Македонија
Средба Иванов-Звиздиќ: Македонија и БиХ треба да го искористат вниманието што ЕУ го покажува за Балканот
Македонскиот претседател, Ѓорге Иванов, денеска го прими претседавачот со Советот на министрите на Босна и Херцеговина, Денис Звиздиќ.
Како што информираат од претседателскиот Кабинет, двајцата соговорници оцениле дека двете држави ги карактеризираат традиционално пријателски односи и идентични ставови во однос на унапредувањето на меѓународната и соработката во регионалните иницијативи. На средбата биле разменети мислења за состојбите во регионот и актуелните политички случувања во двете држави и биле потврдени заложбите за целосна интеграција во Европската Унија и во НАТО.
Претседателот Иванов истакнал дека Република Македонија во континуитет го поддржува територијалниот интегритет и суверенитет на Босна и Херцеговина и нејзините напори за интеграција во ЕУ.
„Евроинтеграцијата на државите од Западен Балкан е од суштинско значење за регионалната стабилност и развој. Треба да се искористи моментот кога ЕУ конечно го посветува потребното внимание кон државите од Западен Балкан за сите да напредуваме во интеграцискиот процес“, порачал на средбата претседателот Иванов.
Соговорниците размениле информации за претстојниот состанок на лидерите на земјите учеснички во процесот Брдо-Бриони, чиј домаќин ќе биде Република Македонија, при што претседателот Иванов истакнал дека овој состанок ќе биде одлична можност за продлабочена и структурирана дискусија за интензивирање на евроинтеграциите на Западен Балкан и справување со предизвиците на регионално ниво.
Македонскиот претседател изразил задоволство од унапредувањето на договорната состојба меѓу двете држави и го поздравил потпишувањето на спогодбата за патување на граѓаните од двете земји со биометриски лични карти. На средбата била искажана и подготвеност за натамошно продлабочување на билатералните односи и била посочена потребата од подобрување на инфраструктурното поврзување.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Османи: Европскиот фронт е голема идеја чие време е дојдено
Кандидатот на Европскиот фронт, Бујар Османи, вечерва на митинг пред граѓаните на Кичeво изрази благодарност до лидерите на Европскиот фронт и коалицијата која, како што вели Османи, е продолжение на битките во континуитет една по една, за разбивање на замоците на етничките монополи.
„Европскиот фронт не е политичка партија. Европскиот фронт не е ни коалиција на политички партии, Европскиот фронт е голема идеја. Тоа е одлична идеја чие време дојде, лавина што ги собра соништата на секој граѓанин на оваа земја, за еднаквост, за правда и просперитетен живот во ЕУ. И ова го гледам како ентузијазам, како насмевка во секое населено место каде што одам, бидејќи Европскиот фронт е трета унија, но сега со малку поинаква димензија“, истакна Османи.
Кандидатот на Европскиот фронт, Османи понатаму истакна дека останува уште едена последна тврдина на етничкиот монопол.
„Тврдината која нè загрижува сите и секогаш ни го дава тој сигнал дека се уште не е сè како што треба, сè уште нема еднакви можности за сите, таа е тврдината на првиот претседател. Значи, браќа и сестри, се натпреварувам, на 24 април да ја разберете тежината на оваа мисија, дека вашиот глас не е само за мојата кандидатура, вашиот глас, вашата поддршка е за да ја разбиете последната тврдина на етничкиот монопол и за заокружување на еднаквоста на сите заедници во нашата заедничка држава“, заклучи Османи.
Македонија
Таравари: Ќе ја вратиме некогашната репутација на Куманово и Липково
Ќе ја вратиме некогашната репутација на Куманово и Липково. Ќе го поврземе Куманово со Гњилане и Прешево, ќе инвестираме во агробизнис, грантови и земјоделци Ќе ги поврземе Куманово со Гњилане и Прешево, ќе инвестираме повеќе во агробизнисот, во грантови за земјоделците и во економски развој за да ја вратиме некогашната репутација на земјоделството и производството на регионот на Липково и Куманово. Ова беа дел од пораките кои претседателскиот кандидат Арбен Таравари ги испрати вечерва од општина Липково. Оваа општина ја донесе ДУИ на власт а како награда добива само штета, неправда и лошо владеење.
„Наместо да се привилегира и развива овој регион кој некогаш важеше за кризен регион, лошото владеење на ДУИ го втурна во повеќекратни кризи. Економска и земјоделска криза, невработеност и миграциска криза, но и безбедносна криза и монтирани случаи. Никој повеќе од жителите на овој крај не ги почувствувал последиците од лошото владеење на ДУИ“, нагласи Таравари во својот говор.
Но, според него, оваа состојба ќе заврши со гласот на самите граѓани, кој ВРЕДИ и ќе ја донесе долгоочекуваната промена.
„Ќе донесеме повеќе правда, прво за политичките монтирани случаи, каде што ќе се заложиме за правда и обештетување за оние Албанци кои неправедно се држат во затвор. Никогаш не го забораваме војникот на слободата и жител на овој крај, Реџаил Ќерими, кој неправедно беше држен во затвор 13 години и почина во ќелијата кога отворено се знаеше дека нема врска со она за што го обвинуваа, изјави Таравари.
Меѓу другото, Таравари од Липково повтори дека со доаѓањето на ВРЕДИ на власт ќе се забрани коцкањето, а ќе се простат и долговите од фирмите за брзи кредити кои исто така рече дека ќе се затворат.
Македонија
Кои се седнатите на софра со најголемите криминалци од Грчец, Шиша бар, со оние од убиствата во Ханиоти, прашува Силјановска-Давкова
Ги нема сликите низ весниците кои се најдобар доказ, бидејќи сликите понекогаш повеќе кажуваат од зборовите, за тоа кој е кој во ова корупциско и криминално гнездо, вели професорката Горданa Силјановска -Давкова вечерва од Велес.
„Колку претседатели сте виделе, колку премиери сте виделе, колку министри за внатрешни работи сте виделе седнати на софра со најголемите криминалци од Грчец, Шиша бар, со оние од убиствата во Ханиоти? Може да се сликате со некого на улица, ама на софра да бидете тоа значи дека сте во спрега. Значи, во право е претседалот на ВМРО-ДМПНЕ кога вели дека, не само со чинење, не само со криминални активности, туку и со замижување пред криминалот и корупцијата вие сте соучесник во нив, посочи Силјановска Давкова и додаде:
„Во овие избори има нешто специфично, до ѕидот сме доведени. Вие заслужувате власт соодветна на вашето достоинство, власт од којашто нема да се плашите и срамите, туку ќе се гордеете“, порача вечерва од Свети Николе, кандидатката за претседател на државата, поддржана од ВМРО – ДПМНЕ и коалициските партнери