Македонија
Во Македонија за првпат извршена трансплантација на рожница
Три трансплантации на рожница за првпат во Македонија се извршени во Европската очна болница во Скопје. Министерот за здравство, Никола Тодоров изјави дека Македонија со ова се вбројува во една од ретките земји во поширокиот регион каде се изведуваат ваков вид интервенции.
„Едната интервенција која е направена е сложена, извршена е кај млад пациент кој имал тешка повреда на окото. Доколку ваква интервенција не се изведувала во Македонија она што требало да се преземе е отстранување на окото и ставање протеза, што значи комплетно слепило на едното око“, изјави министерот Тодоров.
До крајот на годинава, во договорот со Фондот за здравствено осигурување, е предвидено да се направат до десет такви интервенции. Пациентите ја плаќаат само партиципацијата, тоа е до 6.000 денари, а останатото го плаќа Фондот. Цената на интервенцијата е над 210.000 денари, онаа која е договорена од страна на Фондот, појаснил министерот, потенцирајќи дека трансплантацијата на рожница е најчеста трансплантација која се прави во светот, а годишно се прават околу 40.000 од донор.
Од Европската очна болница го информирале дека станува збор за рожници кои ги обезбедуваат од САД кои се квалитетни и по сите стандарди.
Директорот на Европската очна болница, офталмологот Фарук Семиз изјави дека после интервенциите тројцата пациенти прогледале и се во добра здравствена состојба.
„Постапката на операциите е една најретките во светот. Рожницата е провидниот дел на окото. Откако таа ја губи функцијата пациентот почнува да го губи видот. Ние ја вадиме рожницата која ја изгубила функцијата и ставаме нова рожница која може да гледа. Оваа операција трае 35 до 50 минути. Ова е резултат на најсовремената технологија што ја користи Европската очна болница, како и на големото знаење на нашите доктори“ посочил Семиз, потенцирајќи дека има голем број пациенти кои чекаат за трансплантација на рожница и дека тие ќе се обидат да им помогнат./крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
УЈП: До 26 април продолжен рокот за поднесување на ДДВ-04 пријавите
Управата за јавни приходи информира дека пропишаниот рок за поднесување на Пријавите за данокот на додадена вредност “ДДВ–04“ кој истекува на 25.04.2024 година, се продолжува за еден ден.
Според соопштението од УЈП, краен рок за поднесување на пријавите ДДВ -04, ќе се смета 26.04.2024 година, имајќи ја во предвид владината одлука со која 24.04.2024 година -среда, се прогласува за неработен ден за сите граѓани.
Македонија
Гласањето на затворениците и болните се одвива без проблеми, велат од ДИК
Денес, 2.569 гласачи своето право на глас ќе може да го остварат во 31 гласачко место во ДКП, каде што се пријавиле да гласаат, а чии пријави се прифатени од страна на Државната изборна комисија.
На гласачките места во 14 казнено-поправни установи своето гласачко право денеска ќе може да го остварат 2.147 гласачи. Сите гласачки места во казнено-поправните установи се отворени утрово во 7 часот и гласањето таму ќе трае до 19 часот.
До овој момент гласањето тече без проблеми. Во текот на денешниот ден своето гласачко право во единствениот центар за внатрешно раселени лица ќе може да го остварат и двајца гласачи, кои се водат како внатрешно раселени.
Во текот на денешниот ден избирачките одбори во Република Северна Македонија ќе го спроведат гласањето на лица што се болни или немоќни, а до општинските изборни комисии доставиле известувања со соодветна документација. Во своите домови гласачкото право ќе го остварат 6.935 граѓани, кои се пријавиле како болни или немоќни.
Денес, 534 гласачи, кои се сместени во 20 центри за вонсемејна грижа, ќе имаат можност да го остварат своето право на глас во центарот во кој се сместени. Постои изразен интерес и за набљудување на овие избори од страна на домашни, странски и меѓународни организации и медиуми. Државната изборна комисија досега им издаде акредитации за набљудување на 342 домашни, 517 странски и меѓународни набљудувачи, 51 преведувач и 32 странски новинари. На сите граѓани на располагање им се и интернет-страницата на ДИК, www.sec.mk, како и страниците на социјалните мрежи „Фејсбук“, X, „Инстаграм“, како и каналот на „Јутјуб“, каде што ќе може да најдат правовремени и точни информации поврзани со изборите.
Со право на глас на овие избори во Избирачкиот список се запишани вкупно 1.814.317 гласачи.
Македонија
Инспекторатот ќе контролира дали работодавците ја почитуваат владината одлука за неработен ден
Државниот пазарен инспекторат им укажува на сите работодавци дека во согласност со заклучокот на техничката Влада деновите на изборите – 24 април 2024 година (среда) и 8 мај 2024 година (среда) – се неработни за сите граѓани.
„Работодавците во наведените денови не треба да извршуваат дејност со исклучок на оние кај кои работните процеси поради својата природа не може да се прекинат“, порачаа од Инспекторатот.
За наведените денови, Државниот пазарен инспекторат ќе воведе дежурства и преку државните пазарни инспектори ќе контролира дали заклучокот на техничката Влада се почитува од страна на работодавците.