МАКФАКС

Со средства од ЕУ целосно санирано свлечиштето кај Пробиштип

Со средства од ЕУ целосно санирано свлечиштето кај Пробиштип
17.03.2017, 11:41

 

Свлечиштето на регионалниот пат Штип – Пробиштип, кое пред две години, за време на поплавите однесе дел од патот,  целосно е санирано, информира во петокот Канцеларијата на Европската Унија во Скопје.

 

Целиот зафат на реконструкција на свлечиштето чинеше 14,5 милиони денари, средства обезбедени од страна ЕУ преку Програмата за санација на штетите од поплавите.

 

Свлечиштето во близина селото Неокази, на 5 километри од Пробиштип, претставуваше голема закана за безбедноста во сообраќајот.

 

Санацијата е направена со примена на најсовремените стандарди. Изграден е потпорен ѕид со анкери и шипови и е поставен систем за целосно одводнување, со што се решава опасноста од  понатамошно оштетување.

 

Според градоначалникот на Општина Пробиштип, Тони Тоневски, санацијата на свлечиштето и стабилизацијата на теренот овозможува целосно враќање во функција на овој фреквентен регионален пат кој ја поврзува Општина Пробиштип со источниот дел од земјата и ја подобрува безбедноста на сите учесници во сообраќајот.

 

За санација на инфраструктурата оштетена од поплавите, кои ја зафатија земјата пред две години, Европската унија обезбеди 10 милиони евра.

 

Во рамките на компонентата за санација на транспортната инфраструктура, покрај свлечиштето, целосно е завршена реконструкцијата на пат во Општина Конче, а во Општина Чешиново-Обчешево, кај селото Соколарци е направен нов мост-пропуст.

Една од најголемите инвестиции е изградбата на нов мост на реката Брегалница во Општина Зрновци, каде работите се изведуваат со полн интензитет, се вели во информацијата на Канцеларијата на ЕУ во Скопје./крај/мф/кс.

 

No Posts Found

Поврзани написи

Макфакс е-билтен

Email *