МАКФАКС

Русија со критики до ЕУ поради односот кон Македонија

Русија со критики до ЕУ поради односот кон Македонија
15.03.2017, 13:57

 

Рускиот амбасадор при Европската унија (ЕУ), Владимир Чижов упатил критики кон Европската комисија (ЕК) поради поддршката за формирањето на влада предводена од СДСМ и лидерот Зоран Заев заедно со албанските партии и прифаќањето на ткн „Албанска платформа“, пренесува EurActiv.

 

Според Чижов, кога тој ги чита соопштенијата од страна на високите претставници на ЕУ, како што е претседателот на Европскиот совет Доналд Туск, во кои се споменува мешањето однадвор во внатрешните работи на Македонија, тоа го разбира како „израз на самокритика“ на Туск.

 

„Кога комесарот Хан се обраќа до македонскиот претседател, говорејќи му дека не треба да се меша во уставниот процес во својата земја, јас се прашувам дали не е тој претседател шеф на државата и гарант на Уставот?“, рекол рускиот дипломат.

 

Тој додал дека Охридскиот договор од 2001-та година, со кои завршени судирите помеѓу македонските безбедносни сили и ткн Ослободителна национална армија на македонските Албанци, бил издејствуван од страна на „неговиот стар добар другар Хавиер Солана“

 

Рускиот амбасадор додал дека го предупредил Солана на можноста од опасност на овој договор со кој се уредени правата на македонските Албанци. „Всушност, го прашав дали би го следел тој пример и на Балтикот, но не добив некој одговор“, рекол тој.

 

Чижов рекол дека албанските партии „биле повикани во Тирана, во канцеларијата на албанскиот премиер“ и „го потпишале тоа што сега се говори како Албанска платформа, а што ќе ги прошири правата на албанското малцинство до ниво кое во други земји може да се спореди со федерална структура“.

 

„Лидерот на опозицијата Заев ја прифати оваа платформа, која е спротивна на македонскиот Устав. ЕУ го занемари сето тоа, говорејќи дека оваа коалиција има 67 од 120 пратеничка места, така што тој треба да биде премиер и процесот треба да се движи во тој правец“, навел рускиот дипломат, додавајќи дека македонскиот претседател Ѓорге Иванов не можел да го прифати тоа и дека во случајот ЕУ треба да има далеку попозитивна улога./крај/мф/бс

Поврзани написи

Макфакс е-билтен

Email *