МАКФАКС

ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ со платформата ги осуди борците од АСНОМ и партизаните

ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ со платформата ги осуди борците од АСНОМ и партизаните
07.03.2017, 09:46

 

Точката од Платформата преку која се предвидува  „усвојување на Резолуција во Собранието на Република Македонија со која се осудува геноцидот врз албанскиот народ во Македонија во периодот 1912-1956“ значи дека СДСМ сака да ги осуди борците од АСНОМ и партизаните за нивната борба за слободна држава, соопштуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

 

„Граѓаните не се должни да ги трпат штетите кои ги нанесува Зоран Заев и СДСМ. Граѓаните на изборите ниту гласаа за Платформа од друга држава, ниту гласаа за формирање Тиранска Влада во Република Македонија. Граѓаните гласаа за проекти и економски просперитет“, додаваат од партијата.

 

„Зоран Заев и СДСМ се уценети заради нивните криминалии да прифатат се што ќе им биде сервирано за да си ја спасат кожата, притоа заобиколувајќи ја волјата на граѓаните“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

 

„Новата Тиранска Влада на чело со уценетите Заев и СДСМ ќе има единствено улога против волјата на граѓаните да го прогласат албанскиот јазик и неговото писмо за официјален државен јазик, заедно со македонскиот и неговото кирилско писмо. Тие немаат проблем ниту да ги променат името на државата, химната, знамето, банкнотите, униформите, написите“, порачуваат од партијата.

 

„Доколку Зоран Заев и СДСМ сметаат дека Платформата од Тирана е добра за Македонија, ВМРО-ДПМНЕ ги охрабрува СДСМ да се согласат да се распишат парламентарни избори и да им ја понудат на граѓаните на Република Македонија да ја изгласаат“, велат од партијата.

 

ВМРО-ДПМНЕ чувствува обврска да ја почитува волјата на мнозинството граѓани кои гласаа за Коалицијата „За подобра Македонија“. Заради почитта кон нив и нашата стратешка определба, ВМРО-ДПМНЕ нема да дозволи да се донесат никакви решенија што се спротивни на државните и национални интереси, порачуваат од партијата./крај/мф/бс

Поврзани написи

Макфакс е-билтен

Email *