СДСМ: Мнозинската волја на граѓаните ќе се реализира, креаторите на кризата да се отрезнат што прават

СДСМ: Мнозинската волја на граѓаните ќе се реализира, креаторите на кризата да се отрезнат што прават

 

Aко ВМРО-ДПМНЕ сака унитарна и суверена Република Македонија и се грижи за потребите на граѓаните, треба веднаш отворено да ја поддржи Програмата на новата реформска Влада, да прифати дека е опозиција и да овозможи мирен трансфер на власта, велат од СДСМ.

 

„И за домашната и за меѓународната јавност е јасно дека ова што го прават Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ, поттикнувањето поделби меѓу граѓаните, омраза и нетрпеливост, има за цел само заштита на криминално стекнатото богатство и обид за бегство од одговорност“, додаваат од партијата.

 

„За колку несериозни политичари станува збор, кои не мислат на своите граѓани, покажува однесувањето на Ѓорге Иванов, за кого државен приоритет не е формирањето Влада, туку неговите прошетки по Азербејџан, Унгарија и Австралија. Од денеска и Емил Димитриев кој извршува функција технички премиер, не е во државата“, велат од СДСМ.

 

„Во услови кога нема нова Влада, Собранието нема претседател, а Груевски и ВМРО-ДПМНЕ се ориентирани кон сценарија на конфликтност, ова е крајно ризично и бара итно отрезнување на креаторите на кризата и многу брза разврска на политичката криза“, порачуваат од СДСМ.

 

„Институциите мора веднаш да се формираат и државата мора да профункционира според мнозинска волја на граѓаните. Република Македонија мора да ја добие и ќе ја добие новата Влада којашто ќе ја гарантира стабилноста, безбедноста и добрата иднина на граѓаните и на државата“, заклучуваат од партијата./крај/мф/бс