Daily news
Падна и лустрацијата на Петар Карајанов во Стразбур
Одлуката за Петар Карајанов е објавена денес. Ова е втор лустрациски случај што го изгуби Македонија пред меѓународниот суд.
Македонија изгуби уште еден лустрациски случај во Стразбур. Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) ја усвои жалбата на Петар Карајанов, кој во 2013 година беше прогласен за соработник на македонските безбедносни служби, иако тврдеше дека постои друго лице со ист идентитет.
Државата е задолжена да му плати 4.500 евра за надомест на штета, како и 1.000 евра за трошоци. Ова е втор случај во кој македонски граѓанин издвојува правна битка против Македонија,откако минатата година морална и парична сатисфакција доби и поранешниот претседател на Уставниот суд,Трендафил Ивановски.
Одлуката на ЕСЧП за Карајанов е објавена денес, потврди за Макфакс,Костадин Богданов,директор на Бирото за застапување на Република Македонија пред судот во Стразбур.
„Утврдена е повреда во делот на фер постапка, бидејќи Управниот суд не спровел усен распит и недоволно биле образложени аргументите на Судот, зошто не ги прифатил контра аргументите на тужителот, туку само на Комисијaта за верификација на факти“, ни изјави Богданов.
Тој вели дека e пронајдена повреда и во член 8 од Европската Конвенција (право на приватност), бидејќи решението на Лустрациската комисија е објавено на нивната веб страница пред да заврши судската постапка.
„Веста ја примив со двојно чувство:радост, што по 4 години ја добив битката за правда и праведност, нои непријатно чувство на болка, што морав да ја тужам сопствената држава за да докажам дека не сум бил соработник и оти неправедно сум осуден од „заробеното судство“, изјави за нашата агенција, Петар Карајанов.
Според него, власта се пресметала со него, заради тоа што бил еден од подносителите на иницијативата до Уставниот суд, со кој се бара оценка на уставноста и законитоста на контроверзниот закон, како и заради неговиот активизам во Сојузот на борци и борбата против негирањето на НОБ..
Карајанов смета дека одлуката од Стразбур, значи силен удар и негација на целокупниот процес на лустрација, кој беше користен за пресметка со неистомислениците на режимот.
Во регистарот на Комисијата за верификација на факти Петар Карајанов е заведен под број 59. Тој е лустриран на 27 мај 2013 година, а една година подоцна, поточно на 12 јуни 2014 година, решението стана конечно, откако претходно ја изгуби правната битка пред Управниот суд и Вишиот управен суд.
Карајанов тврдеше дека постои лице со друг идентитет и дека многу податоци кои се наведуваат се неточни, почнувајќи од датумот на неговото раѓање.
Сепак, Комисијата не ги прифати ваквите аргументи и одлучи дека тој во текот на 1962 и 1963 соработувал со службите за безбедност.
„Ако се утврди дека постои уште еден Петар Карајанов, ние ќе го лустрираме него, доколку подлегнува на законски одредби. Ако не, ќе му се извиниме“, изјавија од Лустрациската комисија пред пред неколку години.
Петар Карајанов зад себе има богата општествено-политичка кариера.
Беше претседателот на Градскиот комитет на СКМ-Скопје, член на ЦК на СКМ и претседател на Општествено-политичкиот собор на Собранието на СРМ./крај/мф/гд
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.
Daily news
Бизнисменот Минчо Јорданов треба да сведочи дали бил уценет со пари во шпионската афера
Бизнисменот Минчо Јорданов утрово во кривичниот суд е повикан да сведочи во предметот што го презеде специјалното јавно обвинителство под кодно име „Шпион“.
Обвинетите Миќо Наскоски, Зоран Божиновски и Марјан Маџовски, како што рече на минатото рочиште обвинителката Елизабета Јосифовска, со цел да се стекнат со противправна имотна корист, му се заканиле на бизнисменот Минчо Јорданов дека ќе објават податоци за наводна криминална приватизација и откуп на акциите во АД „Бетон“ и на други негови фирми. Во намерата не успеале, а Јорданов не ги исплатил парите.
„Обвинетиот Александар Диневски прибавувал податоци со степен на државна тајна, а потоа ги доставувал или директно на странските разузнавачки служби или му ги давал на обвинетиот Марјан Ефремов, кој ја формирал групата за уцени, изнуди и шпионажа и ја координирал од 2009 до 2013 година, регрутирајќи нови членови во мрежата. Со обвинетиот Мирослав Зафировски од УБК прибирале податоци за луѓе од ЦИА присутни во Македонија и за штаб на ЦИА во Ирак. Тие прибирале и податоци за организациската поставеност на УБК“, рече Јосифовска за „Шпион“, кое СЈО врз база на нови прислушувани разговори го презеде од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Ефремов, според обвинението, групата за изнуда и тргување со тајни информации од безбедносните служби на Македонија ја направил во 2009 година и, како што тврди обвинителството, тој е мозокот на целата операција. Информациите им ги продавале на Кост Н. од грчката разузнавачка служба, Петар Н. и Јуриј Н. од унгарската и на други лица од странски разузнавачки служби.
Секој од обвинетите, зависно од тоа во која институција работел, снимал службени документи, кои потоа им ги продавал на грчката, руската, унгарската и српската разузнавачка служба. Обвинети во овој случај се и тогашниот шеф на Кабинетот на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, генералот Горан Стојков, Миќо Насковски, Ѓорѓи Хаџимицев, Цветан Дамјановски (заедно со други нивни колеги од МВР, УБК, АР и Военото разузнавање, кои дел се веќе осудени) и Зоран Божиновски, кој во групата имал улога ако уценуваните не дадат пари, тој да ги објавува, како што вели обвинителката, во порталот „Буревесник“ или во други медиуми во кои работел. Божиновски е обвинет за злосторничко здружување, шпионажа и уцена.
Обвинетите не се чувствуваат виновни, а тврдат и дека целиот процес е монтиран. Во предметот првично беа опфатени 19 лица, од кои неколкумина ја одлежаа затворската казна. Предметот го суди судијата Владимир Туфегџиќ. На конференциска врска треба да сведочи и Драган Даравелски, кој, според обвинението, исто така бил уценуван од обвинетите.