Тимоние за РСЕ: Неевропски е да се напаѓаат медиумите и невладините организации

Тимоние за РСЕ: Неевропски е да се напаѓаат медиумите и невладините организации

 

Кога една партија ги губи изборите или не победува на нив како што посакувала, тогаш се обидува да си најде изговор, а печатот или невладините организации се цел којашто најлесно се наоѓа, а тоа не е размислување коешто е европско, вели францускиот амбасадор Кристиан Тимоние во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

 

„Македонија е денеска во потрага по излез од кризата. Тој излез од кризата почна со избори, избори коишто беа поздравени од страна на меѓународната заедница и коишто претставуваа прв чекор. Како во голем број други земји, вие сте во потрага по создавање на коалиција, тоа е навистина нешто вообичаено во големите парламентарни демократии. За тоа е потребно време, но во овој конкретен случај не треба да биде потребно многу време“, вели Тимоние, запрашан околу тоа како ја оценува политичката состојба во земјата.

 

Осврнувајќи се на платформата на албанските партии, Тимоние потенцира дека во прв план треба да биде граѓанстото и универзалните вредности како и заедничкиот патриотизам.

 

„Состојбата во Македонија, особено затоа што во Македонија живеат повеќе заедници – и македонската заедница, а и албанската заедница… Од гледна точка за Франција, во прв план е граѓанството, како навистина универзални вредности и заеднички патриотизам во генерален интерес и сето тоа за нас е доста позитивно. Потоа ќе кажам дека секоја заедница по природа на нештата има свои интереси коишто сака да ги одбрани и ми се чини дека првото прашање кое не треба да се заборави е прашањето за заедничкиот интерес за сите заедници, а тоа да се продолжи по патот кон ЕУ на којшто земјата застана“, рече тој.

 

Францускиот амбасадор во интервјуто исто така говори и за работата на СЈО, порачувајќи дека дека доколку ова тело е средството за излез од кризата, тогаш неговиот мандат треба да биде продолжен.

 

„Во однос на основањето, СЈО е поврзано со една криза и тоа е политичка. Во таа состојба која беше посебна и единствена, беше навистина неопходно да се основа специјална установа. Ќе напоменам дека тоа беше направено со согласност од сите големи политички партии и под своевидна гаранција на повеќе меѓународни фактори. И доколку, ако можеби СЈО е средство за излез од кризата, тогаш и неговиот мандат треба да биде продолжен со сите механизми коишто постојат во Собранието. За тоа е неопходно политичките партии да покажат одговорност, но и исто така и чуство за генералниот интерес на сите“, вели Тимоние во интервјуто за РСЕ./крај/мф/бс