Стариот познаник Тунис прв противник на Македонија на СП

Стариот познаник Тунис прв противник на Македонија на СП

Македонската ракометна репрезентација, во четврток, ќе го одигра својот прв натпревар на 25-то Светско првенство. Подмладената репрезентација на Лино Червар во првото коло за противник го има Тунис.

Со седум дебитанти, полни со ентузијазам и во позитивна атмосфера македонските репрезентативци го очекуваат првиот меч на 25-от ракометен Мундијал. Сите во таборот на националниот тим посакуваат реприза на дуелот на овие две репрезентации од пред две години на СП во Катар, кога Македонија со убедлива игра славеше 33:28.

Од друга страна никој не сака да размислува за последното соочување кое Македонија и Тунис го имаа пред девет месеци, кога Тунижаните победија (32:26) и ја оневозможија нашата селекција да настапи на Олимписките игри во Рио де Жанеиро.

Мечот во Гдањск сѐ уште е во свежо сеќавање, поради што селекторот повикува на допопнителна претпазливост, бара од своите ракометари да не помислуваат на зборот одмазда, бидејќи како што рече „тоа може да делува контрапродуктивно“.

Репрезентативците посочуваат дека играта на Тунис (деветкратен африкански шампион и учесник на 13 светски првенства) е добро анализирана и дека ќе се обидат да ги искористат сите слабости во нивната игра, а во одбраната главната задача ќе биде да се спречи левиот бек, соиграчот на Кире Лазаров, Жалуз, но и крилата Бугамни и Хосни.

Натпреварот Македонија-Тунис се игра во Мец, во рамките на Б група, а започнува во 17:45 часот. В четврток, во Б групата, ќе се одиграат и натпреварите Словенија-Ангола (14 часот), односно Шпанија-Исланд (20:45 часот). крај/мф/нц