МАКФАКС

Синот на Пеле осуден на затвор на 13 години

Синот на Пеле осуден на затвор на 13 години
25.02.2017, 12:36

Синот на еден од најдобрите фудбалери на сите времиња Пеле, 46-годишниот Едињо ѝ се предаде на полицијата откако апелациониот суд пресуди дека мора да оди во затвор 13 години поради перење пари заработени од трговија со дроги.

 

Првично поранешниот бразилски голман Едињо, или со целосно име Едсон Колби до Насименто, во јуни 2014 година беше осуден на 33 години затвор.

Едињо во 1990-те го бранеше голот на трофејниот бразилски клуб Сантос, во кој светската слава ја стекна неговиот татко. Досега тој беше еден од тренерите во клубот.

Во овој случај, пред Врховниот сојузен суд во Сао Паоло се осудени уште три лица, по процесот започнат по сознанијата од истрагата започната во 2005 година, а Едињо беше уапсен во јуни истата година. Беше обвинет за врски со познати трговци со дроги и вмешаност во недозволената трговија со наркотици. Тој категорични ги одрекуваше сите обвиненија, признавајќи дека самиот користел дроги, но не и дека учествувал во нивното препродавање.

Неговите адвокати во петокот изјавија дека нивната жалба е делумно прифатена па на Едињо казната му е намалена на 12 години и десет месеци.

„Лут сум и фрустриран. Требаше да ме ослободат бидејќи сум невин. Осуден сум за перење пари, иако не постои ниеден доказ против мене. Единствен аргумент на судот беше моето пријателство со некои од осудените, а тоа не го криев“, рече поранешниот фудбалер.

Меѓу осудените сега има уште четворица мажи, меѓу кои и локалниот крал на дрогата Роналдо Дуарте Барсоти, попознат како Налдињо, кој исто така е осуден на 33 години затвор.

Пеле играше 18 години за Сантос и во кариерата постигна повеќе од 1.200 голови. Едињо е негов син од првиот брак во кој доби и две ќерки. Од вториот брак доби близнаци, син и ќерка, а од вонбрачните врски има уште две ќерки./крај/мф/сн

Поврзани написи

Макфакс е-билтен

Email *