Домашен
Ангеловски: Фаворити сме, но не смееме да го потцениме Лихтенштајн
Селекторот на фудбалската репрезентација на Македонија, Игор Ангеловски, го објави списокот на играчи на кои смета за квалификацискиот натпревар со Лихтенштајн (24.март) и пријателскиот со Белорусија (28.март).
Македонија ја прифаќа фаворитската улога против Лихтенштајн и на теренот на противникот ќе оди на премиерната победа во квалификациите за пласман на Мундијалот во Русија.
Македонските фудбалери се уште се без освоен бод во квалификациите, иако во претходните четири натпревари беа блиску барем до нерешени резултати во дуелите со Албанија, Израел и Италија, додека убедливо го загубија мечот во Шпанија.
„Верувам во играчите, убеден сум дека ќе влеземе максимално подготвени и конечно после добрите игри, да освоиме и бодови во овие квалификации. Јас не сум тренер кој бара алиби, не бегаме од фаворитската улога, но нема ниту да ги потцениме, затоа што во минатото Македонија веќе се има „изгорено“ во дуелите со вакви репрезентации“, рече на прес конференцијата на која го објави списокот на играчи селекторот Ангеловски.
Предводникот на националниот тим за дуелите со Лихтенштајн и Белорусија нема да може да смета на Барди и Спировски, кои се повредени, а поради жолти картони дуелот со Лихтенштајн ќе го пропушти Алиоски. Ангеловски поради лошата форма во која се наоѓа не го повика левиот бек Жута, но упати повик до Ејупи, кој во моментов е водечки стрелец во хрватскиот шампионат. Исто така во репрезентацијата се враќа Тричковски кој има добра сезона во кипарскиот шампионат.
„Продолжив да ги вклучувам младите фудбалери во А-селекцијата и се надевам дека ќе составиме квалитетен тим. На овој меч ќе играме поофанзивно, сигурно ќе ја менуваме досегашната 3-5-2 формација“, дополни селекторот Ангеловски.
Подготвките за дуелот со Лихтенштајн фудбалерите ќе ги започнат на 20.март, а дуелот со овој противник на програмата е на 24.март во Вадуц од 20:45 часот.
Списокот на Игор Ангеловски за дуелот со Лихтенштајн:
Голмани: Димитриевски (Химнастик, Шпанија), Гачевски (Вардар), Алексовски (Вардар)
Одбрана: Ристовски (Ријека, Хрватска), Бејтулаи (Шкендија), Шиков (Работнички), Велковски (Вардар), Мојсов (АЕК Ларнака, Кипар), Ристевски (Вашаш, Унгарија)
Среден ред: Хасани (Шкендија), Трајчевски (Работнички), Ѓорѓев (Грасхоперс, Швајцарија), Радески (Шкендија), Николов (Вардар), Бабунски (Јокохама, Јапонија), Трајковски (Палермо, Италија)
Напад: Несторовски (Палермо, Италија), Тричковски (АЕК Ларнака, Кипар), Пандев (Џенова, Италија), Ејупи (Осијек, Хрватска), Ибраими (Шкендија). крај/мф/нц
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Домашен
Денеска во Прилеп 11. планинска трка „Крали Марко Треилс“
Во Прилеп денеска ќе се одржи 11. трка во планинско трчање „Крали Марко Треилс“. Од 250-те пријавени учесници, 78 отсто се од земјава, а останатите 50-тина се од други 12 држави, најмногу од регионот: Србија, Косово, Грција, Албанија,… На трката ќе учествуваат повеќето од најбрзите македонски планински тркачи, репрезентацијата во планинско трчање на Србија, како и поранешната шампионка на Шведска во 100 километарски ултра маратон Лиса Ринг.
„Крали Марко Треилс“ предвидува две трки со различни должини. Пократката, долга 18 километри, е најстарата и најпопуларна планинска трка во државава, наречена „Трескавец Треил“. Почнува од Варош во Прилеп и преку Марковите Кули и пејсажните ритчиња ги води 160-те натпреварувачи кон манастирот Трескавец, а потоа назад во Прилеп.
Подолгата трка, „Камена Баба Треил“, долга 35 километри, исто така почнува од Варош и ја следи патеката до манастирот Трескавец, но оттаму продолжува низ карпести предели преку Камена Баба. За неа се пријавени 80-тина планински тркачи.
Настанот е во организација на здружението ТРЕКС од Скопје и е наменет за рекреативни, аматерски и професионални спортисти со различно ниво на физичка подготвеност.
Домашен
(Видео) Бугарски навивачи се судрија со полицијата на стадион: фрлаа со предмети, па следуваше апсење
Бугарски навивачи се судрија со македонската полиција на арената „Тодор Проевски“ каде се игра натпреварот Шкупи (Македонија) и Левски Софија (Бугарија).
Турканицата продолжи со вадење на ремени од страна на навивачите и фрлање предмети како што се лименки пива, сокови и слично. По ова, имаше и неколкумина уапсени. Полицијата ги извади од стадионот и однесе со комбиња во станица.
„Макфакс“ контактираше со МВР од каде проверуваат зошто дошло до судирот, како и, како е постапено со уапсените лица.
Ова е втор инцидент. Претходно, во Чаир, беа каменувани два автомобили со бугарски натпреварувачи. На ова претходеа низа провокации на социјалните мрежи и телевизиски изјави со навредувачки пароли за Македонија. Навредувачки навивачки песни, се пееа и на трибините.
Домашен
(Видео) Оформен предмет за полицаецот кој со пендрек го нападна Талески: Имало турканица, службеник преземал и физички мерки
МВР отвори предмет против полицаецот кој со пендрек го удри ракометарот Филип Талески, за да се утврди зошто се решил на таков потег и дали ќе следи казна. Чинот наиде на лавина коментари во јавноста и осуда. Досега, во МВР не е поднесена пријава за ударот на Талески.
„По завршување на спортскиот натпревар, поради меѓусебна турканица на неколку ракометари од двете екипи на терен, најнапред реагираше обезбедувањето на натпреварот, а потоа од страна на еден полициски службеник од полициската станица од општа надлежност Охрид преземени се физички мерки. По службена должност Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР оформи предмет и презема мерки за целосно расчистување на случајот, велат од МВР за „Макфакс“.
Тие додаваат дека пријава досега не добиле.
„По вчера одиграниот ракометен натпревар КУП на Македонија-финале помеѓу ракометните екипи „Еурофарм Пелистер“ од Битола и „Вардар“ од Скопје, во СВР Охрид не е поднесена преставка, поплака или друг вид на пријава од ракометари, делегати или други официјални спортски претставници против полициски службеници кои извршуваа обезбедување на натпреварот што го следеа околу 4000 лица“, додава МВР.