НДМ бара Груевски и Заев да ветат дека никој веќе нема да тепа новинари кои не се под нивна контрола

НДМ бара Груевски и Заев да ветат дека никој веќе нема да тепа новинари кои не се под нивна контрола

Челниците на двете најголеми македонски партии ВМРОД-ДПМНЕ и СДСМ, Никола Груевски односно Зоран Заев треба да ветат дека во земјата новинарите нема да бидат напаѓани за извршување на нивните работни задачи, побара во средата Народното движење на Македонија (НДМ) во врска со инцидентот од вторникот вечерта кога на крајот од собирот на граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“ физички беа нападнати и повредени новинари на порталот А1он.мк

 

„Поминаа 12 часа од шокантното сознание дека во демократска Македонија сé уште се тепаат новинари само затоа што известуваат професионално и објективно за настаните во земјата. Потврдата за ова се гледа од бруталното претепување на новинарот и снимателот на порталот А1он, кој е еден од ретките медиуми што професионално и објективно известува за настаните во земјата не правејќи селекција на информациите во зависност од тоа дали се умилкувачки спрема Никола Груевски или Зоран Заев“, се истакнува во изјавата на партијата на Јанко Бачев.

Оттаму, од НДМ бараат од властите да го расчистат овој немил настан со бруталното претепување на новинарот и снимателот на порталот на А1он за време на професионалните должности на протестот на здружението „За заедничка Македонија“.

Истовремено, НДМ ги повикува Груевски и Заев да се вразумат и да упатат силна порака дека никој нема повеќе да тепа новинари само затоа што доаѓаат од медиум кој не е под нивна директна контрола.

„Ќе има одговорност за сите последици врз граѓаните во изминатите 26 години од несовесните и неодговорните политики на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ кои доведоа до тешко злосторство врз медиумите правејќи од нив партиски гласила наместо професионални и објективни медиуми за градење на стабилна и функционална демократија во Македонија“, се заклучува во соопштението./крај/мф/сн