Македонија
Обвинителство: Нема пречка да се направи нова обдукција за Дениса по барање на семејството
Јавното обвинителство на Македонија не било надлежно за случајот со исчезнатата прилепчанка Дениса Маркоска, но велат дека не постои пречка, по барање на семејството на починатата, надлежна институција да направи ДНК анализа.
„Според неофицијалните сознанија со кои располагаме, извршена е обдукција над телото на починатата од надлежни органи во Република Грција. Јавното обвинителство не располага со сознанија за причината на смртта, но доколку е утврдено дека смртта настапила како последица на сторено кривично дело, тогаш постапката за евентуално гонење на сторител за извршено кривично дело ќе треба да се спроведува во Република Грција. Јавното обвинителство на Република Македонија кога не поведува постапка нема надлежност ни овластување да дава Наредби за ДНК анализа или за реобдукција. Посмртните останки по пристигнување во Република Македонија ќе бидат предадени на семејството, по што сметаме дека не постои пречка по барање на семејството на починатата, надлежна институција да изврши ДНК анализа или реобдукција“, се вели во соопштението на Јавното обвинителство.Јавното обвинителство, како што соопштуваат, има надлежност за кривични дела кои се сторени на територија на Република Македонија, како и за сторители на кривични дела кои сториле кривично дело во странство но во моментот се наоѓаат на територија на Република Македонија, како и за странец кој надвор од територијата на Република Македонија ќе стори спрема неа или спрема нејзин државјанин кривично дело, ако се затече на територија на Република Македонија или биде екстрадиран.Семејството Маркоски бара нова ДНК анализа на телото што беше најдено во водите на Егејското Море во Македонија, а за ова преку писмо го замолија и премиерот Никола Груевски.Дениса исчезна од бродот на 12-ти септември, но никој не знае како. Грчките власти почнаа потрага по девојката, која заврши на 4-ти октомври кога беше најдено женско тело во водите на Егејското Море. ДНК анализата којашто ја направија грчките власти била 99,9 отсто сигурна дека пронајденото тело е телото на девојката, но семејството се сомнева во оваа анализа и бара пред погребот на нивната ќерка да се направи уште една ДНК анализа во Македонија. /крај/мф/ффс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Приведен охриѓанец кој го фотографирал гласачкото ливче
Полицијата во Охрид го приведе А. И. (48) затоа што го фотографирал гласачкото ливче на избирачкото место 1271 во Охрид.
По целосно документирање на настанот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава, информираа од СВР Охрид.
Македонија
ОЈО Делчево истражува обид за изборен поткуп со бесплатно вградување водомери
Основното јавно обвинителство Делчево истражува предмет за изборен поткуп со бесплатно поставување водомери. Обвинителот Џељаљ Бајрами, претседател на комисијата на Јавното обвинителство за следење евентуални кривични дела поврзани со изборите, извести дека се издадени наредби за увид во службената документација на Јавното претпријатие „Комуналец“ во Делчево.
„Во текот на вчерашниот ден во Основното јавно обвинителство Делчево е заведен предмет по барање на Министерството за внатрешни работи за кој се побрани наредби за вршење увид во службената документација на Јавното претпријатие ’Комуналец’, со цел да се проверат наводите за евентуално сторено кривично дело поткуп при избори и гласање. Се работи за наводно поставување водомери во поголем број населени места во таа општина. Дадена е наредба за проверка на службената документација во претпријатието. Доколку се утврди дека има елементи за сторено кривично дело поткуп при избори и гласање, предметот ќе се процесира понатака“, рече обвинителот Бајрами.
Во Основното јавно обвинителство Радовиш денес е пријавено дека во село Бучим еден од гласачите наводно го покажал гласачкото ливче кон еден од набљудувачите од една политичка партија. И за овој настан обвинителот Бајрами рече дека се дадени насоки за проверка на наводите и доколку постојат елементи за сторено кривично дело, и овој предмет ќе се процесира.
Обвинителот Бајрами рече дека од аспект на Јавното обвинителство на Република Северна Македонија денешниот изборен ден се одвива без поголеми нарушувања и нерегуларности.
Македонија
Одѕивот до 13 часот е 26,35 отсто – најмногу гласале во Новаци, а намалку во Врапчиште
Процентот на избирачите што гласале до 13 часот е 26,35 отсто, информира претседателот на Државната изборна комисија, Александар Даштевски.
Според податоците, најголем е одѕивот во Новаци – 42,87, а најмал во Врапчиште – 10,18 отсто.
Заклучокот е дека досега гласањето се одвива мирно на сите избирачки места.
До ДИК се доставени 140 приговори за заштита на избирачко право, од нив 16 се усвоени и на избирачите им е овозможено да остварат право на глас, 8 се отфрлени како неуредни, а 9 одбиени. Другите се во обработка.