ОМД: Грција ја користи деликатната криза во Македонија за поени дома

ОМД: Грција ја користи деликатната криза во Македонија за поени дома

 

За време на посетата на Србија, запрашан за односите со Македонија и проблемот на Грција со името на македонската држава, грчкиот премиер Ципрас изјави дека билатералните односи помеѓу Грција и нејзините соседи не можат да бидат успешни без да се има обострана почит, со што оваа изјава е уште една од низата обиди на Грција да ја прикрие вистината за проблемот што Грција го има со својот северен сосед – Репулбика Македонија, порачуваат од Обединетата македонска дијаспора (ОМД).

 

ОМД, како најголема организација на Македонците надвор од Македонија, се чувствува одговорна пред македонскиот народ најостро да ја осуди оваа изјава и да му ги посочи на грчкиот премиер следните факти:

 

Веќе дваесет и пет години, од денот на осамостојувањето на Република Македонија, Ципрас и неговните претходници имаат непријателски и обезвреднувачки однос кон својот северен сосед, кому на најгруб начин се обидуваат да му го одземат основото човеково право на самоопределување, според повелбата на Обединетите нации, а и правото на употреба на мајчиниот јазик на македонското малцинство во Република Грција.

 

Грција, во име на почитта кон својот северен сосед и добрососедските односи во изминатите дваесет и пет години, ги презеде следниве активности:

 

  • Блокада на Република Македонија за влез во Обединетите нации, а потоа влез со обезвреднувачка и апсурдна референца;

 

  • Непочитување на Бадентеровата комисија и силно лобирање пред Лисабонскиот договор во 1992 година;

 

  • Дискусии за поделба на Македонија по насилен пат помеѓу Митцотакис и Милошевиќ;

 

  • Тригодишно еднострано економско и трговско ембарго со цел за целосна дестабилизација и ослабување на Македонија, кое беше критикувано од тогашната Европска заедница на држави;

 

  • Притисок за промена на македонското знаме и устав;

 

  • Непочитување на пресудите од Европскиот суд за човекови права за правата на македонското малцинство во Грција;

 

  • Вето за членство на Република Македонија во НАТО, со што ја прекрши Привремената спогодба од 1995;

 

  • Блокирање на датумот за преговори во Европскиот совет за влез на Република Македонија во Европската Унија;

 

  • Непочитување на Пресудата на Хаг од 2011 година.

 

Премиеру Ципрас, Македонија направи доволно отстапки и покажа голема зрелост и капацитет за почитување на своите соседи. Единствениот начин за подобрување на односите помеѓу Република Грција и Република Македонија е Република Грција да изрази почит кон македонскиот народ, македонскиот јазик, македонската култура и македонскиот идентитет, како и почит кон постоењето на македонското малцинство во Грција, велат од ОМД.

 

Сто триесет и пет држави во светот, меѓу кои и четири постојани членки на Советот за безбедност на ОН го прифатија и го почитуваат македонскиот идентитет, јазик и култура. Многу партнери на Грција во ЕУ во билатерална комуникација го користат Уставното име на Република Македонија. Останува на Премиерот Ципрас и на Република Грција, во 21 век, во име на напредок, соработка и добрососедство да пристапи одговорно и добрососедски, за да можеме заеднички да изградиме регион со заемна почит на нациите. Се друго е само обид за деструкција и негативна енергија, која низ историјата се има покажано како многу дестабилизирачка и кобна на Балканот. Македонија го има тоа искусено најмногу во 1913 и 1946 година., додаваат од ОМД.

 

ОМД е цврсто уверена дека доколку Грција ги промени своите крајно екстремни ставови, лесно ќе се најде решение за сите билатерални проблеми. Република Македонија веќе има декларирано дека нема територијални претензии кон своите соседи, заклучуваат од организацијата./крај/мф/бс