Домашен
Илиоски и Томовски на подиумот на мотокросот „Гран При Македонија 2012“
Македонските мотоциклисти Христиан Илиоски во класата МХ2 и Гоце Томовски во МХ1, се искачија на победничкиот пиедестал, како второ, односно третопласиран на мотокросот „Гран При Македонија 2012“ кој викендов се возеше на патеката Милци крај Гевгелија.
Мотоциклистичката федерација на Македонија (МФМ) во саботата и неделата (28-ми и 29-ти април) на патеката Милци крај Гевгелија беше организатор на натпреварот „Гран При Македонија 2012“ со кој започна новата сезона од Европскиот шампионат и отворениот Источно-европски шампионат во мотокрос за 2012 година.
По сончево време на одлично подготвената патека се појавија вкупно 73 натпреварувачи од 11 држави: Хрватска, Унгарија, Молдавија, Турција, Албанија, Црна Гора, Романија, Бугарија, Грција, Србија и Македонија поделени во седум класи.
Во рамките на Европскиот шампионат што се одржува под покровителство на Европската мото унија УЕМ, се бодуваа две класи кај најмладите. Во класата ЕМХ85 убедлива победа во двете возења однесе Игор Кухарчук од Молдавија, пред Никола Храниќ од Хрватска и Хакан Халми од Бугарија.
Во класата ЕМХ85 во првото возење до средина на трката во водство беше Мајкл Иванов од Бугарија пред својот сонародник Иван Петров, меѓутоа поради технички проблеми со мотоциклот Иванов мораше да го посети боксот и се врати на 13. место. Петров го искористи тоа и без проблеми победи, втор беше Матија Келава од Хрватска, а трет Георги Георгиев од Бугарија. Иванов до крајот успеа да се пробие до 6. место. Во второто возење Иванов не дозволи никакво изненадување и победи што му беше доволно да се пробие на второто место во вкупниот пласман. Петров рутински беше втор и така извојува конечна победа, додека Геогиев со две трети места беше трет и во крајниот пласман.
Истиот редослед во овие две класи следеше и во ракмите на отворениот Источно-Европскиот шампионат. Единствениот македонски претставник Христиан Станковиќ успеа во својата дебитантска трка на меѓународен план да освои 7 поени и вкупно го зазема 18-то место во класата ЕМХ85.
Бодрен од петилјадната публика македонскиот натпреварувач Христиан Илиоски покажа дека паузата од повредата од сезоната 2011 е веќе минато. Во првата трка од класата МХ2, Илиоски возеше порезервирано и заврши како петти зад Георге Кабал од Романија и Георги Гочев од Бугарија, Бранко Антиќ од Србија и Кристиан Крастев од Бугарија. Сепак, во второто возење тој покажа дека се враќа во старата форма со која ја освои шампионската титула во оваа конкуренција во 2009 година. Со второто место зад конечниот победник Гочев, Илиоски се проби и на второто место во конечниот пласман, пред третопласираниот Крастев. Одличен беше и Благојче Спировски кој на крајот заврши на 10. место од 25 учесници.
Другите двајца македоднски претставници, Никола Гулевски и дебитантот Филип Кондратенко успеаја да стигнат до првите бодови во меѓународна конкуренција. Инаку Георги Гочев е победник и кај јуниорите во класата МХ2 пред својот сонародник Кристиан Ангелов и Бранко Антиќ од Србија.
Во најсилната класа МХ1, Гоце Томовски повторно се избори за место на подиумот и продолжува со успеси на меѓународната сцена. Пласманот во двете возења беше ист, очекуван триумф на Николаи Јовчев од Бугарија, пред Валентин Радуца од Романија и Томовски.
Во класата МХ иако се појавија дури седум македонски претставници, сепак на подиумот се пласираат само натпреварувачи од Бугарија. Победи Јулиан Раичев, пред Васил Стојанов и Мирослав Христов. По долгогодишна пауза на патеките се врати петкратниот македонски шампион Николче Тодоров. Во првиот дел од двете трки одлично им парираше на бугарските мотоциклисти, меѓутоа до крајот не можеше да го задржи пласманот на второто место поради подобрата физичка подготвеност на гостите од Бугарија. На крајот, сепак, беше најдобар од македонските натпреварувачи и заврши како четврти во вкупниот пласман. Зад него се пласираат Мирче Ќорнаков и Слободан Ивчески, како и битолската тројка – Јован Стојков, Борче Костов и Миодраг Станковиќ.
Кај репрезентациите најдобри беа Бугарија, пред Романија и Србија. Следниот натпревар од отворениот Источно-Европскиот шампионат ќе се одржи во Зарнешти, Романија на 6-ти мај./крај/со/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Домашен
Денеска во Прилеп 11. планинска трка „Крали Марко Треилс“
Во Прилеп денеска ќе се одржи 11. трка во планинско трчање „Крали Марко Треилс“. Од 250-те пријавени учесници, 78 отсто се од земјава, а останатите 50-тина се од други 12 држави, најмногу од регионот: Србија, Косово, Грција, Албанија,… На трката ќе учествуваат повеќето од најбрзите македонски планински тркачи, репрезентацијата во планинско трчање на Србија, како и поранешната шампионка на Шведска во 100 километарски ултра маратон Лиса Ринг.
„Крали Марко Треилс“ предвидува две трки со различни должини. Пократката, долга 18 километри, е најстарата и најпопуларна планинска трка во државава, наречена „Трескавец Треил“. Почнува од Варош во Прилеп и преку Марковите Кули и пејсажните ритчиња ги води 160-те натпреварувачи кон манастирот Трескавец, а потоа назад во Прилеп.
Подолгата трка, „Камена Баба Треил“, долга 35 километри, исто така почнува од Варош и ја следи патеката до манастирот Трескавец, но оттаму продолжува низ карпести предели преку Камена Баба. За неа се пријавени 80-тина планински тркачи.
Настанот е во организација на здружението ТРЕКС од Скопје и е наменет за рекреативни, аматерски и професионални спортисти со различно ниво на физичка подготвеност.
Домашен
(Видео) Бугарски навивачи се судрија со полицијата на стадион: фрлаа со предмети, па следуваше апсење
Бугарски навивачи се судрија со македонската полиција на арената „Тодор Проевски“ каде се игра натпреварот Шкупи (Македонија) и Левски Софија (Бугарија).
Турканицата продолжи со вадење на ремени од страна на навивачите и фрлање предмети како што се лименки пива, сокови и слично. По ова, имаше и неколкумина уапсени. Полицијата ги извади од стадионот и однесе со комбиња во станица.
„Макфакс“ контактираше со МВР од каде проверуваат зошто дошло до судирот, како и, како е постапено со уапсените лица.
Ова е втор инцидент. Претходно, во Чаир, беа каменувани два автомобили со бугарски натпреварувачи. На ова претходеа низа провокации на социјалните мрежи и телевизиски изјави со навредувачки пароли за Македонија. Навредувачки навивачки песни, се пееа и на трибините.
Домашен
(Видео) Оформен предмет за полицаецот кој со пендрек го нападна Талески: Имало турканица, службеник преземал и физички мерки
МВР отвори предмет против полицаецот кој со пендрек го удри ракометарот Филип Талески, за да се утврди зошто се решил на таков потег и дали ќе следи казна. Чинот наиде на лавина коментари во јавноста и осуда. Досега, во МВР не е поднесена пријава за ударот на Талески.
„По завршување на спортскиот натпревар, поради меѓусебна турканица на неколку ракометари од двете екипи на терен, најнапред реагираше обезбедувањето на натпреварот, а потоа од страна на еден полициски службеник од полициската станица од општа надлежност Охрид преземени се физички мерки. По службена должност Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР оформи предмет и презема мерки за целосно расчистување на случајот, велат од МВР за „Макфакс“.
Тие додаваат дека пријава досега не добиле.
„По вчера одиграниот ракометен натпревар КУП на Македонија-финале помеѓу ракометните екипи „Еурофарм Пелистер“ од Битола и „Вардар“ од Скопје, во СВР Охрид не е поднесена преставка, поплака или друг вид на пријава од ракометари, делегати или други официјални спортски претставници против полициски службеници кои извршуваа обезбедување на натпреварот што го следеа околу 4000 лица“, додава МВР.