МАКФАКС

Арапската лига со резолуција против премесувањето амбасади во Ерусалим

Арапската лига со резолуција против премесувањето амбасади во Ерусалим
08.03.2017, 08:03

Министрите за надворешни работи на земјите од Арапската лига во вторникот во египетската престолнина Каиро усвоија резолуција против преместувањето на дипломатски мисии во Ерусалим, по најавата на американскиот претседател Доналд Трамп дека ќе ја пресели амбасадата на САД во Израел од Тел Авив во Ерусалим.

Ситуацијата на „статус-кво“ на Светиот град е едно од најчувствителни прашања од израелско-палестинскиот судир со децении. Палестинците посакуваат Ерусалим, особено источниот дел кој меѓународната заедница го смета за окупирана палестинска територија од Израел во војната од 1967 година, тој да биде главен град на нивната идна држава. Додека Израел повеќепати истакна дека го смета за своја „историска, вечна и неделива“ престолнина. И двете страни за тоа наведуваат библиски, историски и политички аргументи.

„За Арапската лига која и да е зграда на дипломатска мисија во Ерусалим или преместување на амбасада во овој град претставува кршење на човековите права на Палестинците и на сите муслимани и христијани…. Таквата мерка би претставувала тешко кршење на меѓународното право и на четвртата Женевска конвенција, како и на резолуции на Советот за безбедност на ОН“, се наведува во текстот на резолуцијата.

Текстот кој не ги споменува директно американскиот претседател Доналд Трамп или Соединетите држави, едногласно го усвоија шефовите на дипломатиите на 22-те земји членки на Арапската лига.

Американскиот Конгрес во 1995 година изгласа закон со кој Ерусалим го нарекува главен град на Израел и одредува дека тој не смее да биде поделен. Меѓутоа, досега и републиканските и демократските претседатели откако доаѓаа на власт ги користеа своите овластувања за да ја задржат американската амбасада во Тел Авив и ги поткрепуваа преговорите за Ерусалим меѓу Израел и Палестинците.

Прекинувајќи го децениското однесување на САД, Трамп вети дека Ерусалим ќе го признае за главен град на Државата Израел и оти таму ќе ја премести американската амбасада. Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху на 29-ти јануари го замоли Трамп да го одржи ветувањето дадено во кампањата.

Во понеделникот во Ерусалим престојуваше Рон ДеСантис, претседател на поткомитет во Претставничкиот дом за национална безбедност, кој разговарал со Нетанјаху за „одреден број регионални прашања, па така и за преселувањето на амбасадата“, изјави израелски функционер кој сакал да остане анонимен./крај/мф/сн

Поврзани написи

Макфакс е-билтен

Email *