Попоски: Крајот на политичката криза ќе обезбеди и поголем економски напредок

Попоски: Крајот на политичката криза ќе обезбеди и поголем економски напредок

 

Вицепремиерот и министер за надворешни работи Никола Попоски во интервју за српскиот весник „Економија“ оцени дека регионалната соработка има голем потенцијал, односно дека Македонија со интензивен економски развој го обезбеди 6. место во извештајот „Дуинг Бизнис“ на Светската банка во 2016 година во Европа и 12. место во светот, додека пак според листата за директни странски инвестиции – IBM Институтот за бизнис вредности, Република Македонија се најде на првото место во поглед на отворање нови работни места. Резултатите најдобро говорат за подготвеноста и решителноста за воспоставување една стабилна и предвидлива економска клима, соопштуваат од МНР.

 

„Политичката криза не влијае на приоритетите, зашто тие се стабилни и долгорочни. Секако дека добриот економски развој подразбира и поволна политичка клима. Македонија има добри резултати кај економскиот раст за минатата година, како и предминатата, но верувам дека со ставање крај на политичката криза ќе се забележи уште поголем напредок. Сепак, сигурноста и предвидливоста обезбедуваат поволни инвестиции“, вели Попоски во интервјуто за „Економија“.

 

 

Запрашан околу тоа дали блокадите со кои се соочува Македонија на евроатлантскиот пат би можеле под знак прашање да ја стават и економската одржливост, Попоски изјави дека евроинтеграциите се поврзани со економскиот раст и дека земјава не би требало да е исклучок во тоа.

 

„Евроинтеграциите се тесно поврзани со економскиот раст, што беше и случај со земјите од Централна и Источна Европа кои станаа дел од Европската Унија меѓу 2004 и 2013 година,  а покажаа најголем раст една година пред и по придружувањето. Македонија ниту пак која било друга балканска земја не би требала да биде исклучок во тој поглед. Сепак, имајќи ја предвид непредвидливоста на нашиот регион, не можеме да се потпреме исклучиво на тие прогнози. Мораме да се посветиме на реформите и подобрување на бизнис климата и да ги развиваме пред, во текот на и по влегување во ЕУ“, рече Попоски.

 

Околу алтернативите за решавањето на спорот за името со Грција, Попоски вели дека за секое решение се неопходни „добри економски односи и контакти помеѓу луѓето“.

 

„Како и економските, така и сите други видови на соработка влијаат на целокупната клима. За нас, Грција отсекогаш била еден одпетте наши најзначајни трговски партнери. Врските меѓу Грција и Македонија се природни и не верувам дека тоа ќе се смени. Во наша корист е тоа што ги усвоивме мерките за градење доверба што ни помага во многу области, вклучувајќи ја економијата, енергетската поврзаност и инфраструктурните проекти, но сметам дека тоа нема по автоматизам да доведе до надминување на спорот со името. Сепак, за кое било политичко решение со Грција најважни се добрите економски односи и контактот меѓу луѓето, како предуслов за можно изнаоѓање решение на спорот“, вели министерот во интервјуто за српска „Економија“./крај/мф/бс