Надворешна политика
Иванов останува на одлуката – нема мандат за секој оној кој преговара за платформи на други држави
Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов во четврток на средбата со Високиот претставник на Европската унија за надворешни работи и безбедносна политика и заменик-претседател на Европската комисија Федерика Могерини, го повтори ставот дека нема да го додели мандатот на секој оној кој преговара за платформи на други држави со кои се уценува Македонија, се загрозува суверенитет, независноста и унитарноста на државата.
„Со пост-изборната платформа се руши Уставот и Охридскиот рамковен договор, а Македонија се доведува во положба на потчинетост и зависност од друга држава. Граѓаните на изборите гласаа за европски реформи, а не за пост-изборна платформа на туѓа држава“, рече Иванов.
Македонскиот претседател посочи на отсуството на официјална јавна реакција со која би се осудило ваквото мешање во внатрешните работи на Република Македонија.
„Отсуството на јавна осуда за флангрантното мешање во внатрешните работи на Македонија ги создава проблемите и води кон поширока дестабилизација, а со одредени неконструктивни изјави кризата се продлабочува. Ова е шанса ЕУ јавно и јасно да го осуди мешањето во внатрешната политика на Македонија и да ја повтори поддршката за неповредливоста на границите на Балканот“, рече македонскиот претседател. Тој истакна дека ова може да биде негативен преседан што во иднина може да биде употребен и од други држави.
Могерини истакна дека има целосно разбирање за комплексноста на состојбата и улогата на Претседателот Иванов во соочувањето со политичките предизвици. Посочи дека ги разбира правниот и политичкиот аспект, релевантни за надминување на политичката состојба и истакна дека е подготвена да помогне моменталната политичка криза да не прерасне во меѓуетничка, па дури и во геополитичка криза. Могерини рече дека верува дека политичките фактори во Република Македонија можат да најдат излез од состојбата.
Осврнувајќи се на изјавите за почитување на владеењето на правото во Република Македонија, Претседателот Иванов нагласи дека сме уморни од двојните стандарди, истакнувајќи дека пресудата на Меѓународниот суд на правдата никој не ја почитува.
Македонскиот Претседател ја нагласи и потребата од организирање на попис на населението во Република Македонија.
На средбата беа разменети мислења и за европските перспективи на земјата, како и за мигрантската и бегалска криза.
Македонскиот претседател оцени дека со status quo состојбата во европската интеграција, на Република Македонија и е попречено правото на просперитет и се овозможува зголемено влијание на други меѓународни актери.
„ЕУ не смее да дозволи ова да продолжи и треба конечно да го идентификува Балканот за еден од нејзините највисоки приоритети. ЕУ треба да преземе итни чекори и да го зајакне интеграцискиот процес на Македонија, кој е неповратен“, рече претседателот Иванов.
Дополнително, македонскиот претседател истакна дека отворањето на преговорите за членство на Република Македонија во Европската унија ќе го дадат неопходниот поттик за интензивирање на реформските процеси во овие клучни области и ќе ги заокружи напорите на ЕУ за надминување на политичката криза во Република Македонија.
Во однос на мигрантската и бегалска криза, Претседателот Иванов истакна дека е неопходно што побрзо завршување на конститутивната седница на Собранието на Република Македонија за да може, доколку е тоа потребно, да ја продолжи прогласената кризна состојба поради илегалната миграција. /крај/со/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Средба на претседателите на Собранијата на Македонија и Украина, Митрески и Стефанчук
Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Јован Митрески, во рамките на посетата на Киев по повод втората годишнина од почетокот на руската воена агресија врз Украина, оствари средба со претседателот на Врховната рада на Украина, Руслан Стефанчук.
Претседателот Митрески изрази благодарност за поканата и нагласи дека посетата претставува потврда на цврстата и непоколеблива поддршка на Република Северна Македонија за Украина, на сите полиња. Тој нагласи дека уште од самиот почеток силно ја осудуваме руската агресија против Украина, континуирано ја потврдуваме нашата поддршка за украинскиот територијален интегритет, суверенитет и целовитост и изразуваме целосна поддршка на правото на самоодбрана на земјата.
Претседателот на Собранието истакна дека Северна Македонија целосно се приклучи на сите рестриктивни мерки и санкции на ЕУ кон Руската Федерација, ко-спонзорираше бројни резолуции и иницијативи во однос на Украина, а упати и воена и хуманитарна помош за земјата.
Македонија
Средба Османи – Кулеба во ОН Њујорк: Европската Унија е наша заедничка иднина
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, на 23 февруари 2024 година, оствари средба со министерот за надворешни работи на Украина, Дмитро Кулеба, во седиштето на Обединетите нации во Њујорк, на маргините на 56. пленарен состанок на 78. седница на Генералното Собрание.
Средбата се одржа со цел да се даде поддршка на Украина на денот на одбележувањето на две-годишнината од почетокот на руската агресија во Украина, при што Османи потенцира дека е многу важно да продолжи поддршката на Украина, бидејќи ако Русија победи во Украина, тогаш ние сме следните.
Министерот Османи, на средбата, истакна дека денес Руската Федерација е најголемата закана за безбедноста на Европа, на Западен Балкан, но и на Република Северна Македонија.
“Важно е да имаме стратешка предвидливост во нашата држава, со цел конечно да кажеме “Не” за Русија и “Да” за интегративните европски процеси на Западниот Балкан и на Република Северна Македонија”, рече Османи.
Додека, Министерот Кулеба, истакнувајќи го фактот дека Северна Македонија цврсто застана зад Украина во текот на двете години агресија, упати благодарност до граѓаните на Северна Македонија, како и благодарност до Министерот Османи за неговото лидерство и поддршка.
“Нашата иднина е заедничка, таа иднина е Европската Унија, која воедно претставува и иднина за мир и просперитет, рече Кулеба.
Двајцата Министри имаа свои обраќња пред Генералното собрание на Обединетите нации, каде упатија јасни пораки против рускат агресија врз Украина.
Македонија
(Видео) Oсмани од ОН во Њујорк: Мораме да и кажеме не на Русија
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денес се обрати од седиштето на Обединетите нации во Њујорк, на 56. пленарен состанок на 78-та седница на Генералното собрание, по повод две години од инвазијата на Русија врз Украина, кој се одржа на тема: Ситуацијата во привремено окупираните територии на Украина.
Османи, уште еднаш, ја повика Русија да ја прекине оваа бесмислена војна и да ги повлече своите трупи од суверената територија на Украина.
„Русија ги прекрши основните принципи на меѓународното право и започна целосна агресивна војна против Украина, земја членка на ОН’’, истакна Османи.
Воедно, министерот потенцираше дека Северна Македонија е исто така силно загрижена и ја осудува незаконската депортација на децата од Украина во Русија и Белорусија од страна на Руската федерација и ги повика да обезбедат нивно безбедно враќање дома.
„Мораме да и кажеме не на Русија! Правдата и одговорноста мора да надвладеат”, рече Османи, воедно додаде дека Северна Македонија им се придружи на другите 140 земји-членки за поддршка на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина во нејзините меѓународно признати граници од 1991 година.
Османи повика на обединетост во поддршката за Украина, не само за доброто на жртвите и нивните семејства, туку и како предуслови за избегнување на понатамошни агресии и неиспровоцирана употреба на сила во меѓународните односи.