Надворешна политика
Иванов со јорданскиот крал Абдула II и полскиот претседател Дуда разговараше за мигрантската криза
Пријателските односи меѓу двете земји да се одразат на политичкиот дијалог и содржински да ја збогатат соработката меѓу Македонија и Кралството Јордан, е заклучокот од средбата на претседателот Иванов со Кралот на Јордан Абдула II, одржана на маргините на 71. Генерално собрание на Обединетите нации во Њујорк.
„Потребна е почеста размена на посети на сите нивоа, да работиме на унапредување на правната рамка која ќе создаде услови за поголема соработка во сите сфери од заеднички интерес на народите од двете држави“, истакна претседателот Иванов, потенцирајќи дека со интензивирањето на политичкиот дијалог и контактите на сите нивоа, можеме да се надеваме на зголемена билатерална соработка, особено во сферата на економијата, трговската размена и безбедноста. Во однос на мигрантската и бегалската криза претседателот Иванов и кралот Абдула ја констатираа неопходноста од сеопфатен одговор и решение, за чијшто предуслов најпрво е потребен итен прекин на огнот, мир и стабилност во воените жаришта на Блискиот исток.Во тој контекст, кралот Абдула II го информираше претседателот Иванов за актуелните состојби во Јордан каде што во моментов има огромен број бегалци, претежно од Сирија, за неговите иницијативи за надминување на оваа криза како и за начините за справување со хуманитарната катастрофа со која се соочува неговата држава. „Ние сме определени да бидеме фактор за траен мир и стабилност во нашиот регион“, рече јорданскиот крал. Двајцата соговорници изразија подготвеност и за натамошна соработка и поддршка на мултилатерален план. Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, во рамки на учеството на 71. Генерално Собрание на Обединетите Нации, во Њујорк оствари средба со претседателот на Република Полска, Анджеј Дуда. На средбата беа констатирани одлични билатерални односи и соработка во повеќе области. Договорена е размена на посети на највисоко ниво во наредниот период, кои треба да придонесат за натамошно продлабочување на билатералната соработка, особено во сферата на економијата и на одбраната. Двајцата претседатели разменија мислења за состојбите во регионот, особено во контекст на неговата европска и евроатланска перспектива. Македонскиот претседател порача дека крајно време е да се надмине статус-кво состојбата во однос на почетокот на пристапните преговори со Европската унија и во однос на членството во НАТО, како важен предуслов за трајна стабилност во регионот. „Очекувам Полска како наш докажан пријател да продолжи да ги поддржува нашите заложби и напори за интегрирање во Европската унија и НАТО“, рече претседателот Иванов на средбата со полскиот претседател Дуда. На средбата беа разменети мислења и за мигрантската и бегалска криза. Претседателот Иванов истакна дека Република Македонија е одлучна да даде свој придонес во нејзиното надминување, да делува усогласено со другите земји, не загрозувајќи ја притоа сопствената национална безбедност. /крај/со/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Средба на претседателите на Собранијата на Македонија и Украина, Митрески и Стефанчук
Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Јован Митрески, во рамките на посетата на Киев по повод втората годишнина од почетокот на руската воена агресија врз Украина, оствари средба со претседателот на Врховната рада на Украина, Руслан Стефанчук.
Претседателот Митрески изрази благодарност за поканата и нагласи дека посетата претставува потврда на цврстата и непоколеблива поддршка на Република Северна Македонија за Украина, на сите полиња. Тој нагласи дека уште од самиот почеток силно ја осудуваме руската агресија против Украина, континуирано ја потврдуваме нашата поддршка за украинскиот територијален интегритет, суверенитет и целовитост и изразуваме целосна поддршка на правото на самоодбрана на земјата.
Претседателот на Собранието истакна дека Северна Македонија целосно се приклучи на сите рестриктивни мерки и санкции на ЕУ кон Руската Федерација, ко-спонзорираше бројни резолуции и иницијативи во однос на Украина, а упати и воена и хуманитарна помош за земјата.
Македонија
Средба Османи – Кулеба во ОН Њујорк: Европската Унија е наша заедничка иднина
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, на 23 февруари 2024 година, оствари средба со министерот за надворешни работи на Украина, Дмитро Кулеба, во седиштето на Обединетите нации во Њујорк, на маргините на 56. пленарен состанок на 78. седница на Генералното Собрание.
Средбата се одржа со цел да се даде поддршка на Украина на денот на одбележувањето на две-годишнината од почетокот на руската агресија во Украина, при што Османи потенцира дека е многу важно да продолжи поддршката на Украина, бидејќи ако Русија победи во Украина, тогаш ние сме следните.
Министерот Османи, на средбата, истакна дека денес Руската Федерација е најголемата закана за безбедноста на Европа, на Западен Балкан, но и на Република Северна Македонија.
“Важно е да имаме стратешка предвидливост во нашата држава, со цел конечно да кажеме “Не” за Русија и “Да” за интегративните европски процеси на Западниот Балкан и на Република Северна Македонија”, рече Османи.
Додека, Министерот Кулеба, истакнувајќи го фактот дека Северна Македонија цврсто застана зад Украина во текот на двете години агресија, упати благодарност до граѓаните на Северна Македонија, како и благодарност до Министерот Османи за неговото лидерство и поддршка.
“Нашата иднина е заедничка, таа иднина е Европската Унија, која воедно претставува и иднина за мир и просперитет, рече Кулеба.
Двајцата Министри имаа свои обраќња пред Генералното собрание на Обединетите нации, каде упатија јасни пораки против рускат агресија врз Украина.
Македонија
(Видео) Oсмани од ОН во Њујорк: Мораме да и кажеме не на Русија
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денес се обрати од седиштето на Обединетите нации во Њујорк, на 56. пленарен состанок на 78-та седница на Генералното собрание, по повод две години од инвазијата на Русија врз Украина, кој се одржа на тема: Ситуацијата во привремено окупираните територии на Украина.
Османи, уште еднаш, ја повика Русија да ја прекине оваа бесмислена војна и да ги повлече своите трупи од суверената територија на Украина.
„Русија ги прекрши основните принципи на меѓународното право и започна целосна агресивна војна против Украина, земја членка на ОН’’, истакна Османи.
Воедно, министерот потенцираше дека Северна Македонија е исто така силно загрижена и ја осудува незаконската депортација на децата од Украина во Русија и Белорусија од страна на Руската федерација и ги повика да обезбедат нивно безбедно враќање дома.
„Мораме да и кажеме не на Русија! Правдата и одговорноста мора да надвладеат”, рече Османи, воедно додаде дека Северна Македонија им се придружи на другите 140 земји-членки за поддршка на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина во нејзините меѓународно признати граници од 1991 година.
Османи повика на обединетост во поддршката за Украина, не само за доброто на жртвите и нивните семејства, туку и како предуслови за избегнување на понатамошни агресии и неиспровоцирана употреба на сила во меѓународните односи.