МАКФАКС

Бејта зборувал со Заев во седиштето на СДСМ, ДУИ уште нема одлука

Бејта зборувал со Заев во седиштето на СДСМ, ДУИ уште нема одлука
28.01.2017, 22:19

Градоначалникот на Гостивар од редовите на ДУИ, Невзат Бејта, неофицијално вечерва во седиштето на СДСМ во Скопје имал куса средба со лидерот на СДСМ Зоран Заев, пишува порталот А1он.мк, додека неговиот лидер Али Ахмети подоцна изјави рече „дека знае кога каде пратил“.

Од партијата првично не коментирале ниту дали Бејта бил во седиштето на социјалдемократите, ниту за што се разговарало. Се наведува дека Бејта и јавно соопшти дека не подржува коалиција со Груевски, и дека „ниту еден Албанец тоа не би требало да го посакува“.

„Сé уште нема одлука со кого ќе влеземе во коалиција. Ги анализираме сите опции со цел да ја донесеме најдобрата можна одлука во полза на Албанците и на сите други граѓани на Македонија. Ги анализираме сите опции“, изјави за телевизиите во саботата ноќта Али Ахмети пред партиското седиште во тетовска Мала Речица.

На новинарското прашање да ги коментира вестите дека возилото на Невзат Бејта е забележано пред седиштето на СДСМ, Ахмети кусо одговори „Јас сум претседател на партијата и секогаш знам кој каде се наоѓа и какви задачи им давам..“.

Претходно медиумите јавија дека покрај гостиварскиот градоначалник, седницата на раководството на ДУИ го напуштиле и градоначалничката на Тетово, Теута Арифи, и првиот човек на скопската општина Чаир, Изет Меџити, кој подоцна се вратил на средбата.

Како што рекол неименуван извор од ДУИ на седницата на партиското раководство во Мала Речица било тензично и неизвесно, но дека лидерот Али Ахмети наводно немал поддршка од мнозинството, како и дека дел од новите пратеници може и да му откажат послушност доколку одлучи да оди во влада со ВМРО-ДПМНЕ.

Претходно портпаролот на ДУИ, Бујар Османи за новинарите изјави дека не е точно оти за време на средбата на Централното претседателство на ДУИ во Мала Речица, лидерот Али Ахмети предложил коалиција со ВМРО ДПМНЕ, а другите членови на партијата биле против.

„Ахмети има и право сам да одлучува за можните чекори, меѓутоа неговата цел е да го слушне мислењето на сите членови на Претседателството во однос на сите опции што тој ги има ставено на маса за да ја донесе најдобрата и најздравата одлука. Уште еднаш ќе ги отфрлам најкатегорично шпекулациите дека има некаков раздор во партијата и има некакви преференции на едните или на другите. Нас не ни е важна воопшто политичката судбина ниту на СДСМ, ниту на ВМРО ДПМНЕ. Нас ни е важна реализацијата на платформата и договорот што сме го потпишале со Албанците на 11-ти декември“, потврди Османи во изјавата за телевизиите.

До недела на полноќ, истекува рокот кога мандатарот Никола Груевски чија партија на предвремените парламентарни избори на 11-ти декември освои најголем број мандати треба да го достави предлог составот за нова влада./крај/мф/сн

Поврзани написи

Макфакс е-билтен

Email *