Daily news
Марин: Камчев сака да гради кај Мајчин дом, нема да дозволиме богатење на сметка на здравјето на граѓаните
Ќе има преиспитување и одговорност за спорниот ДУП И10 во Општина Аеродром којшто беше изгласан тајно и без дебата, и со којшто за криминални бизнис интереси, Ивица Коневски и ВМРО-ДПМНЕ го уништуваат воздухот и здравјето на граѓаните, изјави во саботата претседателот на општинската организација на СДСМ во Аеродром, Златко Марин.
„Ова е доказот дека Орце Камчев стои зад Масив Констракшн, фирмата која ќе гради објекти кај Мајчин Дом. Како што може да се види во овие документи, Масив Констракш е во сопственост на Европа Комерц ДООЕЛ Кочани и Архи ДОО која пак е во сопственост на Ексико и Орка Холдинг АД Скопје. Ексико, пак, е фирмата чиј управител е Тодор Мирчевски, човек кој управува со сите фирми на Камчев. Фирми кои преку Ексико изнесуваат милиони евра од македонскиот буџет преку тендери и субвенции во приватни оф-шор сметки“, рече Марин.
„Криминалните шеми на Коневски, ВМРО ДПМНЕ и градежната мафија се заплеткани и сложени но, нивната цел е јасна – полнење на приватни џебови и сметки и туркање на Аеродром во еколошка катастрофа, со ДУП кој ќе го спречи струењето на воздухот од Вардар, ќе го уништи зеленилото и уште повеќе ќе го загади воздухот“, додаде тој.
„Здравјето и животот на граѓаните мора да биде поважно од неброените фирми и банкарски оф-шор сметки! Ова е само еден од доказите за поврзаноста меѓу Коневски, ВМРО-ДПМНЕ и градежната мафија. Ги знаеме и другите сопственици на спорните парцели кои се поврзани со ВМРО-ДПМНЕ и ќе ги откриеме“, смета Марин.
„Граѓаните се свесни за овие криминални игри на Ивица Коневски и ВМРО-ДПМНЕ и затоа реагираат и секој ден се пред општината. Ги поддржуваме и заедно ќе постигнеме повлекувањето на овој ДУП. Граѓаните на Аеродром нема повеќе да бидат заложници на урбаната мафија! Коневски и ВМРО-ДПМНЕ коишто со денови се кријат од граѓаните ќе одговараат за сите криминали и злоупотреби“, рече тој.
„Поради ова и поради сите останати злодела во општината, граѓаните на Аеродром ќе ја казнат оваа локална власт. По новата реформска Влада, ќе следува нова локална власт и во општина Аеродром, која ќе работи единствено во интерес на граѓаните и нивните реални потреби“, заклучи Марин./крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.
Daily news
Бизнисменот Минчо Јорданов треба да сведочи дали бил уценет со пари во шпионската афера
Бизнисменот Минчо Јорданов утрово во кривичниот суд е повикан да сведочи во предметот што го презеде специјалното јавно обвинителство под кодно име „Шпион“.
Обвинетите Миќо Наскоски, Зоран Божиновски и Марјан Маџовски, како што рече на минатото рочиште обвинителката Елизабета Јосифовска, со цел да се стекнат со противправна имотна корист, му се заканиле на бизнисменот Минчо Јорданов дека ќе објават податоци за наводна криминална приватизација и откуп на акциите во АД „Бетон“ и на други негови фирми. Во намерата не успеале, а Јорданов не ги исплатил парите.
„Обвинетиот Александар Диневски прибавувал податоци со степен на државна тајна, а потоа ги доставувал или директно на странските разузнавачки служби или му ги давал на обвинетиот Марјан Ефремов, кој ја формирал групата за уцени, изнуди и шпионажа и ја координирал од 2009 до 2013 година, регрутирајќи нови членови во мрежата. Со обвинетиот Мирослав Зафировски од УБК прибирале податоци за луѓе од ЦИА присутни во Македонија и за штаб на ЦИА во Ирак. Тие прибирале и податоци за организациската поставеност на УБК“, рече Јосифовска за „Шпион“, кое СЈО врз база на нови прислушувани разговори го презеде од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Ефремов, според обвинението, групата за изнуда и тргување со тајни информации од безбедносните служби на Македонија ја направил во 2009 година и, како што тврди обвинителството, тој е мозокот на целата операција. Информациите им ги продавале на Кост Н. од грчката разузнавачка служба, Петар Н. и Јуриј Н. од унгарската и на други лица од странски разузнавачки служби.
Секој од обвинетите, зависно од тоа во која институција работел, снимал службени документи, кои потоа им ги продавал на грчката, руската, унгарската и српската разузнавачка служба. Обвинети во овој случај се и тогашниот шеф на Кабинетот на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, генералот Горан Стојков, Миќо Насковски, Ѓорѓи Хаџимицев, Цветан Дамјановски (заедно со други нивни колеги од МВР, УБК, АР и Военото разузнавање, кои дел се веќе осудени) и Зоран Божиновски, кој во групата имал улога ако уценуваните не дадат пари, тој да ги објавува, како што вели обвинителката, во порталот „Буревесник“ или во други медиуми во кои работел. Божиновски е обвинет за злосторничко здружување, шпионажа и уцена.
Обвинетите не се чувствуваат виновни, а тврдат и дека целиот процес е монтиран. Во предметот првично беа опфатени 19 лица, од кои неколкумина ја одлежаа затворската казна. Предметот го суди судијата Владимир Туфегџиќ. На конференциска врска треба да сведочи и Драган Даравелски, кој, според обвинението, исто така бил уценуван од обвинетите.