Скопје
Започна користењето на електронски картички во автобусите на ЈСП
Граѓаните на Скопје од сабота ќе можат да набавуваат персонализирани електронски картички за користење во јавниот превоз во Скопје (ЈСП) во осум канцеларии специјализирани за оваа намена.
“Од денеска и официјално го започнуваме процесот на издавање на електронските картички кои граѓаните ќе можат да ги набават на посебните инфо центри на ЈСП. Паралелно со издавањето на овие картички, од денес пробно започнува и новиот систем за наплата во автобусите на ЈСП, каде до 31.12.2015 година паралелно ќе функционираат и новиот и стариот систем за наплата“, изјави скопксиот градоначалник Коце Трајановски.
Тој изрази уверување дека со овие новитети значително ќе се подобри функционирањето на системот за јавен превоз во Скопје, истиот ќе биде многу подобро организиран, ќе се зголеми брзината и квалитетот на градскиот превоз, кажа
Директорот на ЈСП-Скопје Јанушев, изјави дека процесот на вадење на електронските персонализирани картички „Моја скопска“ е доста брз и истиот не трае повеќе од две минути.
„Целата процедура трае една или две минути. Многу брзо, на местото се фотографира барателот на картичката и таа се изработува веднаш потоа. Ќе има осум локации во Скопје, а шест почнуваат да функционираат од денеска, односно од вторник. Останатите две се доработуваат и за неколку дена ќе бидат отворени“, изјави Јанушев..
Со новиот систем за електронска наплата имаме два вида на картички, каде едната е персонализирана (Моја скопска) и може да биде користена само од страна на еден корисник и пренослива картичка без фотографија (Скопска). На овие 8 локации граѓаните ќе можат да извадат “Моја скопска” картичка, која во однос на неперсонализираната картичката (Скопска), има повеќе предности, како што е можноста за користење на месечни билети, со истата се овозможува контрола на трансакциите преку WEB апликација, а доколку истата се изгуби или оштети, постои можност за префрлување на средствата на нова картичка додека старата се блокира. Дополнително ќе бидат поставени и автомати на 3 локации, и тоа Рекорд, Транспортен центар и Бит пазар каде што граѓаните ќе можат да ги надополнуваат електронските картички со средства. За да се реализира успешно овој систем патниците треба навремено да ги набавуваат електронските картички, па затоа апелирам сите корисници на јавниот превоз навреме да ги набават електронските картички кои сакаат да ги користат, информира директорот на ЈСП.
Паралелно со системот на електронска наплата, се имплементира и системот за автоматска локација на возилата на ЈСП, со која ќе се овозможи секој од автобусите да биде лоциран во секое време, од почетната до крајната станица.
„На секоја автобуска станица на соодветната линија ќе има сигнална ламба која ќе свети зелено или црвено, во зависност од тоа дали автобусот на станицата пристигнал на време или доцни. Со тоа ќе се овозможи автобусите да доаѓаат точно на време на соодветните автобуски станици. Ќе се овозможи во случај на одредени проблеми, да може веднаш да се реагира“, рече Трајановски.
Со воведувањето на системот за автоматска локација на возилата и електронска наплата во повеќе од 500 автобуси (325 на ЈСП), Градот Скопје и неговите граѓани ќе добијат побрз и поквалитетен градски превоз. Проектот за воведување систем за автоматска локација на возилата и електронска наплата е целосно финансиран од Градот Скопје и чини околу 3 милиони евра. /крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Скопје
Советот на Општина Центар даде зелено светло за бесплатни тренинзи на јуниорите на КК Работнички во салата на ООУ ,,Коле Неделковски’’
На денешната 35. Седница на Советот на Општина Центар е усвоен предлогот на градоначалникот Горан Герасимовски за користење на училишната спортска сала во ООУ ,,Коле Неделковски” за потребите на младите кошаркари на КК Работнички, без надоместок, додека не биде реновирана салата во Градски парк.
На советниците градоначалникот Герасимовски им појасни дека се работи за исклучителна ситуација која ќе трае само додека не се создадат услови за одржување тренинзи во реновираното здание и дека оваа одлука е наменета само за јуниорскиот тим.
,,Ова не е одлука за првиот тим на Работнички туку за младинскиот клуб на КК Работнички бидејќи во моментот кога ќе почне да се реновира салата, тие ќе немаат простор за тренинзи. Знаеме каква е финасиската ситуација на младинскиот тим. Истиот функционира и од спортскиот ваучер што го доделува Владата, кој за жал доцни. И поради тие причини и поради тоа што самиот тим е сопственост на Општината, ние мораме да се грижиме за клубот и за младинците што таму тренираат и играат. Затоа мислам дека барањето е издржано и очекувам советниците да се согласат” истакна Герасимовски.
Предлог одлуката за користење на спортската сала во ООУ ,,Коле Неделковски” без надоместок од страна на КК Работнички за 2024 година е усвоен со 21 гласа ЗА, ниеден глас против и без воздржани.
Одлуката беше донесена откако КК Работнички-Скопје побара од Општината, како акционер, да добие тренинг термини во основните училишта за својот младински тим, поради реновирање на салата.
,,Како наш единствен акционер, сопственик и воедно сопственик на основните училишта во општината ве замолуваме да ни дозволите нашите младинци да тренираат во една од салите на школите кои се во ваша надлежност, стои во дописот на КК Работнички-Скопје испратен до Општина Центар.
Скопје
Герасимовски: Решен децениски проблем со безбедноста на сообраќајот на улицата Наум Наумовски-Борче
Општина Центар ја отстрани рампата на улицата „Наум Наумовски Борче” кај хотел Дувет, на раскрсницата помеѓу „Ленинова” и „Партизанска” која претставуваше проблем и пречка за функционирање на сите учесници во сообраќајот.
Со овој потег општината го реши деценискиот проблем на барање на жителите, по поднесена петиција во која се потпишаа 327 граѓани. Ова е направено во согласност со ДУП-от и за овој зафат се добиени потребните дозволи од сите надлежни институции.
На улицата се поставени столпчиња за безбедност во сообраќајот и за влегувањето на возилата во подземните гаражи. Со овој зафат се обезбедува пристапна зона која ќе биде проодна и безбедна за граѓаните.
,,Конечно го решаваме долгогодишниот проблем на ваше барање. Улицата станува безбедна за пешаците и за вас жителите. На овој потег постојано се случуваа сообраќајни незгоди и затоа ова моравме да го направиме. Со вадењето на рампата воедно и ја ослободивме улицата од сите пречки поради кои имаше проблеми”, им се обрати Герасимовски на собраните жители.
Општина Центар известува дека улицата ќе биде двонасочна, во широчина од 7 метри, по 3.5 од секоја страна, ќе се отстрани страничната урбана опрема и ќе се намалат надворешните тераси на угостителските објекти долж улицата „Наум Наумовски Борче”.
Со ова исто така ќе се оневозможи дивото паркирање на улицата што претходно претставуваше проблем за пешаците.
Скопје
Дел од неколку скопски населби без струја
Поради планирани прекини во електродистрибутивната мрежа без електрична енергија ќе останат следните корисници:
· Во период од 09,00ч до 16,00ч дел од корисниците во с. Волково и с. Кучково ( о. Ѓ. Петров);
· Од 09,00ч до 14,00ч корисниците од ул. Банско, ул. Баница, ул. Наум Охридски и ул. Жванска (о. К. Вода);
· Од 07,00ч до 15,00ч новите згради спроти Мерцедес ул. 852 (о. Г. Баба) и
· Во период од 09,00ч до 15,00ч дел од ул. Милан Мијалковиќ, ул.Пржино, ул.Кавалска (о. К. Вода).