Македонија
Мандатарот во потрага за владин партнер
Николa Груевски, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, по петти пат го доби мандатот од претседателот да состави Влада, но се чини овојпат тоа најтешко ќе му оди.
Во следните дваесет дена тој треба да преговара со други партии за да овозможи мнозинство во парламентот кој би му изгласал влада, а најлесно до тоа би стигнал доколку коалицира со досегашниот владин партнер, албанската партија Демократска унија за интеграција.
Според најавите досега, а и самата програма што ја испорача лидерот на ДУИ; Али Ахмети во изборната кампања, а и реално послабите резултати на најголемата албанска партија во Македонија, на овие избори, дел од членовите, а и избраните пратеници од ДУИ се противат на коалиција со Груевски. Тука е и платформата на албанските партии објавена во саботата, со која се залагаат за повеќе албански прашања, без остварување на кои нема да се нафатат на коалиција.
Од ДУИ велат дека чекаат покана за почеток на преговори со Груевски, на кои ќе излезат со платформата. Тврдат дека во неа нема барања кои до сега, во некој момент, не биле актуализирани.
Билал Касами од Беса и Зијадин Села од Алијансата на Албанците, кои заедно освоија осум пратенички места, уште за време на кампањата велеа дека со Груевски и со осомничени политичари не преговараат. Сепак, како дека од платформата која ја поддржуваат, бараат таа да мора да се исполни. Додаваат дека тоа не може да го оствари влада предводена од човек кој што е главен осомничен во Специјалното јавно обвинителство и човек на кој политиките му биле антиалбански.
Од Алијансата за Албанците, велат дека влада со Груевски не доаѓа во предвид, на истиот став е и Беса, од каде додаваат дека нема да влезат во комбинација со никој што е „клинент на Катица Јанева и се сомничи за повеќе кривични дела“, а такви имало и во ВМРО-ДПМНЕ и во ДУИ.
Пред да го добие мандатот, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, во интервју за „Дневник“ и самиот порача дека ќе се обиде да формира влада но не по секоја цена.
Според сите најави до сега, најлесно е да се состави влада во комбинација со ДУИ, затоа што Груевски има 51 пратеник во собранието, а со десетте на ДУИ, се добива слабото, но посакувано мнозинство од 61 пратеник во парламентот. Истата бројка се добива и со коалиција со останатите албански партии кои влегоа во парламентот, но за тоа едноставно нема шанси според нивните најави дека нема да коалицираат со ВМРО-ДПМНЕ, како што велат од Беса и од Алијанса на Албанците, а ДПА пак, која освои два мандата, не влезе дури ни на конститутивната седница во парламентот, а не пак да влезе во некаква комбинаторика.
Постои можност, како што најави самиот Груевски во интервјуто, да не состави влада, по што Уставот, според експертите и не е баш најјасен, како треба да се постапува, но искуството вели дека тоа се случило и во 1992 година, кога Петар Гошев го вратил мандатот, па тој му бил доделен на лидерот на партијата која имала втор најголем број гласови на изборите. Во тој случај, Зоран Заев од СДСМ би го добил мандатот за составување влада. Албанските партии, особено Беда и Алијанса на Албанците, се порасположени за коалиција со него, но и тоа мнозинство во парламентот би било слабо.
Заради сите овие можности, се предвидува ногу брзо да се одржат избори повторно, кои би дале постабилна влада. Останува да почекаме во следните 20 дена да видиме како ќе се одвиваат работите, а политиката не познава граници кога станува збор за седнување во функционерска фотелја./крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Пендаровски ја призна конекцијата со мешетарот Еисин и после се сокри од јавноста“, велат од ВМРО-ДПМНЕ
„Пендаровски ја призна конекцијата и комуникацијата со балканскиот мешетар Асаф Еисин и се сокри од јавноста. Го нема со денови да излезе и да даде одговори, дали тој, дали СДС, дали Ковачевски или сите комплет го ангажирале Еисин за консултации“, вели ВМРО-ДПМНЕ.
„Овој скандал е дотолку поголем што постојат сериозни индиции дека овој сомнителен лик е ангажиран за креирање на црната кампања на власта и за тоа според основани сомнежи се плаќа со пари во кеш. Овие црни пари не се водат во ниедна евиденција и се испумпани од криминалните тендери во РЕК Битола.
Надлежните институции треба овој случај детално да го проверат, бидејќи ангажманот на мешетарот Еисин и двете лица кои му помагаат а кои се сместени во еден скопски хотел, не фигурира во ниеден извештај. Доколку актуелните институции не го истражат овој случај, тогаш после промената на власта се ќе биде детално проверено. Време е за промени, а наскоро после тоа ќе дојде и времето за одговорност“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
„Нема промена во ДПМНЕ, над 80% од листите се истите пратеници кои спроведуваа активни блокади“, велат од СДСМ
„Составот на листите за пратеници на ДПМНЕ потврдува дека во ДПМНЕ нема никаква промена, тоа е партија свртена кон минатото. Повеќе од 80% од кандидатите на листите се истите пратеници, кои спроведуваа активни блокади на Собранието, правеа опструкции и кочеа, сé што е во интерес на граѓаните и државата“, соопшти СДСМ.
„Тоа се истите лица што во време на криза во Собранието ја блокираа помошта за граѓаните и компаниите, кои два дена на собраниска седница ги преместуваа точките на дневниот ред.
Беа и против минималната плата и раст на платите и против членството на државата во НАТО, и против евроинтеграциите, тропаа и вревеа со вувузели додека во парламентот зборуваше Урсула фон дер Лајен.
Нивната работа изминатите четири години ја одбележаа одолговлекувања, бесмислени реплики, штанцање илјадници амандмани за блокада на законите, незакажување седници и неставање на дневен ред на клучни закони во парламентарните комисии, предводени од ДПМНЕ.
Со истите лица на листите Белата палата потврдува дека се определува за блокада на европскиот пат на државата. Со ДПМНЕ е можно само враќање назад.
Изборот пред граѓаните на претстојните избори ќе биде помеѓу надеж и просперитетна европска иднина со СДСМ и безнадежност и враќање 10 години назад со ДПМНЕ“, се наведува во соопштението на СДСМ.
Македонија
Сончево и топло време со температура до 27 степени
Времето денес ќе биде сончево и топло со мала локална облачност. Ќе дува слаб ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 9, а максималната ќе достигне од 20 до 27 степени.
Во Скопје сончево и топло со слаб ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе се спушти до 5, а максималната ќе достигне до 25 степена, јавува УХМР.
Во наредните денови следува период на сончево и топло време со пораст на температурата кон викендот. Утринските температури ќе бидат постојано над нулата, а поголемо наоблачување со услови за појава на дожд се очекува на почетокот на следната недела и ќе биде проследено со умерено спуштање на температурата.