Домашен
ЖРК Вардар рутински со Турингер, деби со победа за Дибирова (фото галерија)
Ракометарките на Вардар, на дебито на новиот тренер Ирина Дибирова, рутински го совладаа Турингер 36:26 и од првата позиција во Групата 1 ќе влезат во четвртфиналето.
ЖРК Вардар и покрај претходните два порази во Лигата на шампионите (Будуќност, Мец) како апсолутен фаворит влезе во дуелот со Турингер и таа улога во целост ја оправда.
Некаква незивесност натпреварот имаше само во стартните шест-седум минути, Вардарки во деветтата минута стекнаа предност 7:2, четири минути подцна имаа седум голови повеќе од противничките (9:2), по што натпреварот се претвори во еднонасочна улица.
До крајот на натпреварот единствено нејасно беше со колкава разлика Вардарки ќе го добијат натпреварот.
На пет минути до крајот на првиот дел „црвено-црните“ стекнаа максимална предност, за овој период од играта, од девет голови (17:8).
Потоа македонските шампионки рутински ја одржуваа предноста од седум до девет голови, во 43.минута прв пат стекнаа 11 голови предност што воедно беше и најголемата предност која ја имаа на овој натпревар. На крајот разликата беше двоцифрена 36:26.
На клупата на Вардар на овој натпревар дебитираше Ирина Дибирова, но со оглед на разликата во квалитетот тешко може да се оцени колкаво беше нејзиното влијание во убедливиот триумф.
Забележливо беше дека во одредени периоди Вардарки акциите ги завршуваа преку кружниот напаѓач, а за разлика од претходникот Давид Дејвис не ја менуваше често поставата.
„Благодарност до девојките за она што го одиграа, исто така им благодарам на Кокшаров и Станковски кои многу ми помогнаа. До наредниот меч имаме доволно време за подготовка, а не како што сега имавме само три дена. Одигравме агресивно, тоа е добро и се надевам дека ќе бидеме уште подобри на наредните натпревари“, рече на прес конференцијата по натпреварот Дибирова.
Најефикасна кај Вардар беше Радичевиќ со девет голови, а по пет постигнаа Лекиќ и Пенезиќ.
Вардарки во четвртфиналето, кое се игра на 7 и 14 април, за противник најверојатно ќе го имаат Митјиланд. крај/мф/нц
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Домашен
Денеска во Прилеп 11. планинска трка „Крали Марко Треилс“
Во Прилеп денеска ќе се одржи 11. трка во планинско трчање „Крали Марко Треилс“. Од 250-те пријавени учесници, 78 отсто се од земјава, а останатите 50-тина се од други 12 држави, најмногу од регионот: Србија, Косово, Грција, Албанија,… На трката ќе учествуваат повеќето од најбрзите македонски планински тркачи, репрезентацијата во планинско трчање на Србија, како и поранешната шампионка на Шведска во 100 километарски ултра маратон Лиса Ринг.
„Крали Марко Треилс“ предвидува две трки со различни должини. Пократката, долга 18 километри, е најстарата и најпопуларна планинска трка во државава, наречена „Трескавец Треил“. Почнува од Варош во Прилеп и преку Марковите Кули и пејсажните ритчиња ги води 160-те натпреварувачи кон манастирот Трескавец, а потоа назад во Прилеп.
Подолгата трка, „Камена Баба Треил“, долга 35 километри, исто така почнува од Варош и ја следи патеката до манастирот Трескавец, но оттаму продолжува низ карпести предели преку Камена Баба. За неа се пријавени 80-тина планински тркачи.
Настанот е во организација на здружението ТРЕКС од Скопје и е наменет за рекреативни, аматерски и професионални спортисти со различно ниво на физичка подготвеност.
Домашен
(Видео) Бугарски навивачи се судрија со полицијата на стадион: фрлаа со предмети, па следуваше апсење
Бугарски навивачи се судрија со македонската полиција на арената „Тодор Проевски“ каде се игра натпреварот Шкупи (Македонија) и Левски Софија (Бугарија).
Турканицата продолжи со вадење на ремени од страна на навивачите и фрлање предмети како што се лименки пива, сокови и слично. По ова, имаше и неколкумина уапсени. Полицијата ги извади од стадионот и однесе со комбиња во станица.
„Макфакс“ контактираше со МВР од каде проверуваат зошто дошло до судирот, како и, како е постапено со уапсените лица.
Ова е втор инцидент. Претходно, во Чаир, беа каменувани два автомобили со бугарски натпреварувачи. На ова претходеа низа провокации на социјалните мрежи и телевизиски изјави со навредувачки пароли за Македонија. Навредувачки навивачки песни, се пееа и на трибините.
Домашен
(Видео) Оформен предмет за полицаецот кој со пендрек го нападна Талески: Имало турканица, службеник преземал и физички мерки
МВР отвори предмет против полицаецот кој со пендрек го удри ракометарот Филип Талески, за да се утврди зошто се решил на таков потег и дали ќе следи казна. Чинот наиде на лавина коментари во јавноста и осуда. Досега, во МВР не е поднесена пријава за ударот на Талески.
„По завршување на спортскиот натпревар, поради меѓусебна турканица на неколку ракометари од двете екипи на терен, најнапред реагираше обезбедувањето на натпреварот, а потоа од страна на еден полициски службеник од полициската станица од општа надлежност Охрид преземени се физички мерки. По службена должност Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР оформи предмет и презема мерки за целосно расчистување на случајот, велат од МВР за „Макфакс“.
Тие додаваат дека пријава досега не добиле.
„По вчера одиграниот ракометен натпревар КУП на Македонија-финале помеѓу ракометните екипи „Еурофарм Пелистер“ од Битола и „Вардар“ од Скопје, во СВР Охрид не е поднесена преставка, поплака или друг вид на пријава од ракометари, делегати или други официјални спортски претставници против полициски службеници кои извршуваа обезбедување на натпреварот што го следеа околу 4000 лица“, додава МВР.