ВМРО-ДПМНЕ: Нема договор за коалицирање со ДУИ, нови избори е зрело решение

ВМРО-ДПМНЕ: Нема договор за коалицирање со ДУИ, нови избори е зрело решение

Формирањето влада треба да биде во функција на решавање на кризата, а одржување на нови избори се наметнува како „зрело решение“, соопштија ноќта кон понеделникот од ВМРО-ДПМНЕ кои информираа дека не е постигнат договор за коалицирање со досегашниот партнер во власта ДУИ.

„ВМРО-ДПМНЕ заедно со коалицијата За подобра Македонија како победник на последните избори која доби најголема поддршка од граѓаните и освои најголем број гласови и пратеници, смета дека формирањето влада треба да биде во функција на затворање на политичката криза, а не нејзино продлабочување и смета дека одржувањето на нови избори е зрело решение, а во функција на надминување на кризата и поставување на реформските приоритети во прв план“, се истакнува во соопштението.

Според ВМРО-ДПМНЕ, чиј лидер Никола Груевски до неделата на полноќ требаше да го извести шефот на државата Ѓорге Иванов од кого го доби мандатот дали обезбедил парламентарно мнозинство за состав на кабинет, секое друго решение „само ќе доведе до нова конфликтност и проблеми во и онака поделеното општество и нема да биде во функција на одржливост и остварување на чии да се програмски цели“.

Партијата која на предвремените парламентарни избори на 11-ти декември освои најголем број мандати – 51 во 120-члениот парламент, смета дека е очигледно оти „некој сака да се занемари волјата на мнозинството граѓани и да ја втурне Македонија во некоја нова неизвесна фаза од нејзиниот развој“.

„ВМРО-ДПМНЕ останува на своите принципиелни позиции по однос на стратешките прашања од државен и национален интерес и прогласот усвоен на 17-ти декември 2016-та година“, соопштуваат од ВМРО-ДПМНЕ./крај/мф/сн