МАКФАКС

Ахмети: Платформата е напишана во Скопје и на ниту еден начин не ја загрозува унитарноста на државата

Ахмети: Платформата е напишана во Скопје и на ниту еден начин не ја загрозува унитарноста на државата
02.03.2017, 09:45

 


Уште пред изборите минатата година, ги поканив албанските опозициски партии да се соединат со цел Албанците да не изгубат од големата поделба на гласовите, но ова не се случи и албанците изгубија 9 мандати на пратеници во Собранието на РМ, напиша лидерот на ДУИ, Али Ахмети на својот Фејсбук профил.

 

„Потоа, како победник на изборите и како лидер на најголемата албанска партија, ги поканив албанските парламентарни партии на заеднички состанок во Скопје за координирање на нашата агенда за заокружување на Охридскиот Договор и постигнување на еднаквоста. На оваа средба во Скопје, ги усогласивме ставовите во врска со очекувањата на Албанците и во секоја јавна изјава сум истакнал дека заедничката изјава на албанските парламентарни партии во Македонија е усогласена и напишана во Скопје и е врз основа на изборните програми  на сите албански кандидати на изборите на 11-ти декември“, вели Ахмети.

 

„Ова изјава на ниту еден начин или форма не ја нарушува државата, унитарниот карактер ниту пак станува збор за федерализација или поделба. Албанските партии не беа причина за системската криза во земјата и имајќи во предвид ова, ги повикувам албанските политички партии да се воздржат од претворање на системска и внатре-етничка криза во етнички судири меѓу двете најголеми етнички заедници на оваа земја. Исто така, ги повикувам македонските партии да се воздржат во нивното изразување на незадоволство од импликација на етничкиот елемент поради чувствителноста на нашето општество“, порачува Ахмети.

 

„Вас почитувани граѓани, ве повикувам да ја зачувате ладнокрвноста и да не дозволиме никој од нас да падне жртва на злонамерни сценарија кои потекнуваат од сомнителни адреси.  Ова е еден политички проблем и политичките партии како и институциите во земјата ќе го најдат најдоброто решение за граѓаните, но во меѓувреме, да веруваме на вистината а не на лагите“, заклучува Ахмети./крај/мф/бс

 

Поврзани написи

Макфакс е-билтен

Email *