Вајгл: Груевски рече дека „ќе инсистира до крај, бидејќи не му се оди во затвор“

Вајгл: Груевски рече дека „ќе инсистира до крај, бидејќи не му се оди во затвор“

 

Состојбата во Македонија е доста сериозна, но се уште не е крајно алармантна, изјавил во петокот европратеникот и известувач за Македонија во Европскиот парламент (ЕП), Иво Вајгл, кој заедно со еврокомесарот Јоханес Хан неделава престојуваше во посета на Македонија, пренесува Al Jazeera.

 

„Секој ден нешто се случува, сега во Собранието се договорија за некаква кадровска комисија. Тие кои треба да формираат влада дозволија претседателот на Собранието да биде избран од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, така што тоа е некаков гест на толеранција“, рекол Вајгл за агенцијата Анадолија.

 

„Тие имаат мнозинство, но му ја дадоа фунцкијата претседател на Собранието на ВМРО-ДПМНЕ. Најкарактеристична сепак беше изјавата која ни ја даде претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, дека ќе инсистира до крај и дека не му се оди во затвор. Доколку тоа е мотивот за се, тогаш уште долго време ќе нема компромис“, навел Вајгл.

 

Меѓутоа факт е дека тие кои имаат мнозинство, предводени од СДСМ, „сега имаат некаква друга можност“. „Тие можат, врз основа на мнозинството кое што го имаат, доколку дојде до воспоставување на составот на Парламент, а до него водат и други патишта, не  само преку претседателот Ѓорге Иванов, да изберат влада и да го заобиколат Иванов“, вели Вајгл.

 

Словенечкиот европратеник исто така нагласил дека „главните случувања се на улиците“.

„ВМРО-ДПМНЕ бескомпромисно ги повика луѓето на улица и парадираат, а и тие со нив. Се плашам дека работите на улиците можат да ескалираат, но не можеме да предвидиме како. Не сакам да говорам за најцрните сценарија, меѓутоа таму тие се можни. Секој ден има се поголемо агитирање против Албанците. Веројатно и другата страна го прави истото. Албански јазик не знам, така што не можам да ги следам нивните медиуми“ вели Вајгл.

 

Тој додал дека во моментов „европските институции прават што можат“ но дека на крајот „Заев и Груевски треба да се состанат во четири очи и чесно да се договорат околу тоа каде ја водат земјата“./крај/мф/бс