Надворешна политика
Иванов побара од Европскиот совет да се осуди и отфрли Тиранската платформа
Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов во вторникот упати писмо до членовите на Европскиот совет, до претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, до Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг и до двата стратегиски партнери до претседателот на САД, Доналд Трамп и до претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, во кое ја објаснува актуелната состојба во земјата.
„Република Македонија веќе две и пол години минува низ длабока политичка криза. Со олеснувачката улога на ЕУ и на САД беше постигнат Договорот од Пржино во чија суштина беше организирање предвремени парламентарни избори во фер и демократски услови и формирање Влада на Република Македонија што најпрво ќе се фокусира на итните реформски приоритети“, вели Иванов во своето писмо.
„На 11-ти декември 2016 година се одржаа слободни, фер и демократски избори, кои беа поздравени од сите страни. Но, наместо излез од кризата и фокусирање на итните реформски приоритети, ние повторно се најдовме во длабока политичка криза. Имено, по изборите, три од четирите парламентарни партии на етничките Албанци во Република Македонија, со 18 од вкупно 120 пратеници во Собранието, под покровителство на премиерот на Република Албанија, г. Еди Рама и неговиот министер за надворешни работи во Тирана создадоа платформа за Албанците во Република Македонија. Тиранската платформа стана предуслов за формирање Влада на Република Македонија“, пишува Иванов.
„Платформата е постизборен документ усвоен во туѓа држава во кабинет на странски државник и со посредство на премиер на туѓа држава. Со оваа платформа се загрозува сувереноста и независноста на државата, доведувајќи ја Република Македонија во положба на потчинетост или зависност спрема друга држава. Реализацијата на платформата подразбира промени во Уставот на Република Македонија со кои би се загрозил унитарниот карактер на државата. Платформата го нарушува Охридскиот рамковен договор, кој ги регулира односите на етничките заедници со државата Република Македонија и нивните меѓусебни односи. Во спротивност со Охридскиот рамковен договор, платформата е дискриминаторска кон другите етнички заедници, бидејќи приоретизира само една заедница. Оваа платформа од Тирана дополнително ја дестабилизира внатрешнополитичката состојба и ги зголемува меѓуетничките тензии во Република Македонија“, објаснува македонскиот претседател.
„Со начинот на кој е донесена и со изјавите на официјалните претставници на Република Албанија и Република Косово, негативно се одразуваат на меѓусоседските односи и се врши дестабилизација на регионот на Западен Балкан. Оваа платформа, нас нè доведе во застој од кој е тешко да се излезе бидејќи има ултимативен и уценувачки карактер. Во согласност со член 84, алинеја 1 од Уставот на Република Македонија, на 1 март 2017 година донесов одлука да не определам мандат за состав на Владата на Република Македонија на секој оној кој преговара за платформи на други држави со кои се уценува македонскиот народ, се загрозува унитарноста на државата, нејзиниот суверенитет и независноста. Како претседател на Република Македонија, моја уставна должност е да ги почитувам Уставот и законите и да ги штитам суверенитетот, територијалниот интегритет и независноста на Република Македонија“, додава Иванов во своето писмо.
„За сите овие нешта лично ги информирав комесарот Хан и високиот претставник, Могерини. Од нив побарав јавно и јасно да ја осудат и да ја отфрлат платформата како чин на мешање во внатрешните работи на суверена држава и како документ што дополнително нè дестабилизира и изложува на внатрешнополитички, меѓуетнички и можни геополитички влијанија. Ќе повторам дека овој документ кој е ултимативен и уценувачки го суспендира и Договорот од Пржино во кој Европската Унија го вложи сиот свој надворешнополитички кредибилитет“, вели Иванов.
„Сметам дека осудата и отфрлањето на овој документ е единствен начин за излез од безизлезната состојба во која се наоѓаме. Само на тој начин ќе ги постигнеме целите на Договорот од Пржино, пред сè итните реформски приоритети, политичката стабилизација, намалувањето на меѓупартиските и меѓуетничките тензии во Република Македонија и враќање на државата на патот кон европските и евроатлантските интеграции. Во тој контекст, барам со внимание да ја разгледате вистинската реалност со која сме соочени и да се заложите оваа штетна платформа да биде јавно отфрлена и осудена од страна на Европската Унија и НАТО и нивните земји членки. Понатаму, очекувам да го осудите флагрантното мешање во внатрешните работи на Република Македонија од страна на два нејзини соседа – аспиранти за полноправно членство во Унијата. Конечно, очекувам да испратите силна порака до нашиот геополитчки ранлив регион за неповредливост на границите на Балканот и да ја реафирмирате европската и евроатлантската перспектива на земјите од регионот“, порачува Иванов во своето писмо.
„Отсуството на јавна осуда на платформата од Тирана од страна на меѓународната заедница само ќе охрабри слични обиди во нашиот, но и во други региони во Европа со сложена етничка, религиска и јазична реалност. Најискрено се надевам дека ќе наидам на Вашето разбирање. Во прилог Ви доставувам копија од горенаведената платформа, како и изјави на официјални претставници и институции на Република Албанија и Република Косово. Како претседател на Република Македонија, земја долгогодишен кандидат за членство во Европската Унија и НАТО, очекувам да се ангажирате и да ни помогнете бидејќи иднината и перспективата на моите сограѓани се пред мошне сериозен предизвик“, заклучува Иванов во своето писмо./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Средба на претседателите на Собранијата на Македонија и Украина, Митрески и Стефанчук
Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Јован Митрески, во рамките на посетата на Киев по повод втората годишнина од почетокот на руската воена агресија врз Украина, оствари средба со претседателот на Врховната рада на Украина, Руслан Стефанчук.
Претседателот Митрески изрази благодарност за поканата и нагласи дека посетата претставува потврда на цврстата и непоколеблива поддршка на Република Северна Македонија за Украина, на сите полиња. Тој нагласи дека уште од самиот почеток силно ја осудуваме руската агресија против Украина, континуирано ја потврдуваме нашата поддршка за украинскиот територијален интегритет, суверенитет и целовитост и изразуваме целосна поддршка на правото на самоодбрана на земјата.
Претседателот на Собранието истакна дека Северна Македонија целосно се приклучи на сите рестриктивни мерки и санкции на ЕУ кон Руската Федерација, ко-спонзорираше бројни резолуции и иницијативи во однос на Украина, а упати и воена и хуманитарна помош за земјата.
Македонија
Средба Османи – Кулеба во ОН Њујорк: Европската Унија е наша заедничка иднина
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, на 23 февруари 2024 година, оствари средба со министерот за надворешни работи на Украина, Дмитро Кулеба, во седиштето на Обединетите нации во Њујорк, на маргините на 56. пленарен состанок на 78. седница на Генералното Собрание.
Средбата се одржа со цел да се даде поддршка на Украина на денот на одбележувањето на две-годишнината од почетокот на руската агресија во Украина, при што Османи потенцира дека е многу важно да продолжи поддршката на Украина, бидејќи ако Русија победи во Украина, тогаш ние сме следните.
Министерот Османи, на средбата, истакна дека денес Руската Федерација е најголемата закана за безбедноста на Европа, на Западен Балкан, но и на Република Северна Македонија.
“Важно е да имаме стратешка предвидливост во нашата држава, со цел конечно да кажеме “Не” за Русија и “Да” за интегративните европски процеси на Западниот Балкан и на Република Северна Македонија”, рече Османи.
Додека, Министерот Кулеба, истакнувајќи го фактот дека Северна Македонија цврсто застана зад Украина во текот на двете години агресија, упати благодарност до граѓаните на Северна Македонија, како и благодарност до Министерот Османи за неговото лидерство и поддршка.
“Нашата иднина е заедничка, таа иднина е Европската Унија, која воедно претставува и иднина за мир и просперитет, рече Кулеба.
Двајцата Министри имаа свои обраќња пред Генералното собрание на Обединетите нации, каде упатија јасни пораки против рускат агресија врз Украина.
Македонија
(Видео) Oсмани од ОН во Њујорк: Мораме да и кажеме не на Русија
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денес се обрати од седиштето на Обединетите нации во Њујорк, на 56. пленарен состанок на 78-та седница на Генералното собрание, по повод две години од инвазијата на Русија врз Украина, кој се одржа на тема: Ситуацијата во привремено окупираните територии на Украина.
Османи, уште еднаш, ја повика Русија да ја прекине оваа бесмислена војна и да ги повлече своите трупи од суверената територија на Украина.
„Русија ги прекрши основните принципи на меѓународното право и започна целосна агресивна војна против Украина, земја членка на ОН’’, истакна Османи.
Воедно, министерот потенцираше дека Северна Македонија е исто така силно загрижена и ја осудува незаконската депортација на децата од Украина во Русија и Белорусија од страна на Руската федерација и ги повика да обезбедат нивно безбедно враќање дома.
„Мораме да и кажеме не на Русија! Правдата и одговорноста мора да надвладеат”, рече Османи, воедно додаде дека Северна Македонија им се придружи на другите 140 земји-членки за поддршка на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина во нејзините меѓународно признати граници од 1991 година.
Османи повика на обединетост во поддршката за Украина, не само за доброто на жртвите и нивните семејства, туку и како предуслови за избегнување на понатамошни агресии и неиспровоцирана употреба на сила во меѓународните односи.