Домашен
Вардар-Веспрем, дуел на непоразените во Групата Ц
По пауза од еден месец, со натпреварите од петтото коло, продолжуваат возбудувањата во ракометната Лига на шампиони. Дербито на ова коло ќе се одигра во СЦ „Јане Сандански“ каде Вардар ќе го пречека тимот на Веспрем.
Веспрем е лидер во Групата Ц со максимални четири победи и е една од трите екипи кои имаат максимален ефект во досегашниот тек од шампионската лига. Без пораз е и Вардар, кој во четирите средби има три победи и едно реми. „За противник имаме еден од најдобрите тимови во Европа и во светот, тим кој минатата сезона играше на завршниот турнир. Веспрем е одличен тим со врвни играчи. Секако дека ние имаме голема шанса со победа да се искачиме на првото место на табелата. Очекувам цврст натпревар, нешто слично како што беше против Рајн Некар. Веспрем игра многу квалитетна одбрана 6-0, но одлични се и во нападот каде што играта ја води Чема Родригез, според мене еден од најдобрите средни бекови во светот“, вели тренерот на ‘црвено-црните’, Раул Гонзалес.„Сигурно дека ова е најтешкиот натпревар за нас досега. Дојдовме во една сала каде што е тешко да се игра и против многу силна екипа. Вардар сигурно ќе биде еден од најдобрите тимови во Европа во следните неколку години. Дојдовме подготвени, имавме малку проблеми со повреди, но на паркетот најдобро ќе се знае како стојат работите. Ние ќе ја играме нашата игра, со цврста одбрана и што е можно повеќе лесни голови, па кој е подобар нека победи“, изјави еден од главните играчи на Веспрем, пивотот Ренато Сулиќ. Натпреварот кој ќе се одигра в сабота ќе започне во 19 часот. /крај/мф/нц
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Домашен
Денеска во Прилеп 11. планинска трка „Крали Марко Треилс“
Во Прилеп денеска ќе се одржи 11. трка во планинско трчање „Крали Марко Треилс“. Од 250-те пријавени учесници, 78 отсто се од земјава, а останатите 50-тина се од други 12 држави, најмногу од регионот: Србија, Косово, Грција, Албанија,… На трката ќе учествуваат повеќето од најбрзите македонски планински тркачи, репрезентацијата во планинско трчање на Србија, како и поранешната шампионка на Шведска во 100 километарски ултра маратон Лиса Ринг.
„Крали Марко Треилс“ предвидува две трки со различни должини. Пократката, долга 18 километри, е најстарата и најпопуларна планинска трка во државава, наречена „Трескавец Треил“. Почнува од Варош во Прилеп и преку Марковите Кули и пејсажните ритчиња ги води 160-те натпреварувачи кон манастирот Трескавец, а потоа назад во Прилеп.
Подолгата трка, „Камена Баба Треил“, долга 35 километри, исто така почнува од Варош и ја следи патеката до манастирот Трескавец, но оттаму продолжува низ карпести предели преку Камена Баба. За неа се пријавени 80-тина планински тркачи.
Настанот е во организација на здружението ТРЕКС од Скопје и е наменет за рекреативни, аматерски и професионални спортисти со различно ниво на физичка подготвеност.
Домашен
(Видео) Бугарски навивачи се судрија со полицијата на стадион: фрлаа со предмети, па следуваше апсење
Бугарски навивачи се судрија со македонската полиција на арената „Тодор Проевски“ каде се игра натпреварот Шкупи (Македонија) и Левски Софија (Бугарија).
Турканицата продолжи со вадење на ремени од страна на навивачите и фрлање предмети како што се лименки пива, сокови и слично. По ова, имаше и неколкумина уапсени. Полицијата ги извади од стадионот и однесе со комбиња во станица.
„Макфакс“ контактираше со МВР од каде проверуваат зошто дошло до судирот, како и, како е постапено со уапсените лица.
Ова е втор инцидент. Претходно, во Чаир, беа каменувани два автомобили со бугарски натпреварувачи. На ова претходеа низа провокации на социјалните мрежи и телевизиски изјави со навредувачки пароли за Македонија. Навредувачки навивачки песни, се пееа и на трибините.
Домашен
(Видео) Оформен предмет за полицаецот кој со пендрек го нападна Талески: Имало турканица, службеник преземал и физички мерки
МВР отвори предмет против полицаецот кој со пендрек го удри ракометарот Филип Талески, за да се утврди зошто се решил на таков потег и дали ќе следи казна. Чинот наиде на лавина коментари во јавноста и осуда. Досега, во МВР не е поднесена пријава за ударот на Талески.
„По завршување на спортскиот натпревар, поради меѓусебна турканица на неколку ракометари од двете екипи на терен, најнапред реагираше обезбедувањето на натпреварот, а потоа од страна на еден полициски службеник од полициската станица од општа надлежност Охрид преземени се физички мерки. По службена должност Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР оформи предмет и презема мерки за целосно расчистување на случајот, велат од МВР за „Макфакс“.
Тие додаваат дека пријава досега не добиле.
„По вчера одиграниот ракометен натпревар КУП на Македонија-финале помеѓу ракометните екипи „Еурофарм Пелистер“ од Битола и „Вардар“ од Скопје, во СВР Охрид не е поднесена преставка, поплака или друг вид на пријава од ракометари, делегати или други официјални спортски претставници против полициски службеници кои извршуваа обезбедување на натпреварот што го следеа околу 4000 лица“, додава МВР.