Daily news
МОН: Апсолутно се неприфатливи сите активности на поединци и групи против ИБ наставната програма
Во врска со случувањата во ОУ “Св. Кирил и Методиј“ во Општина Центар, каде е доведена во прашање понатамошната имплементација на меѓународната ИБ наставна програма и процесот на акредитација на училиштето за трансформација во светско ИБ училиште, од Министерството за образование и наука информираат дека во изминатиот период од 4 години ги има преземено сите неопходни мерки и активности за непречена имплементација на оваа престижна меѓународна наставна методологија, како во ова училиште, така и во основното “Браќа Миладиновци“ во Општина Аеродром, како единствени две училишта во земјата кои работат според оваа програма.
„Тоа подразбира институционално учество во подготвителните активности и овозможување на правна основа за имплементација на програмата во националниот образовен систем, преку иницирање на неопходните законски измени.
Исто така, континуирано ги обезбедуваме потребните финансиски средства за аконтација во ИБ организацијата и за обуки на наставниците кои работат согласно оваа програма, како и потребната логистичка поддршка на менаџментите на двете училишта. Дополнително, во насока на целосно исполнување на стандардите за реализација на ИБ во ОУ“Св. Кирил и Методиј“ во Центар во финална фаза на реализација е и капитална инфраструктурна инвестиција за изградба на современа училишна спортска сала„ се вели во реакцијата на МОН.
Имајќи предвид дека станува збор за исклучително квалитетна наставна програма по меѓународни стандарди, која се применува во 140 земји и вкупно 3.500 училишта во светот, како надлежна институција од областа на образованието, нашата поддршка за непречена имплементација и континуитет во училиштата во земјата, каде ИБ е дел од наставниот процес и одлично е прифатена од учениците, нивните родители и наставниците, ќе продолжи и во периодот што следи.
„Апсолутно се неприфатливи сите делувања и активности на поединци и групи, кои од било какви побуди и причини се спроведуваат со цел да предизвикаат дисконтинуитет во едукацијата на учениците согласно ИБ и да наштетат на процесот на акредитација на училиштата во светски ИБ училишта.
Реакцијата на родителите на учениците во ОУ“Св. Кирил и Методиј“ во Општина Центар е оправдана и оттука, апелираме до училишниот одбор да ја повлече инцијативата за укинување на ИБ програмата и на следниот состанок да донесе одлука за продолжување на нејзината примена и конечно, да се заокружи процесот за акредитација на училиштето“ се вели во соопштението на Министерството за образование и наука/крај/мф/кс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.
Daily news
Бизнисменот Минчо Јорданов треба да сведочи дали бил уценет со пари во шпионската афера
Бизнисменот Минчо Јорданов утрово во кривичниот суд е повикан да сведочи во предметот што го презеде специјалното јавно обвинителство под кодно име „Шпион“.
Обвинетите Миќо Наскоски, Зоран Божиновски и Марјан Маџовски, како што рече на минатото рочиште обвинителката Елизабета Јосифовска, со цел да се стекнат со противправна имотна корист, му се заканиле на бизнисменот Минчо Јорданов дека ќе објават податоци за наводна криминална приватизација и откуп на акциите во АД „Бетон“ и на други негови фирми. Во намерата не успеале, а Јорданов не ги исплатил парите.
„Обвинетиот Александар Диневски прибавувал податоци со степен на државна тајна, а потоа ги доставувал или директно на странските разузнавачки служби или му ги давал на обвинетиот Марјан Ефремов, кој ја формирал групата за уцени, изнуди и шпионажа и ја координирал од 2009 до 2013 година, регрутирајќи нови членови во мрежата. Со обвинетиот Мирослав Зафировски од УБК прибирале податоци за луѓе од ЦИА присутни во Македонија и за штаб на ЦИА во Ирак. Тие прибирале и податоци за организациската поставеност на УБК“, рече Јосифовска за „Шпион“, кое СЈО врз база на нови прислушувани разговори го презеде од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Ефремов, според обвинението, групата за изнуда и тргување со тајни информации од безбедносните служби на Македонија ја направил во 2009 година и, како што тврди обвинителството, тој е мозокот на целата операција. Информациите им ги продавале на Кост Н. од грчката разузнавачка служба, Петар Н. и Јуриј Н. од унгарската и на други лица од странски разузнавачки служби.
Секој од обвинетите, зависно од тоа во која институција работел, снимал службени документи, кои потоа им ги продавал на грчката, руската, унгарската и српската разузнавачка служба. Обвинети во овој случај се и тогашниот шеф на Кабинетот на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, генералот Горан Стојков, Миќо Насковски, Ѓорѓи Хаџимицев, Цветан Дамјановски (заедно со други нивни колеги од МВР, УБК, АР и Военото разузнавање, кои дел се веќе осудени) и Зоран Божиновски, кој во групата имал улога ако уценуваните не дадат пари, тој да ги објавува, како што вели обвинителката, во порталот „Буревесник“ или во други медиуми во кои работел. Божиновски е обвинет за злосторничко здружување, шпионажа и уцена.
Обвинетите не се чувствуваат виновни, а тврдат и дека целиот процес е монтиран. Во предметот првично беа опфатени 19 лица, од кои неколкумина ја одлежаа затворската казна. Предметот го суди судијата Владимир Туфегџиќ. На конференциска врска треба да сведочи и Драган Даравелски, кој, според обвинението, исто така бил уценуван од обвинетите.