МАКФАКС

Бездомниците згрижени во пунктот на ЈП “ПОЦ“ благодарни за помошта

Бездомниците згрижени во пунктот на ЈП “ПОЦ“ благодарни за помошта
25.01.2017, 12:08

Петорица бездомници во моментов престојуваат во пунктот за згрижување на овие лица, кои го отворија ЈП “ПОЦ“ во соработка со општина Центар.

За овие две недели, во центарот престојувале осум лица. Денеска, градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски и директорот на ЈП “ПОЦ“, Саша Богдановиќ, ги посетија и разговараа со бездомниците, кои се благодарни за навремената помош и грижа која им е пружена.

“Тука најдовме засолниште од студот и ви благодариме бидејќи не спасивте од сигурна смрт“, вели еден од згрижените лица.

Седумдесет и шест годишниот чичко Благоја во прифатилиштето е од првиот ден и тука, на топло и со торта, како што вели тој, го прослави својот роденден. Освен кров над глава на овие ниски температури, за нив е обезбеден топол оброк, пакети со храна за вечера и за појадок, топли напитоци, ќебиња и топла облека. Медицински лица во случај на потреба се грижат за нивното здравје, а условите, велат тие, за нас се подобри и од хотел, бидејќи просториите се затоплени и имаме беспрекорно чисти тоалети.

Триесеттина граѓани од социјално загрозени средини во центарот за згрижување побараа и добија храна, ќебиња, топла облека, постелнина и пијалоци. Тие велат дека институциите потфрлиле, особено на овие ниски температури, кога организираната помош е најпотребна. Освен кров над главата, овие луѓе немаат ништо друго. На дваесеттина самохрани мајки, на кои им беа неопходни пелени, детска облека, постелнина, бебешка храна, добија пакети со сè што наведоа дека им е неопходно.

Жерновски и Богдановиќ уште еднаш упатија апел до надлежните, да не забораваат на овие луѓе, да не ги остават на милост и немилост на студот и да ги преземат сите можни чекори кои се во нивна надлежност за похуман однос и грижа за овие лица.
Својата хуманост ја покажаа повеќе организации и поединци кои донираа храна, а Богдановиќ и Жерновски ја издвоија и добрата соработка со Црвениот Крст на градот Скопје.

Бездомните лица кои престојуваат во центарот за згрижување се задоволни од храната која ја добиваат секојдневно од пекарата “Силбо“, хотелот “Сити Парк“ и од пицеријата “Костарика“. И маркетите “Веро“ се заинтересирани и веќе имаат понудено помош со достава на топли, готвени јадења. ЈП “ПОЦ“ до социјално загрозените семејства кои имаат кров над главата им однесе помош во дрва, храна, облека и ќебиња.

“ПОЦ“ и општина Центар се погрижија и за уличните животни, кои исто така се на удар на минусните температури. Изработени се четириесеттина куќарки за животни, кои им беа поделени на граѓаните, а материјали за составување на вакви куќарки се дадени и на здружението за заштита на животни, “Анима Мунди“.

ЈП “ПОЦ“ и општина Центар ќе продолжат да нудат згрижување и помош додека траат ниските температури и додека граѓаните имаат потреба од помош. Сите граѓани или правни лица кои сакаат да донираат помош, можат да добијат информации на телефоните 078/535-862 и 070/340-413. /крај/со/ст

Поврзани написи

Макфакс е-билтен

Email *