Македонија
На новинарите не им беше дозволено да ја следат седницата на Уставен, пред судот само контрадемонстрантите
Обезбедувањето на Уставниот суд не им дозволи на новинарите да влезат во Судот и да ја следат седницата на којашто се одлучува за укинување на измените на Законот за помилување донесени во 2009 година, со што на Претседателот на државата ќе му се овозможи да помилува лица осудени за изборни нерегуларности, педофили, како и лица осудени за дела против човечноста.
Иако седниците на Уставниот суд досега беа јавни и новинарите ги следеа, освен гласањето на судиите кое е тајно, оваа седница е затворена за јавноста.Новинарите побараа писмена одлука и образложение зошто седница на Судот е затворена за јавноста, но од Судот нема никаков одговор. Пред Уставниот суд останаа само контрадемонстрантите кои уште во вторникот наутро ги организираше официјално лидерот на ГРОМ и градоначалник на скопската општина, Карпош, Стевче Јакимовски, за како што рекоа, „да го бранат Уставниот суд“. Иако граѓанската платформа „Ајде“ пред неколку дена најави протест пред Уставниот суд за во вторникот во 18 часот и целовечерно бдеење над Уставот, сепак. полицијата не им дозволи да пристапат пред Уставниот суд и масата запре пред новиот Македонски народен театар кој е на стотина метри од новата зграда на Уставниот суд.Овој протест го поддржа и опозициската СДСМ и нејзиниот лидер Зоран Заев.Демонстрантите кои се собраа да протестираат против евентуално донесување одлука на Судот со којашто ќе можат да се помилуваат лица за изборни нерегуларности и да побараат оставки од уставните судии кои претходно гласале за ваквата одлука, синоќа се разотидоа по наводна дојава оти владејачката партија собирала контрадемонстранти од цела држава, со што би можело да се случат инциденти. Утрово пред Судот имаше големо присуство на полицијата, а бројот на контрадемонстранти сé повеќе се зголемува. Постојано доаѓаат луѓе од цела Македонија, за како што велат да го бранат „уставниот поредок“.Сите тврдат дека дошле по своја волја и дека не се од ниту една партија. Дел од контрадемонстрантите со кои разговаравме не би поддржале одлука со која на Претседателот би му се дала можност да помилува лица осудени за изборни нерегуларности, педофили, но велат дека одлуките на Уставниот суд мораат да се почитуваат.„Очекуваме да не се мешаат луѓето, премногу, Судот е тој што треба да функционира нормално“, изјави еден од граѓаните пред Уставниот суд. На прашањето дали смета дека шефот на државата треба да помилува лица осудени за изборни нерегуларности, педофили, еден од демонстрантите вели: „Не мислам, судот си ја знае работата , ние треба да ја почитуваме одлуката. Нема да донесе таква одлука, веруваме во Судот, Судот е највисока институција која треба да ја почитуваме, додека е потребно ќе бидам тука“, изјави за Макфакс еден од контрадемонстрантите, кој бараше да остане анонимен.„Од Велес сум, никој не ме повика, мојата совест не ми дозволува да попуштам во една ваква некоректна и нечесна игра да се урива Уставот на државата .Не сум партиски определен, очекувам да заврши овој хаос, измислени игри, нечесни работи“, изјави друг демонстрант.Дел од жителите на зградата „Ибни Пајко“ којашто се наоѓа во близина на зградата на Уставниот суд се жалат дека демонстрантите вршат нужда кај зградата, дека не им се обезбедени тоалети и дека се шират зарази.„Кај да ги носам тука да поминат внучињата од градинка. Секаде мократ тука, немаат тоалети“, вели жена која живее во зградата.Засега нема најави дали граѓанската платформа „Ајде“ ќе има протести и до кога пред Судот ќе има шатори и контрадемонстранти.Во 2009 година имаше измени на овој Закон и со тогашните измени Претседателот веќе немаше можност да помилува лица кои ќе бидат осудени за изборни нерегуларности.Предлогот којшто е ставен на дневен ред на денешната седница се совпаѓа со отворањето на случајот „Титаник“ од страна на Специјалното обвинителство во кој осомничени се високи функционери во ВМРО-ДПМНЕ, меѓу кои поранешната Министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, поранешниот Министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, актуелниот секретар на Владата, Кирил Божиновски, градоначалникот на Пустец, Едмонд Темелко и уште пет други лица.Сите се товарат за вмешаност во изборни нерегуларности./крај/мф/ффс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Таравари од централниот митинг во Струга: Зголемување на минималната плата до 800 евра за борба против имиграцијата
Кандидатот за претседател од редовите на ВЛЕН, Арбен Таравари, ја изрази својата заложба за борба против имиграцијата преку зголемување на минималната плата во нашата земја. Во рамките на идната влада се планира зголемување на платите и до 800 евра, со што ќе се создадат нови можности младите мажи и жени да останат и да придонесат за развојот на државата.
Преку грантови за технологија и иновации, Таравари рече дека владата има за цел да ги поддржи нивните креативни идеи, фокусирајќи се на развојот на земјата како атрактивна алтернатива за младите.
„Иселувањето кај нас е над секоја норма, бројките се алармантни. Не можеме да останеме рамнодушни на оваа ситуација. Така како следна влада на ВЛЕН ќе донесеме одлука за покачување на платите. Ќе се заложиме минималната плата до крајот на нашиот прв владејачки мандат да биде 800 евра. Преку грантови за технологија и иновации, ќе ги поддржиме младите мажи и жени со нивните креативни идеи, кои првенствено служат за нашиот развој како држава. Ова ќе биде дополнителна причина да ја гледаат иднината овде со нас, недалеку од нивните домови, недалеку од нивниот роден град“, рече Арбен Таравари на централниот митинг во Струга.
Македонија
(Видео) Силјановска -Давкова: На 9 мај ќе го славиме Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа, но ќе славиме и за Македонија
„На 9-ти мај ќе го прославуваме Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа! На 9-ти мај, ќе ја славиме Македонија како твоја и Македонија како горда! Ви ветуваме дека ќе докажеме дека нема да ве срамиме, дека нема да ги заборавиме државните и нациолнални интереси, кои тие не само што ги заборавија, туку и ги погазија! Молам за доверба!“, рече Горданa Силјановска -Давкова, кандидат за претседател на Македонија.
„Верувајте ми, има моменти во историјата! А таков е овој, кога мора да сме заедно! Кога како никогаш досега, потребна ни е вашата поддршка! Без вас не може да направиме единство! Без вас Македонија не може да биде ниту твоја, ниту горда! Без вас не може да дојдеме до победа! Вие го имате првиот и последниот збор! Ви веруваме!
Денес е Денот на светското културно наследство. Охрид е незаменлив и ценет, драгоцен дел од него. Охрид е споменик и дом на европското христијанство! Да го чуваме! Не заборавајте: Без Охрид, Македонија нема да биде почитувана!
Час поскоро, активирајте го универизтетот на Плаошник! Оваа власт не знае што е култура, за неа културата е бизнис. Ако започна изградбата во времето на ВМРО-ДПМНЕ, мора да доврши.
Во насока на јакнење на културниот туризам ќе покренам организирање на меѓународен форум – Плаошник форум, на кој ќе се дискутира соработката на цивилизациите, религиите и културите. Сето ова во соработка со УНЕСКО и Министерството за култура! Упатувам порака дека: Плаошник може да биде центар на дијалог на цивилизациите! Дијалог на религиите! Центар на културен дијалог! Затоа сум горда на него!“, додаде Горданa Силјановска -Давкова.
Македонија
Мицкоски: Повикувам на обезбедување на македонско национално единство, обзнанувам мораториум и запирање на сите напади кон партиите Левица и ЗНАМ
Нашето име е ВМРО-ДПМНЕ, ВМРО – демократска партија за македонско национално единство. Тоа е многу силно име, кое не само заради историското ВМРО и континуитетот на кој се повикуваме како идеја и организација која ја славиме и која е нераскинлив дел од македонското национално движење и можеби најзначајна за македонскиот национален идентитет, туку истовремено и поради обврската и одговорноста која и вториот дел од името ја носи со себе, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски од големиот народен митинг во Охрид, од каде што традиционално ВМРО-ДПМНЕ ја почнува кампањата за парламентарните избори.
Мицкоски посочи дека долго време таа обврска и одговорност како да се одбегнуваше, а понекогаш и се занемаруваше и никогаш како сега не било важно како сега да се случи обединување, да се обезбеди национално единство.
„Мојата прва иницијатива за обезбедување на македонско национално единство ќе ја започнам со тоа што сакам да обзнанам мораториум во нападите кон партиите Левица и ЗНАМ. Ова го чувствувам како потреба на македонскиот народ но, и како моја обврска да се обидам да ја реализирам идејата за национално единство во моменти кога таа и е најпотребна на Македонија“, рече Мицкоски.
Додаде дека со Левица и ЗНАМ, ВМРО-ДПМНЕ има свои разлики по повеќе прашања и од идеолошка но и од принципиелна природа, но смета дека во моментов, најважно за Македонија е да се фокусираат на оние кои што ја киднапираа државата од граѓаните.
„Но, ценам дека во моментов најклучно за иднината на земјата е да се фокусираме на оние кои ја киднапираа Македонија од рацете на граѓаните. Разидувањата сигурно ќе продолжат, но мора да наоѓаме заеднички јазик без разлика на лични и партиски суети и интереси. Од нив не очекувам да го направат истото. Дури можеби и ќе ме нападнат за овој гест, можеби некои оправдано ќе кажат дека задоцнет, но и покрај тоа, како и да се однесуваат споменатите партии, ние како партија ќе опстоиме на нашиот збор“, порача Мицкоски.