Македонија
Се гласа со страв, никој не презема ништо
Страв за работното место, свое, на близок од семејството, за ветеното работно место, стравот за вакви егзистенцијални прашања е првата водилка кај македонскит гласач кога излегува на избори, тоа сите го знаеме, но иако е противуставно, никој не зрезема ништо да се смени состојбата, беше заклучено, во вторник на панел дискусијата во организација на граѓанската асоцијација МОСТ, на тема „Одвојување на дрѓавата од партијата“.
Како што појасни уставниот судија Наташа Габер Дамјановска, со Устав е загарантирана слободата на гласањето, тајноста на гласањето и гласањето на граѓаните по сопствено уверување, но иако во Македонија сите знаеме дека не се гласа така, ниту институциите, ниту граѓанскиот сектор, ниту самите граѓани не си ги бараат уставно загарантираните права.
„Дали може да зборуваме за слобода на избори ако знаеме дека огромен е бројот на гласачи кои гласаат под закана со губење на работното место, или за работното место на член од семејството, во страв да не добијат субвенции или некои социјални права“, праша Габер-Дамјановска.
Таа појасни дека до Уставниот суд добиле жалби од граѓани кои се дискриминирани за добивање работа, само затоа што не се припадници на прифатлива политичка опција, а најчудно е што таква дисктриминација почувствувале и оние кои не се припадници на никаква политичка опција.
На Френк Хантке, пак, раководител на канцелариите на фондацијата „Фридрих Еберт“ во Тирана и во Скопје му е чудно што балканските политичари, повеќето од нив, сметаат дека партијата треба да е пред државата.
Тој раскажа анегдота, во разговор со некој албански политичар, кој му рекол, дека разговарал со политичари од различни партии во Германија, и сите му рекле прво државата, а потоа партијата. Соговорникот политичар рекол: „Збунет сум. Нели е обратно“.
За да се искоренат ваквите појави Хантке предлага, членството да ја финансира партијата. „Само кај вас на Балканот членовите на партијата не плаќаат членарина, не даваат ништо а бараат таа да им врати“.
Во Германија, од каде доаѓа тој, политичките партии се финансираат од членовите, и тоа во просек по 320 евра месечно, но во зависност од платата тоа варира од 5 до 1.500 евра.
Потоа предложи и транспарентни донации, посочувјќи дека големите фирми кои финансираат партии над 50.000 евра во Германија, тоа мора да го објават, иако потсети, тоа е многу за Македонија, и секако додаде, тие фирми ги финансираат сите партии, за да имаат врски кога ќе им притребаат.
„Германците не се помалку корумпирани од Македонците. Не верувам во приказните за менталитет. Кај нас само има подобра контрола“, рече Хантке.
Ендру Елис, уставен експерт и експерт за избори, смета дека гласачите треба да формираат мислење без протисок, без закани и без страв.
Во дискусијата, Бојан Маричиќ ги изнесе податоците од последното истражување на Македонскиот центар за европско образование, според кои 52 отсто од граѓаните сметаат дека во Македонија не се дава слободно сопственото мислење и тоа најмногу поради страв, второ поради некои повластици од партијата или клиентелизам, а не помалку битно и поради тоа што сметаат дека нема ништо да се смени.
Британскиот амбасадор Чарлс Гарет рече дека ова е многу важна тема за спроведување кредибилни избори.
„Сите ние знаеме што ги прави изборите кредибилни, институциите знаат, индивидуалците знаат, гласачите знаат, сите знаат што ги прави изборите кредибилни и во теорија би требало да биде можно тоа да се спроведе“, рече Гарет. /крај/мф/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Села оди во коалиција со Ахмети
На седница на Централното собрание на крилото на Алијансата за Албанците предводено од Зијадин Села, беше одлучено да коалицираат со Европскиот фронт – коалицијата предводена од ДУИ.
Зијадин Села изјави дека одлуката била донесена едногласно, односно само еден делегат бил против, а четворица воздржани.
Очекуваат да добијат најмалку пет пратенички мандати.
„Европскиот фронт ќе биде апсолутен победник на изборите. Алијансата ќе има минимум парламентарна група“, рече Села.
Алијансата се подели на две крила, кога партискиот лидер Арбен Таравари објави дека партијата на претстојните парламентарни избори ќе настапи заедно со опозицискиот блок на Албанците – Беса, Алтернатива и Демократско движење, додека Села објави дека ќе одат на избори самостојно. Потоа следеа одделни партиски конгреси, а во судот веќе се води спор.
Македонија
ДУИ во коалиција со Унијата на Ромите
По потпишувањето на коалицијата за Европскиот фронт со ДПA на Мендух Тачи, Народното движење на Скендер Реџепи Зејд, ДЕП на Аријан Хоџа и Демократска партија на Турците (ТДП), претседателот на Демократската унија за интеграција, Али Ахмети одржа конференција за медиумите, каде што беше потпишан коалицискиот договор со Фатма Османоска, претседател на партијата Унија на ромите.
Претседателот на Демократската унија за интеграција , Али Ахмети ја истакна важноста на коалицијата помеѓу двете заедници, онаа на Ромите и Албанците и силата што ќе ја има Европскиот фронт во борбата против дискриминацијата и маргинализацијата на секоја заедница.
„Општина Шуто Оризари е единствената општина во Европа на ромската заедница и тоа е навистина за радување и за поддршка во сите сфери на животот. Почитувана претседателка на партијата, на средба со градоначалникот на општината, му реков, почитуван градоначалнче, немавте претставници за време на Охридскиот договор, јас ги претставував сите заедници кои немаа претставници таму, Роми, Турци, Власи, Бошњаци како и Трајковски чија евангелиска вера не ја признаваа. Г-ѓо претседателке, нема потреба да поставувате барања, ја имате нашата поддршка, јас доаѓам од народ кој бил дискриминиран, надгласуван и маргинализиран, затоа сите заедно ќе се бориме против дискриминацијата и маргинализацијата. Ромската заедница рамноправна со сите на истиот фронт. Сакам да му честитам на градоначалникот на Шуто Оризари за работата и соработката, кој оствари извонредна соработка со Албанците и советниците кои работат заедно, бидејќи градоначалникот е тој што доближува. Зборувам со голема одговорност, ќе не испробате и ќе видите какви партнери сме. Не само со зборови, туку и со дела. Ќе бидеме заедно на нашето патување, ќе ја направиме нашата земја членка на ЕУ, во нашата земја мора да владее правото, во нашата земја мора да владее вистинска демократија, а ние, Европскиот фронт, сме тие кои ќе ги градиме овие вредности. Вака како што сме заедно, на 24-ти април, да извојуваме убедлива победа и на 8-ми мај, неспорна победа. ДУИ ќе го направи невозможното, во овој мандат мора да има пратеничка Ромка, и таа ќе биде Фатма. Честитки, здравје и успех! Без дилеми, Европскиот фронт е победник на овие избори“, рече Ахмети.
Претседателката на Партијата на Унијата на Ромите, Фатма Османоска, рече дека денес единствен начин ромската заедница да најде поддршка и потпора е да се приклучи на еден единствен фронт каков што е Европскиот фронт.
„Почитуван премиере, почитуван господине Ахмети, почитувани сопартијци, советници и граѓани. Во кој фронт да се вклучи нашата партија, ако не во Европскиот фронт? Кого да избереме ако не оние со кои имаме иста визија. Ни рекоа, немате политичка сила, немате образован кадар, немате партија. Сега сме тука пред вратата на Европа, за да влеземе во ЕУ како рамноправни. Овој сојуз ќе ни даде можност да бидеме рамноправни. Како претседател, а и како партија гарантираме дека оваа соработка ќе успее“, рече Османовска.
Исто така, за важноста на Фронтот зборуваше и градоначалникот на општина Шуто Оризари, Курто Дудуш, кој истакна дека со овој фронт Ромите ќе почнат да го живеат сонот кој требаше одамна пред многу години, додавајќи дека фронтот ќе добие повеќе од 20 пратенички мандати.
„Ова што се случува во наше време, жалам што претходните ромски политичари не ја сфатија оваа можност, за да го искористат Рамковниот договор како што денес браќата Албанци ја искористија да бидат рамноправен народ со Македонците, но велам дека никогаш не е доцна. Оваа коалиција ќе донесе голема победа со плус 20 пратеници“, изјави градоначалникот на општина Шуто Оризари, Курто Дудуш.
Македонија
Родово заснованото насилство на националните телевизии во фокусот на првиот јавен состанок на АВМУ
Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги денес го одржа првиот јавен состанок за оваа година, на кој директорот д-р Зоран Трајчевски направи пресек на реализираните активности согласно Годишната програма за работа во изминатите три месеци.
Присутните имаа можност да слушнат за активностите поврзани со спроведените надзори врз радиодифузерите, операторите на јавни електронски комуникациски мрежи, издавачите на печатени медиуми, изречените мерки јавна опомена, активностите на полето на меѓународната соработка.
На состанокот беа презентирани и наодите од Истражувањето за начинот на известување за родово заснованото насилство во информативните програми на националните телевизии во 2023 година, кое за потребите на Агенцијата го изработи Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Во него се опфатени првите десет дена од месеците јануари, февруари и март 2023 година.
Истражувањето опфаќа две целини, од кои едната се однесува на прилози кои прикажуваат конкретни случи/настани на родово засновато насилство, додека втората, на прилози кои презентираат одредени состојби поврзани со оваа појава, како податоци од истражувања, статистички податоци, однос на релевантните институции и мерките што тие ги преземаат.
Од анализирани прилози, идентификувани се 22 кои обработуваа конкретни настани што се однесуваат на родово засновано насилство. Анализата покажа дека тие се најчесто во форма на вест или извештај, актерите и изворите на информации се прецизно наведени и најчесто се емитуваат на крајот на иформативните емисии.
Во однос на прилозите кои го обработуваа родово заснованото насилство како појава, идентификувани се 11 прилози, во кои најчестите типови на насилство беа видови на економско насилство, фемицидот, семејното и психолошкото насилство.
Целото Истражување е достапно на веб страницата www.avmu.mk.