Македонија
Битов: Македонија ми е во срцето
Во хотелот Шератон, во центарот на Торонто, во Канада, викендов што измина се одржа голем настан за Македонија и Македонците надвор од нејзините граници на која бединетата македонска дијаспора на Џорџ Битов во Торонто, Канада, му додели награда за животно дело
Лилица Китановска, Глас на Америка на македонски јазикВо хотелот Шератон, во центарот на Торонто, во Канада, викендов што измина се одржа голем настан за Македонија и Македонците надвор од нејзините граници. Обединетата македонска дијаспора, организација под раководство на претседателот Методија Колоски, овде ја одржа својата втора глобална годишна конференција. Во извонредно богатата програма уште од првиот ден, организаторите најдоа за потребно да го почестат човекот што остави силен печат во борбата светот да дознае за македонското прашање – Џон Битов. Неговата биографија, добиени признанија и активности во кои учествувал се преобемни и за фактичко набројување, но овде само ќе кажеме дека овој горд Канаѓанец никогаш не го заборавил своето македонско потекло. Денес себеси се претставува само како – пензионер: „Пензиониран сум, минувам многу време со сопругата и со внуците, малку голф, седам во неколку одбори на големи корпорации, но имам многу време“. За наградата, вели, многу е почестен. Особено што доаѓа од оваа организација која ја нарекува „број еден“ меѓу сите слични во кои бил инволвиран во текот на животот. А тој живот, еве како самиот го сумира: „Иако сум роден во Канада, доаѓам од семејство, произлегувам од мајка и татко кои беа стопроцентно посветени на Македонија и дома зборувавме само македонски. Братот на мајка ми беше еден од првите основачи на македонска организација. Доаѓам од семејство кое секогаш било инволвирано во македонското прашање. Дури и покрај тоа што Македонија беше во Југославија, а Југославија беше комунистичка, а јас никогаш не го признав комунизмот бидејќи верувам во капиталистички систем, сепак одев во Македонија, многу, многупати, помагав и работев со многу претседатели, од кои многумина ми станаа блиски пријатели. Македонија секогаш била во моето срце. Така ќе биде додека умрам“, изјави за Гласот на Америка на македонски Џон Битов.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Маричиќ: Ја имаме најголемата шанса за влез во ЕУ до сега
Вечерва од Кисела Вода, Меѓународниот секретар на СДСМ и кандидат за пратеник, Бојан Маричиќ се обрати од собирот на граѓани.
Во своето обраќање вети надеж, посветеност и напорна работа на СДСМ и Коалицијата за европска Македонија.
„Ние ја гледаме иднината на државата како горда и рамноправна членка на ЕУ најдоцна до 2030 година. Сега ја имаме најголемата шанса досега за влез во ЕУ – извесно е, предвидливо е, остварливо е. Заедно ќе успееме“.
Маричиќ посочи дека патот кон ЕУ не е лесен. Но, државничките одлуки што ги донесе Владата на СДСМ во изминатиот период ја приближија земјата до ЕУ.
„Од почетокот на 2022 до оваа година, посветено спроведувавме политики и мерки кои гарантираат економска сигурност, подобрен животен стандард и солидарност.
Докажавме дека грижата обезбедува поддршка, стабилност и спокојство за сите наши граѓани. Посебно внимание посветивме на социјално ранливите групи и пензионерите. СДСМ има конкретна, издржана и остварлива програма грижа за сите категории граѓани и за идниот развој на државата“, рече Маричиќ.
Македонија
(Видео) Ковачевски: ЕУ е единствената шанса за суштинска промена во Македонија, нема откажување од иднината
„Нашиот главен фокус останува членството во Европската Унија. ЕУ е единствената шанса Македонија да се промени и да напредува. Едноставно, друг начин нема, друга опција не постои. Со членството во ЕУ ќе се случи вистинска и суштинска промена кон подобро во нашата земја“, рече претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски од предизборниот митинг на СДСМ и Коалицијата за европска иднина во Охрид.
„Јас верувам дека во Европска Македонија животниот стандард ќе биде многу подобар, и дека во Европска Македонија ќе успееме да изградиме систем на владеење на правото и ефикасна борба против криминалот и корупцијата. Се согласувам дека тој пат не е лесен – истакна Ковачевски и додаде: СДСМ покажа дека има храброст да носи тешки, но важни и неопходни одлуки. Има ли подобар доказ од тоа дека Македонија стана рамноправна членка на НАТО? Има ли подобар доказ за тоа од фактот дека Македонија ги започна преговорите со ЕУ“, беше дециден Ковачевски
„СДСМ, Коалицијата за европска иднина и нашиот претседател Стево Пендаровски ви нудиме јасен план за европски животен стандард, просперитетна и развиена држава, во која функционира демократијата, владеењето на правото, социјалната правда и во која има слобода медиуми“, рече Ковачевски.
„Одиме на победа! Нема застанување додека не ја направиме Македонија дел од Европа! Нема откажување додека Европа не ја донесеме во Македонија! Нема откажување од иднината!“, порача Ковачевски од предизборниот митинг на СДСМ и Коалицијата за европска иднина во Охрид.
Македонија
(Видео) Димитриевски пред граѓаните на Велес: Нема коалиција додека не се потпишат и дефинираат црвените линии за Македонија
Претседателскиот кандидат Максим Димитриевски, од Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, вечерва се обрати пред граѓаните на Велес.
„За нас и едните и другите се подеднакво исти. Во оваа наша држава од 90-та година наваму граѓаните само еднаш гласаа За. На референдумот за независност. И така 30 години се вртиме во круг и гледаме како Македонија ја прават наменска држава, по нивни терк“, рече тој пред велешани и додаде дека тие се против модерното ропство.
„Ние сме за поголеми права, поголеми плати, поголеми пензии, подобар стандард на граѓаните. Ние тоа ќе го реализираме. Тешко ќе биде, но ќе успееме. Македонецот ќе биде и граѓанин од прв ред и свој на своето, зашто Македонија ќе биде самоодржлива држава со силна економија“, потенцира Димитриевски.
„Не негираат оние кои се прегрнуваат со нашата политичка елита. Ние сме тука да ги потсетиме дека нема да може да прават што сакаат и затоа ја бараме поддршката од вас. Мораме да ги промениме работите. Корупцијата ја уништува Македонија. Криминалот е на секој чекор. Професионалци има насекаде, но се ставени во ќош. Партиските војници газат по професионалците“, рече Димитриевски и додаде дека на овие избори ќе го даде максимумот за во Македонија никогаш повеќе да не биде како што било.
Тој исто така рече дека од сегашната опозиција, а довчерашна власт, даваат некакви понуди за национална стратегија, што, како што потсети,е идеја на ЗНАМ. Димитриевски потенцира дека први ја предложиле таа идеја и рекле дека нема да коалицираат, ниту ќе разговараат со некој за идна коалиција без претходно да бидат потпишани и дефинирани црвените линии за Македонија.
„При тоа сакам од тука, од Велес да упатам една порака, бидејќи рековме дека со ова актуелно раководство на СДСМ, коешто многу се огреши и кон народот и кон Македонија, нема теоретска шанса да разговараме за идна коалиција. Но, сакам да испратам порака и до оние кои беа власт претходно. Дека пред да седнат со нас на маса ќе треба да расчистат со основниот проблем кај нив и сето она што значи заостанати коруптивни дела од претходната власт, бидејќи немаме намера да менуваме едни за други исти“, рече Димитриевски.
Му порача на Мицкоски да внимава што, како и на кој начин ги презентира своите и тие околу него, но да внимава и какви понуди дава, бидејќи за нив од ЗНАМ зборот е збор и си тежи.
Димитриевски рече дека идна влада без ЗНАМ нема да има, но, дека се подготвени да бидат и опозиција.
„Народот многу повеќе знае од сите нас. Ние имаме обврска, како нова политичка гарнитура, да сме искрени кон вас и кон сите граѓани. Можеби нема да добиете безконечен број на ветувања. Но, тоа што ќе го ветиме ќе го оствариме, зашто имате работа со чисти и чесни луѓе“, рече Димитриевски обраќајќи се пред граѓаните на Велес.
Пред граѓаните на Велес се обрати и носителот на кандидатската листа за ИЕ 3, Генерал-мајор во пензија Павле Арсоски, кој подетално ја претстави програмата на партијата и рече дека, покрај другото, ќе се заложат и за подобрување на условите за работа на припадниците на Армијата на Македонија.
Во текот на денешниот ден караванот на кандидатот за Претседател на државата од Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, Максим Димитриевски, имаше повеќе средби и разговори со граѓаните на Ѓорче Петров.