МАКФАКС

Попоски со порака до Плевнелиев: Лидерите треба да го покажат патот и да обединат

Попоски со порака до Плевнелиев: Лидерите треба да го покажат патот и да обединат
22.01.2017, 15:24

 

Шефот на дипломатијата Никола Попоски во неделата во објава на Фејсбук, како реакција на интервјуто на сега веќе поранешниот бугарскиот претседател Росен Плевнелиев дека „Македонија треба да влезе во ЕУ, но не и македонизмот“, порача дека лидерите треба „да го покажат патот напред и да обединат“.

 

„Претседателот Жељу Желев имаше демократско чувство и почит кон волјата на македонските граѓани. Даде недвосмислена поддршка во тешки моменти за сосед како нас. Голем човек несомнено, кој ја заслужува сета наша почит. Тоа беа други времиња, други луѓе. Колку би било добро и оној кој до вчера ја имаше истата функција, Плевнелиев, да ја имаше истата широчина, визија и почит за волјата на граѓаните на соседна држава. Да покаже сила и мудрост и да одбере пораки на мир, подавање на рака и одлучна поддршка за сите да бидеме во Европското семејство час поскоро“, напиша македонскиот министер за надворешни работи.

 

„Тоа сигурно е покорисно отколку гонење на митови, креирање лажни закани и поттикнување на фобии. На крајот на денот, сите сме луѓе кои сакаат спокојство, благодет во живеењето и почит од ближните. Баш такви какви што сме. Лидерите се за да ни го покажат патот што не води во тој правец и да не поврзат“, порача Попоски./крај/мф/бс

 

 

Поврзани написи

Макфакс е-билтен

Email *