МАКФАКС

Попоски до Бушати: Секој да си гледа во сопствениот двор, потребна е реторика за 2017, а не за 1913 година

Попоски до Бушати: Секој да си гледа во сопствениот двор, потребна е реторика за 2017, а не за 1913 година
11.01.2017, 16:43

Шефот на македонската дипломатија Никола Попоски на својот албански колега Дитмир Бушати му порача дека „денес во Европа е потребен речник и култура за 2017-та година“и дека „ниту еден демократ не би имал потреба групно или племенски да етикетира“, како реакција на изјавата на албанскиот министер, кој Македонците ги нарече „Славомакедонци“.

 

„Разбирливо е дека тоа се прави и за внатрешна употреба и за сопствениот рејтинг дома, но, сепак, овие практики се надвор од нормална меѓусоседска соработка. Најдобро е пред секој обид за демонстрирање на глобално лидерство, секој добро да погледне во сопствениот двор. Така, политичарите и во тие земји ќе се фокусираат на подобрување на домашните слабости“, се вели во реакцијата на Попоски.

 

Македонскиот министер додал дека Албанија се соочува со доволно проблеми на внатрешен план, на кои треба да се посвети, и дека не верува оти случувањата во Македонија се приоритет за даночните обврзници во Албанија.

 

„Проблемите со правниот систем, борбата со криминалот и корупцијата, основните човекови права и слободи се дел од оние што се идентификувани од Европската комисија кај нашиот сосед, а и на други места. Објективно, сите ние имаме повеќе од доволно домашни проблеми за да се занимаваме со туѓите. Кој како именува некого е веројатно и одраз на почит и воспитување. Ние сме Македонци и ништо повеќе ниту ништо помалку. Ниту еден демократ не би имал потреба групно или племенски да етикетира. Денес, во Европа е потребен речник и култура за 2017 година, а не за 1913 година“, порача Попоски./крај/мф/бс

Поврзани написи

Макфакс е-билтен

Email *