Охрид ЅОЅ на конгрес на Европскиот огранок на Друштвото на научници за блатни екосистеми

Охрид ЅОЅ на конгрес на Европскиот огранок на Друштвото на научници за блатни екосистеми

Втора година по ред Охрид ЅОЅ настапи на конгресот на Европскиот огранок на Друштвото на научници за блатни екосистеми (Society of Wetland Scientists, European Chapter) кој се одржа од 4 до 6 мај на Универзитетот Алгарви во Фаро, Португалија.

Ова друштво е всушност најзначајната меѓународна организација во областа на блатните екосистеми со повеќе од 3.000 членови од 60 земји.

На конгресот повторно се зборуваше за Студенчишко Блато и тоа преку постер презентација на д-р Надежда Апостолова, професор на Универзитетот во Валенсија и член на Охрид ЅОЅ. Презентацијата беше насловена „Студенчишко Блато на брегот на Охридско Езеро: процесот на негова деградација проучен преку далечинска детекција“.

Покрај самата презентација, Апостолова учествуваше и на неколку работни средби, а како најзначајна е средбата со раководството на Рамсар – светската конвенција за заштита и одржливо користење на блатните системи.

Охрид ЅОЅ уште минатата година директно во централата на Рамсар ја покрена иницијативата за прогласување на Блатото и регионот за Рамсар подрачје со што би се обезбедила негова меѓународна заштита.

„Охридското Езеро и Блатото без сомнение ги исполнуваат критериумите за дезигнација и тоа мора да се случи“, истакнаа претставниците на Рамсар при средбата со Апостолова.

На овогодинешниот конгрес каде што присуствуваше и генералниот секретар на Рамсар, Марта Рохас Урего, Европскиот огранок на Друштвото на научници за блатни екосистеми и Рамсар потпишаа меморандум за соработка што отвора можности за уште поуспешна реализација на напорите за конзервација на блатните системи, унапредување на знаењето за истите и нивната употреба.

„Но, она што особено нè радува и што би сакале да го споделиме со јавноста е токму изборот на Охрид за домаќин на Европскиот конгрес за блатни екосистеми во мај 2018 г. Почнувајќи од минатата година, по предлог на претседателот на Европскиот огранок на друштвото, д-р Јос Ферхуфен, а со посредство на Охрид ЅОЅ, беше постигната согласност со Хидробиолошкиот завод од Охрид за заедничка организација на конгресот. Ова е исклучителна можност за регионот не само за подобра промоција на Студенчишко Блато и блатните системи во Македонија воопшто, туку и како поттикнувач на унапредувањето на научниот туризам во ова подрачје со исклучителен истражувачки потенцијал“, се вели во соопштението на Охрид ЅОЅ.

На покана на Охрид ЅОЅ, д-р Ферхуфен, инаку професор на Универзитетот во Утрехт и раководител на Катедрата за пејзажна екологија, доаѓа во работна посета на Македонија кон средината на месецов.

Тој ќе одржи предавање на Природно-математичкиот факултет во Скопје, а ќе биде организирана и тркалезна маса. Во рамките на посетата планирана е и средба со претставници на Хидробиолошкиот завод со кои ќе се разговара за подготовките на конгресот, но пред сè за заштита и ревитализација на Студенчишкото Блато.

„Со оглед дека на Блатото тукушто му беше вратен административниот статус на заштитено подрачје, но за степенот и обемот на заштита допрва треба да се одлучува, последниве настани даваат уште поголема надеж дека срцето на езерото, сепак, ќе продолжи да чука“, велат од Охрид ЅОЅ. /крај/со/ст