Македонија
Предизборни митинзи во Скопје, Охрид, Куманово
Продолжува изборната кампања, во понеделник со митинзи во Скопје, Охрид, Куманово, Кочани, за предвремените параламентарни избори што ќе се одржат в недела.
Коалицијата За подобра Македонија, предводена од ВМРО-ДПМНЕ, ќе одржи митинзи во скопските општини Кисела Вода и во Центар.
Kоалицијата За живот во Македонија предводена од СДСМ ќе одржат митинзи во Дебар, Струга и во Охрид.
Митинг најави и коалицијата Алијанса за Албанците пред жителите на Куманово.
Централниот изборен караван на Коалицијата за промени и правда, предводена од Демократски сојуз, ќе оствари средба со граѓаните на Маџир маало и други населби во општина Центар. Носителите на листите од 6-те изборни единици (Павле Трајанов, Јове Кекеновски, Весна Стоименовска, Слободан Богоески, Александар Делов и Бранко Мајсторовски), ќе одржат прес конференција пред Олимписки базен кај Југодрво во општина Центар.
Носителот на кандидатската листа на Левица во изборна единица 4 Митко Николов ќе има средба со граѓани на градскиот плоштад во Прилеп.
Коалицијата ВМРО за Македонија денеска во 12 часот во Скопје во штабот на ВМРО-НП ќе одржи конференција за медиумите. Во текот на денешниот ден коалицијата ВМРО за Македонија се очекува да одржи средби со граѓани на општините Пробиштип и Кочани. На средбите свое обраќање ќе имаат предводниците на коалицијата Љубчо Георгиевски, Љубе Бошковски и Стојанче Ангелов.
Лидерот на ДУИ Али Ахмети денеска ќе има средби со граѓани во општина Сарај каде ќе се одржи и централен собир.
Левица денеска пред Комората на извршителите на РМ, на булевар „Илинденска“ (во близина на Владата на РМ) ќе одржи конференција за медиумите за да ги актуелизира темите од нејзината програма од секторот „Правосудство“, насочени кон регулација на македонското извршно право, кое е едно од најстрогите во Европа.
За денеска е најавено и потпишување документ за заштита и унапредување на животната средина од страна на политички партии од изборната единица 6, во просториите на движењето „Еко Герила“ во Тетово./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сончево и топло време со температура до 27 степени
Времето денес ќе биде сончево и топло со мала локална облачност. Ќе дува слаб ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 9, а максималната ќе достигне од 20 до 27 степени.
Во Скопје сончево и топло со слаб ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе се спушти до 5, а максималната ќе достигне до 25 степена, јавува УХМР.
Во наредните денови следува период на сончево и топло време со пораст на температурата кон викендот. Утринските температури ќе бидат постојано над нулата, а поголемо наоблачување со услови за појава на дожд се очекува на почетокот на следната недела и ќе биде проследено со умерено спуштање на температурата.
Македонија
Нема подолги задржувања за влез и излез од државата
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Скопје
Без струја дел од Карпош
Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЕВН, информира дека, поради технички зафати во електродистрибутивната мрежа, без електрична енергија ќе остане дел од Карпош.
Од 9 до 14.30 часот корисниците од улицата Мексичка, улицата Хаванска и дел од улицата Варшавска во општина Карпош ќе бидат без струја.