бараат милостина туку правда, Стево со прст не мрдна.
„А денес одбројувам уште еден неславен јубилеј. Поминаа буквално 14 дена од изборната кампања, а Стево Пендаровски ниту еднаш не го нападна или искритикува ДУИ и Ахмети за било што. Тоа значи дека е привезок на ДУИ, нивен втор кандидат за претседател. Граѓаните тоа жестоко ќе го казнат на изборите, најпрвин на 24-ти април, а потоа и на 8-ми мај“, рече Мицкоски.
Од Велес, Мицкоски испрати апел до македонските граѓани, масовно да се излезе на гласање затоа што овие избори ќе се одлучат уште во првиот круг на 24 април со тоа што својот глас ќе го дадат за професорката Гордана Силјановска Давкова и за ВМРО-ДПМНЕ која што претставува движечка сила на промени.
„Гласајте за професорката Гордана Силјановска Давкова. Народот на овие избори има јасен избор. Нашата понуда за претседател е личност со извонреден интелект, и интегритет. Личност со верба во принципи и со свој став. Ставовите на професорката Гордана Силјановска Давкова може да не ви се допаѓаат или да ви се допаѓаат, но не можете да спорите дека секогаш тие се издржани и со аргументи. Тоа е жена која е чесна во политиката и со огромно знаење“, истакна Мицкоски.
Посочи дека гласот за Гордана Силјановска и заокружувањето на бројот два е глас за горда Македонија, за Македонија со верба и иднина, за принципи и вредности.
„Поддржувајќи ја Силјановска вие поддржувате жена со визија и енергија за промени, жена која цврсто верува во правото и правдата. Таа ќе биде гаранција и брана над сите повреди и кршења на Уставот и законите. Затоа изборот е јасен“, порача Мицкоски.
Македонија
Ковачки од Велес: Претседател како Пендаровски, кој е нем посматрач на крадењето, народот не заслужува
Носителот на ИЕ3 и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки од митингот во Велес порача дека е време за промени, Македонија повторно да биде горда. Велешани заслужуваат посветла иднина и просперитетна држава, а тоа е можно само со ВМРО-ДПМНЕ и идниот претседател на државата, Гордана Силјановска Давкова.
„Изминативе 7 години наместо да живееме, ние преживуваме. Наместо да ја водат државата напред, владата на ДУИ и измеќарите од СДС секојдневно приредуваа нови скандали и коруптивни афери. Наместо да имаме богати граѓани, изминатите 7 години имавме богати министри на кои богатството секојдневно им се окрупнува, додека вие осиромашувавте. Во секој тендер гледаа процент, а од секоја работа имаа екстра заработувачка“, рече тој.
„Затоа сега влегуваме во финалето за конечно враќање на Македонија во рацете на граѓаните, и конечно ставање крај на ова неспособно и криминално владеење на корумпираните од СДС и ДУИ. Ова е последна шанса за победа на Македонија“, нагласи Ковачки.
Тој посочи дека Владата на СДС и ДУИ донесе само беда и сиромаштија. Наместо да испорача резултати за граѓаните, Ковачевски Димитар слугата на Али Ахмети, испорача се што му беше наредено од ДУИ. Затоа во Македонија граѓаните имаат чувство дека се граѓани од втор ред, бидејќи државата е во рацете на неколкумина кои што глумат елита, додека овој народ, едвај преживува.
„Оние од ДУИ се однесуваат како Македонија да е нивна сопственост. А, тоа им го дозволи Ковачевски Димитар, кој е продолжена рака на Зоран Заев, бидејќи тој истиот на нелегитимен начин, за да седне во таа незаслужена фотелја беше поддржан од Ахмети“, појасни Ковачки.
Ковачки укажа дека Пендаровски Стево, наместо да им се спротивстави, мудро набљудуваше и молчеше. За ниту еден криминален скандал и афера од страна на ДУИ и измеќарите од СДС, збор не изусти, само за да му се додвори на Али Ахмети.
„Таков претседател, кој е нем посматрач на крадењето на Македонија, народот не го заслужува. Имавме влада и претседател на Македонија кои на секое ново национално понижување и негирање на државата, молчеа и не се спротивставуваа. Имавме влада и претседател кои се откажаа од македонскиот јазик, историја и идентитет, само за да им се допаднат на оние од надвор. Прифатија се што им се стави на маса, и го понижија Македонецот и македонскиот народ“, истакна Ковачки.
„За ова и секое претходно понижување мораме да ги казниме. А, тоа се случува на денот на изборите. Најпрво на 24-ти април, а после и на 8-ми мај. Да ги поразиме и да ги испратиме на темната страна на историјата. Да ги испратиме и да им покажеме дека македонскиот народ е за промени. Да им се спротивставиме сплотени и обединети, со масовна излезност на изборите, затоа што тоа е единствениот начин за да ја трансформираме Македонија“, порача Ковачки.
Ковачки рече дека сега е време за промени, промените се во рацете на граѓаните.
Македонија
Пендаровски од Дебар: На полето на меѓуетничките односи Македонија е најстабилна досега
Кандидатот за претседател Стево Пендаровски денешното попладне го мина со жителите на општините Дебар и Маврово – Ростуше.
Истакнувајќи дека луѓето од тој регион најдобро знаат што значи соживот и знаат како да си помагаат едни на други, Пендаровски посочи дека на полето на меѓуетничките односи Македонија е најстабилна досега.
,,Дебарскиот и мавровскиот крај можат да се пофалат дека и во најтешките времиња, овде и Македонци и Албанци и Турци, Власи, Роми, Бошњаци сите што живеат во овој поширок простор знаеле да си помагаат еден со друг и да си се најдат еден на друг”, рече Пендаровски.
Во оваа насока Пендаровски додаде дека и за него сите граѓани се исти и дека граѓаните ги дели само на луѓе и на нелуѓе, а не и по тоа на која религија или вера и припаѓаат.