Македонија
Трајановски го посети пунктот за бездомни лица во Момин Поток
Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски и претседателот на Советот на Град Скопје, Ирена Мишева, го посетија пунктот и прифатилиштето за бездомни лица, лоциран во Момин Поток и им поделија хигиенски пакети, пакети со прехранбени производи и гумени чизми.
„Градот Скопје во соработка со Црвениот крст на Град Скопје, континуирано го помага работењето на овој центар, а во 2011 година го отвори Прифатилиште за згрижување и привремено прифаќање на лицата бездомници кое овозможува засолниште, дневен престој со оброк, здравствена заштита, услови за одржување хигиена и други психосоцијални услуги. Бездомниците во овој центар добиваат хигиенски услуги, чисти алишта, берберски услуги, лекарски преглед и неопходни лекарства, разговор и совети од психолог и топол оброк. Градот Скопје за набавка на сместувачки капацитети во 2011 година издвои 1.400.000 денари и со отворањето на Прифатилиштето, капацитетите на постојниот Пункт на Црвен крст се зголемија за 60 квадратни метри. Просторот е опремен сo 16 кревети, тоалети, кабина за туширање, чајна кујна и други неопходни средства за функционирање на Пунктот со што може да одговори на потребите на овие лица. Сега имаме нов проект од Црвен крст за проширување на капацитетот за сместување на бездомни лица, односно за уште еден контејнер со 16 легла и повеќе туш кабини и јас на следната седница на Советот на Град Скопје ќе предложам средставата во износ од 2.000.000 денари кои беа предвидени за Новогодишната прослава во градот да ги намениме за проширување на капацитетот за сместување на бездомни лица во пунктот во Момин Поток“, истакна градоначалникот Трајановски.
Пунктот за бездомници на Црвен крст на град Скопје е отворен во 2008 година, и во текот на работната недела работи во понеделниците кога бездомниците добиваат хигиенски услуги и секој петок кога добиваат и чисти алишта, лекарски преглед и неопходни лекарства, разговор и совети од психолог, оброк и топол напиток. Транспортот на корисниците на услуги на пунктот го обезбедува Црвениот крст и тоа од неколку локации во градот и по добиените услуги, бездомниците повторно се враќаат на истата локација.
Прифатилиштето ги нуди своите услуги и во ситуации кога температурите надвор се многу високи или ниски со цел да се згрижат привремено и да се избегне смртноста кај оваа група на граѓани.
Црвениот крст на град Скопје, со поддршка на Град Скопје и годинава од 30 декември 2016 година, поради екстремно ниските температури им понуди 24 часовно згрижување на бездомниците. Изготвен е логистички план кој вклучува ангажиран тим кој функционира 24 часа и е воедно мобилен и спремен да ги преземе бездомниците од местата каде што се лоцирани. Од неговото отворање па до сега секоја зима во прифатилиштето се реализираат акции за згрижување од студен бран кога се сместуваат во просек 20 лица, а во текот на годината заради болест се згрижуваат во просек 5-10 лица.
Бездомниците може да го повикаат тимот од Пункот на телефонскиот број 3139 578 во Дирекцијата на Црвениот крст на град Скопје.
Вкупниот трошок за функционирање на пунктот на годишно ниво изнесува 1.700.000 денари, од кои 500.000 ги обезбедува Град Скопје, а преостанатите се обезбедуваат од буџетот на Црвениот крст на град Скопје, како и од други донатори./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ОЈО: Сите сомненија за кривични дела кои би можеле да го нарушат изборниот процес ќе бидат испитани
Во текот на изборниот ден до затворањето на избирачките места, на електронската адреса на Јавното обвинителство на Република Северна Македонија не пристигнала ниту една пријава за кривично дело поврзано со изборите, информираат од оваа институција.
„Согласно информациите добиени од јавните обвинителства низ целата држава, изборниот ден во првиот круг од изборите за Претседател на Република Северна Македонија помина мирно и без поголеми нарушувања на изборниот процес. Не се забележани посериозни инциденти кои би имале обележја на кривично дело против изборите и гласањето или други кривични дела кои би го загрозиле изборниот процес.
Привремената Комисија на Јавното обвинителство за евентуални изборни нерегуларности го следеше текот на гласањето, а во текот на денот беа организирани вонредни дежурства во сите основни јавни обвинителства. Јавното обвинителство се координираше и со останатите институции надлежни за следење на изборниот процес“ се додава во официјалниот допис од обвинителството.
Комисијата, како што нагласуваат, ќе продолжи со својата работа до завршување на изборниот циклус.
Додаваат дека сите евентуални сомненија за кривични дела кои би можеле да го нарушат изборниот процес ќе бидат испитани, а предметите ќе имаат приоритет на постапување во јавните обвинителства.
Македонија
Левицата: Проблеми со фингерпринтот во Куманово, Ѓорче Петров, Аеродром, доцнење на гласачкиот процес и нерегуларности во избирачкиот список
Од Претседателскиот изборен штаб на кандидатот за претседател Билјана Ванковска информираат дека денешниот изборен ден поминal мирно во фер и демократска атмосфера, но нагласуваат дека сепак се случиле некои помали проблеми на изборните места.
Како што информираше Моника Маневска, портпаролот на Ванковска, забележани се помали проблеми со фингерпринтот на повеќе гласачки места како Куманово, Ѓорче Петров, Аеродром и др.
Истакна дека од терен добиваат информации дека во Куманово се правеле редици заради проблемите со фингерпринт, а во некои изборни места гласањето почнало со доцнење.
Исто така беше кажано дека и на овие избори се појавуваат нерегуларности во избирачкиот список па така во некои изборни места има запишано почонати гласачи, а некои гласачи кои се со постојано место на живеење и без промена на адреса ги нема во изборниот список.
Македонија
Ромите за Демократија: Членови на СДСМ се закануваa на Ромите набљудувачи на изборите
Денес, додека Северна Македонија ги организира своите претседателски избори, се појави голема загриженост за безбедноста и интегритетот на изборниот процес. Членовите на фондацијата „Ромите за Демократија“, кои се набљудувачи на изборите, беа изложени на сериозни закани и заплашувања од членови поврзани со партијата СДСМ, се истакнува во соопштението на оваа фондација.
Додаваат дека како одговор на овие алармантни случувања, фондацијата „Ромите за Демократија“ испратила официјално писмо до лидерот на партијата СДСМ, во кое бараат итна акција.
Во писмото, како што појаснуваат, се повикува на итна истрага за заканите кон ромските изборни набљудувачи и се нагласува потребата од брзи и соодветни санкции против сите вклучени членови на партијата.
Фондацијата „Ромите за Демократија“ најостро го осудува овој чин на заплашување што се применува врз ромските набљудувачи на изборите“, изјави Селвије Мустафи Алкан, извршен директор на Фондацијата.
„Безбедноста на сите набљудувачи на изборите мора да бидат гарантирани за да се обезбеди интегритет на изборниот процес и да се поддржуваат принципите на демократијата“.
Во писмото дополнително се бара одговор од лидерот на партијата СДСМ до крајот на денот, во кој се наведени чекорите преземени за решавање на ситуацијата и спречување какви било дополнителни инциденти. Непочитувањето, како што велат, ќе резултира со информирање на меѓународната заедница, нагласувајќи ја одговорноста на партијата за безбедноста на набљудувачите на изборите.
„Нема да толерираме никакви закани или насилство врз оние кои се посветени на обезбедување слободни и фер избори“, продолжи Алкан. „Партијата СДСМ мора да ги почитува принципите на демократијата и да преземе итни активности за да ја обезбеди безбедноста на ромските набљудувачи на изборите“, истакнуваат од оваа фондација.