Македонија
Кривична пријава за ексградоначалникот на Битола, Талески, и негови соработници
Секторот за внатрешни работи Битола поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство Битола против В.Т (59) од Битола поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“, и против С.Б. (59), М.К. (66) и С.П. (55), сите од Битола, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „несовесно работење во службата“.
В.Т. како градоначалник на општина Битола во период од 25.10.2012 до 19.12.2012 година без да потпише анекс-договор со две фирми, дозволил да се извршат набавки на масло за греење од нив. В.Т. ја дозволил набавката по завршување на договорот што го имала склучено општината со една од фирмите за јавна набавка на екстра лесно масло за греење. Исто така, на 27.12.2016 година, повикувајќи се на стар договор со истата фирма со важност до 01.12.2016 година, без да биде потпишан анекс-договор дозволил да се изврши набавка на уште 9.324 литри масло за греење од истото правно лице.
С.Б. како претседател, а М.К. и С.П. како членови на комисијата за јавни набавки во општина Битола, во постапка за набавка на екстра лесно масло за греење, на 17.12.2012 година донеле одлука за најповолен понудувач за фирма која не поседувала лиценца од Регулаторна комисија на Република Македонија за трговија со сурова нафта, нафтени деривати, био-гориво и горива за транспорт. Врз основа на таа одлука првопријавениот донел одлука за избор и потпишал договор со фирмата и и овозможил да се стекне со противправна имотна корист.
Со ваквите дејствија пријавенитe им овозможиле на двете фирми да се стекнат со противправна имотна корист од 44.870.702 или 729.604 евра.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Стоилковски: Разликата е над 150 илјади, обработени се 75 отсто од гласовите
Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски изјави дека разликата е над 150 илјади во корист на кандидатот за претседател Гордана Силјановска Давкова, по обработени над 75 отсто од гласовите.
Тој најави дека во 22 часот ќе има обраќање Силјановска Давкова, а во 22 и 30 ќе се обрати и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Македонија
Јакимовски призна пораз, ѝ честиташе водство на Сиљановска и ѝ поска среќа во вториот круг
Лидерот на ГРОМ и претседателски кандидат, Стевчо Јакимовски, вечерва призна пораз и ѝ честиташе водство на Гордана Сиљановска-Давкова. Со оглед на поразот, рече дека не е задоволен од изборниот резултат.
„Јас ја одржувам оваа прес-конференција со цел да го признам поразот на овие претседателски избори, а воедно да ѝ честитам на водството на госпоѓата Гордана Сиљановска-Давкова и да ѝ посакам среќа во вториот изборен круг. Дали резултатите се задоволувачки-според мене нормално дека не се задоволувачки. Далеку се од очекувањата. Како и да е битно беше дека граѓаните на Република Македонија имаа избор. Избираа меѓу седум свои кандидати. Дали биле во право за тоа што го избрале, ќе видиме после пет години. Се надевам дека сите ќе бидеме живи и здрави и после пет години ќе констатираме дали изборот бил добар или не“, рече Јакимовски.
За да признае пораз тој не дочека Државната изборна комисија да ги преброи гласовите од сите избирачки места. Се прогласи за поразен со 60 отсто обработени гласови и освоени 4997 гласа.
Според досега обработените гласови во водство е Гордана Сиљановска-Давкова со 197741 глас, повеќе од двојн помалку гласови има актуелниот претседател Стево Пендаровски за кого гласале 97592 граѓани, зад него е Бујар Османи со 81.748 гласови, Арбен Таравари со 9591 гласа, Максим Димитриевски со т42296 гласа и Билјана Ванковска-Цветковска со освоени 23..472 гласа
Македонија
Таравари: Земјотресот почна, се надевам дека на 8 мај ќе дојде промената ДУИ да биде опозиција
Масовниот одѕив на гласачите на овие претседателски избори за Арбен Таравари, претседателски кандидат на коалицијата ВЛЕН, е показател дека промените се почнати. На првата прес-конференција по затворањето на избирачките места тој рече дека очекува победа на 8 мај.
„Земјотресот по се изгледа дека денеска почна со масовното учество на граѓаните во изборите, а се надевам дека на 8 мај ВЛЕН ќе победи и ќе дојде долго очекуваната промена ДУИ да биде во опозиција“, рече Таравари.
Тој јавно се заблагодари на граѓаните за масовниот одѕив и изрази надеж дека набљудувачите нема да дозволат злоупотреби на гласовите.
„Сега веќе се знае дека на овие избори имаше многу помасовно излегување на гласање отколку претходните избори што зборува дека промените ни се приближуваат и ни доаѓаат. Ние како ВЛЕН сме пресреќни дека добивме гласови генерално од Албанците. Сега веќе промените се внатре во кутиите кои веќе се отвораат. Се надевам дека нашите набљудувачи ќе ги контролираат и нема да дозволат да има злоупотреби и ќе се гарантира секој глас кој што е даден на демократски начин дека ќе излезе на површина“, рече Таравари.