Домашен
Лидерот во Бундеслигата в недела ќе му гостува на Вардар
Бундеслигашот Рајн Некар Лове, во мечот на неделата на ЕХФ, е наредниот предизвик на ракометарите на Вардар, во Ц групата во Лигата на шампиони.
Лидерот во најсилното национално првенство во светот, ќе биде вистински тест за четата на шпанскиот стратег Раул Гонзалес, која во досегашниот тек од сезоната има само еден пораз, од Веспрем во СЕХА лигата, додека во Лигата на шампиони по две кола има исто толку победи. Рајн Некар Ловен, во Ц групата во шампионската Лига, има победа и пораз. „Натпреварот ќе биде многу тежок, се соочуваме со лидерот во Бундеслигата, тим кој игра особено добро во одбраната, која ја предводи еден од најдобрите голмани во светот (Ландин). Поради тоа ќе мора да бидеме внимателни во нападот, не смееме да губиме топки и да имаме висок процент на реализација. Мораме да играме добро на сите позиции, мора да играме добро во одбраната, само така ќе можеме да победиме“, рече тренерот на Вардар, Гонзалес. Иако Рајн Некар Ловен е екипа составена од фантастични поединци, вардаровиот стратег смета дека тимскиот дух и тимската игра е она што го краси тимот со кој неговите играчи ќе се соочат в недела. Кога станува збор за здравствениот билтен, Гонзалес и на оваа средба нема да може да смета на повредениот Петриќ, што значи дека целиот товар на десната бековска позиција одново ќе го понесе Душенбаев.Во тимот на Вардар ќе биде Горбок, играч кој токму од Рајн Некар Ловен, во летниот преоден рок пристигна во Скопје.„Ќе ни биде тешко против Рајн Некар Ловен, но ние сме подготвени, играме дома пред нашите навивачи. Тоа е силен тим добро пополнет на сите позиции, играв таму и знам дека тие секој натпревар го играат како да им е последен. Им ги презентирав на моите соиграчи од Вардар кои се добрите, а кои се лошите страни на играчите на Рајн Некар Ловен, ќе се обидеме да го искористиме тоа“, рече Горбок.Вардар и Рајн Некар Ловен својот натпревар ќе го одиграат в недела со почеток во 19:30 часот. Во Ц групата веќе се одигра еден натпревар од третото коло, во четвртокот Чеховски Медведи загубија од Цеље со 30-35./крај/мф/нц
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Домашен
Денеска во Прилеп 11. планинска трка „Крали Марко Треилс“
Во Прилеп денеска ќе се одржи 11. трка во планинско трчање „Крали Марко Треилс“. Од 250-те пријавени учесници, 78 отсто се од земјава, а останатите 50-тина се од други 12 држави, најмногу од регионот: Србија, Косово, Грција, Албанија,… На трката ќе учествуваат повеќето од најбрзите македонски планински тркачи, репрезентацијата во планинско трчање на Србија, како и поранешната шампионка на Шведска во 100 километарски ултра маратон Лиса Ринг.
„Крали Марко Треилс“ предвидува две трки со различни должини. Пократката, долга 18 километри, е најстарата и најпопуларна планинска трка во државава, наречена „Трескавец Треил“. Почнува од Варош во Прилеп и преку Марковите Кули и пејсажните ритчиња ги води 160-те натпреварувачи кон манастирот Трескавец, а потоа назад во Прилеп.
Подолгата трка, „Камена Баба Треил“, долга 35 километри, исто така почнува од Варош и ја следи патеката до манастирот Трескавец, но оттаму продолжува низ карпести предели преку Камена Баба. За неа се пријавени 80-тина планински тркачи.
Настанот е во организација на здружението ТРЕКС од Скопје и е наменет за рекреативни, аматерски и професионални спортисти со различно ниво на физичка подготвеност.
Домашен
(Видео) Бугарски навивачи се судрија со полицијата на стадион: фрлаа со предмети, па следуваше апсење
Бугарски навивачи се судрија со македонската полиција на арената „Тодор Проевски“ каде се игра натпреварот Шкупи (Македонија) и Левски Софија (Бугарија).
Турканицата продолжи со вадење на ремени од страна на навивачите и фрлање предмети како што се лименки пива, сокови и слично. По ова, имаше и неколкумина уапсени. Полицијата ги извади од стадионот и однесе со комбиња во станица.
„Макфакс“ контактираше со МВР од каде проверуваат зошто дошло до судирот, како и, како е постапено со уапсените лица.
Ова е втор инцидент. Претходно, во Чаир, беа каменувани два автомобили со бугарски натпреварувачи. На ова претходеа низа провокации на социјалните мрежи и телевизиски изјави со навредувачки пароли за Македонија. Навредувачки навивачки песни, се пееа и на трибините.
Домашен
(Видео) Оформен предмет за полицаецот кој со пендрек го нападна Талески: Имало турканица, службеник преземал и физички мерки
МВР отвори предмет против полицаецот кој со пендрек го удри ракометарот Филип Талески, за да се утврди зошто се решил на таков потег и дали ќе следи казна. Чинот наиде на лавина коментари во јавноста и осуда. Досега, во МВР не е поднесена пријава за ударот на Талески.
„По завршување на спортскиот натпревар, поради меѓусебна турканица на неколку ракометари од двете екипи на терен, најнапред реагираше обезбедувањето на натпреварот, а потоа од страна на еден полициски службеник од полициската станица од општа надлежност Охрид преземени се физички мерки. По службена должност Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР оформи предмет и презема мерки за целосно расчистување на случајот, велат од МВР за „Макфакс“.
Тие додаваат дека пријава досега не добиле.
„По вчера одиграниот ракометен натпревар КУП на Македонија-финале помеѓу ракометните екипи „Еурофарм Пелистер“ од Битола и „Вардар“ од Скопје, во СВР Охрид не е поднесена преставка, поплака или друг вид на пријава од ракометари, делегати или други официјални спортски претставници против полициски службеници кои извршуваа обезбедување на натпреварот што го следеа околу 4000 лица“, додава МВР.