Македонија
Надзорната за поплавите никако да почне, ќе има ли сведочења?
По последната дадена пауза на Надзорната комисија за поплавите во скопско, поради тензичната атмосфера и неможноста да се почне со сослушување на сведоците, СДСМ обвини дека раководните кадри од власта сакаат да ја избегнат одговорноста, а од ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека тие сакаат да се дознае вистината.
„Груевски, Тодоров, Трајановски…, раководните кадри на власта на ВМРО-ДПМНЕ во институциите, нема да избегнат одговорност за ужасните последици од поплавите, колку и да се обидуваат да бегаат. Тоа што цел ден се обидуваат да ја блокираат Надзорната расправа покажува до каде оди неодговорноста на овие луѓе. Бебиња настрадаа! Најмалку 23 човечки животи однесоа поплавите! Огромни материјални штети има коишто никој до сега не ги надоместува! Голем број граѓани кои или се без дом или без елементарни услови за живот! Ова на Скопје му се случи бидејки во 21-от век делови од главниот град немаат канализација. Најголем дел од каналите се неисчистени. Институциите потфрлија. Не реагираа на време“, рече Петре Шилегов, пратеник на СДСМ, додавајќи дека Груевски бил 10 години премиер, а негови кадри раководат со сите надлежни институции.„Со фактот што одговорно околу 40 пратеници и над 20 повикани сведоци и одговорни лица од институциите на државата се присутни во собраниската сала, доволно говори дека ние навистина искрено посакуваме надзорната расправа да се одржи. Но, ние преку надзорната расправа инсистираме на дознавање на вистината за сите случувања во текот на временските неприлики на 6-ти август“, рече Љупчо Димовски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ. Тој појасни дека, на опозициските претставници тие неколку пати им предлагале начин за дефинирање на начинот на поставување на прашањата на сведоците од страна на пратениците и за дефинирање на временската рамка во која што тие ќе ги дадат своите одговори. „Иако станува збор за едно многу лошо искуство кое што го имаме од претходните надзорни расправи на кои што поставените прашања од пратениците, повиканите сведоци едноставно немаа доволно време да го кажат одговорот. Оттаму, најконструктивно, не еден, туку повеќе предлози од наша страна беа понудени токму за дефинирањето на поставувањето на прашањата и за минутажата или секундажата, во зависност од одговорите кои што би ги добивале од повиканите сведоци“, рече Димовски.Во Собранието се дојдени вицепремиерот Никола Тодоров, како шеф на Кризниот штаб на Владата, Оливер Ромевски, директорот на УХМР, Михаил Цветков, министерот за земјоделство, Тони Мартиновски, директорот на „Скопско Поле“, Жарко Караџоски, директорот на „Македонски шуми“, Коце Трајановски и Тони Трајковски, градоначалниците на Скопје и на општина Гази Баба, кои треба да бидат сослушани денеска.По барање на пратениците на СДСМ покана е испратена до лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и поранешен премиер Никола Груевски, додека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ како сведоци ги повикаа поранешните премиери од СДСМ Бранко Црвенковски, Хари Костов и Владо Бучковски./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Властите во Бугарија продолжија да негираат регистрација на етничко-македонски активистички групи“, се наведува во извештајот на Стејт департментот
Министерот за правда ги затвори бугарските културни клубови „Цар Борис Трети“ и „Иван (Ванчо) Михајлов“, повикувајќи се на законот од 2022 година, со кој се бара од организациите именувани по поддржувачи или соработници на фашизмот да ги променат своите имиња, се наведува во извештајот на Стејт департментот.
„Во февруари, по препорака на Комисијата за антидискриминација, обвинителството во Битола отвори прелиминарна истрага за клубот „Иван (Ванчо) Михајлов“ поради говор на омраза. Претседателот на клубот беше обвинет за поттикнување етничка и расна омраза и нетолеранција и ширење расизам и ксенофобија. Две лица се обвинети за нанесување тешки телесни повреди на Христијан Пендиков, кој се саморегистрирал како Бугарин, по национална и етничка основа на омраза“, се вели во извештајот.
Во однос на слобода на здружување во Бугарија, во извештајот се наведува дека Законот предвидува право на слобода на здружување и владата генерално го почитувала.
„Властите продолжија да негираат регистрација на етничко-македонски активистички групи како што се Обединета македонска организација-Илинден, Друштвото на угнетените Македонци во Бугарија-жртви на комунистичкиот терор, Здружението за заштита на основните индивидуални човекови права 2023 година и Македонскиот културен клуб „Никола Вапцаров“ и покрај бројните претходни одлуки на Европскиот суд за човекови права дека негирањето ја нарушува слободата на здружување на групите.
Во февруари, Окружниот суд во Пловдив ја потврди одлуката на Агенцијата за регистрација со која се одбива регистрацијата на Обединетата македонска организација Илинден-Пловдив со образложение дека целите на групата, вклучително и официјалното признавање на македонското етничко малцинство, биле насочени кон поделба на нацијата и ќе создадат услови за етнички конфликт. Во мај, Апелацискиот суд во Пловдив ја потврди одлуката на понискиот суд“, нотира извештајот.
Македонија
Недоверба кон судството, насилства кон ЛГБТ-и заедницата и поткопана слобода на изразување, забележа Стејт департментот во извештајот за човекови права во Македонија
Сериозна владина корупција, сериозни ограничувања на слободата на изразување и слободата на медиумите, насилство и закани за насилство насочени кон ЛГБТ-и заедницата се само дел од забелешките во извештајот на Стејт департментот за состојбата со човековите права во Северна Македонија во 2023 година.
Извештајот меѓудругото нотира значителни „одложувања во судењата кои вклучуваат сериозна корупција, при што само неколку беа завршени до септември, вклучително и оние против поранешни владини функционери. Уставот предвидува независно судство, но владата не секогаш ја почитувала судската независност и непристрасност, вели извештајот.
„Веродостојните извештаи за неоправдано судско несоодветно однесување, непотребен политички и деловен притисок врз судиите, непотизам, клиентелизам, долготрајна правда, несоодветно финансирање, отпор кон користење на законски задолжителна технологија и недоволен кадар, ја попречија судската ефикасност и влијаеше на довербата на јавноста во владеењето на правото“.
Анкетите покажале силна недоверба на јавноста кон судството.
„Унапредување под политичко влијание без заслуга или транспарентност се случи во судството и обвинителството. Во јануари, Судскиот совет утврди дека двајца судии на Апелациониот суд во Скопје свесно ги одложиле одлуките за да ги истуркаат обвинетите да го поминат рокот на застареност. На 26 април, Судскиот совет го разреши својот претседател, потег што критичарите тврдеа дека укажува на политичко мешање. Двајца членови поднесоа оставки од Судскиот совет како одговор, а неколку истакнати граѓански организации побараа целосна оставка на Советот“.
Слободата на изразување била поткопана од неефикасноста на правосудниот систем, недостатокот на транспарентност во однос на медиумското рекламирање од страна на државните институции, несоодветното однесување во име на јавните службеници во нивната интеракција со новинарите, притисокот врз новинарите кои истражуваат корупција, дезинформациите, говорот на омраза во онлајн и социјалните медиуми, и самоцензура.
Македонија
Одрони на неколку патни правци
ЦУК извести дека преку единствениот број за Итни повици Е-112 добиена е дојава за одрон на патот кај Калиманци, на регионалниот пат Македонска Каменица-Виница, 5 километри пред влезот на Македонска Каменица.
За настанатата состојба известени се ЈП за оддржување на регионалните и магистралните патни правец и екипите се излезени на терен за да го саниррат одронот, додаваат од ЦУК.
Исто така добиена е дојава за одрон на патен правец село Удово-Демир Капија.
„Точната локација е 2-3 километри после село Удово во правец спрема Демир Капија. За настанатата состојба известени се ЈП за оддржување на регионалните и магистралните патни правец и екипите се излезени на терен за да го санираат одронот“, соопшти ЦУК.