Двојните државјани на седумте земји, како и Евреите родени во Иран и Сирија, може да патуваат во САД

Двојните државјани на седумте земји, како и Евреите родени во Иран и Сирија, може да патуваат во САД

Двојните државјани со доминантно муслиманско население, кои се погодени со указот на претседателот Доналд Трамп за привремена забрана за влез на територијата на САД, ќе можат во земјата да ги користат пасошите на другите земји, соопшти претставник на администрацијата, а истото важи и за Евреите кои се родени во тие земји.

„Процената на патниците ќе се заснова на пасошот којшто ќе го покажат“, изјави Кевин Мекејлин, вршител на должноста директор на американската Агенција за царина и заштита на границите, пренесува агенцијата DPA.

Британските граѓани, на пример, кои имаат исто така и државјанство на една од земјите кои се опфатени со указот за суспендирање на влезот на државјани и прифаќањето бегалци од седумте држави, појаснува Мекејлин во моментите кога американските функционери и агенции се обидуваат да ја разјаснат мешаницата предизвикана од неразбирањето на указот, но и одбивањето да се спроведува.

Евреите кои се родени во седумте муслимански земји на кои се однесува указот на американскиот претседател, а кои добиле израелско државјанство и натаму ќе можат да патуваат во САД, информираше во вторникот американската амбасада во Тел Авив.

Указот на Трамп во Израел предизвика загриженост поради десетиците илјади Евреи кои се родени во тие земји, емигрирале во Израел или добиле израелско државјанство.

„Доколку имате важечка американска виза во израелски пасош и ако сте родени во Иран, Ирак, Либија, Сомалија, Судан, Сирија или Јемен, и ако немате важечки пасош на една од овие земји, вашата виза сепак е важечка“, се наведува во соопштението на американската амбасада, пренесува AFP.

Околу 140.000 луѓе родени во една од овие земји сега живеат во Израел, од кои околу 45.000 Иранци и 53.000 Ирачани, според официјалните израелски податоци. Повеќето се постари од 65 години и многу од нив побегнале пред прогоните од екстремистите. Во нивните израелски пасоши е наведено местото на нивното раѓање. Израелското министерство се обидува да утврди во која мера тие лица се опфатени со указот.

Минатиот петок Трамп го потпиша указот „За заштита на земјата од влез на странски терористи“, со кој во рок од 90 дена се суспендира издавање визи за државјаните на седум муслимански држави: Иран, Ирак, Јемен, Либија, Сирија, Сомалија и Судан. Указот, исто така, и им наложува на Стејт департментот и на Министерството за национална безбедност да го суспендираат распоредувањето на бегалците по сојузните држави на 120 дена, како и на неодреден рок се суспендира прифаќањето бегалци од Сирија.

Исто така, значително е намалена квотата за прифаќање на барателите на азил во САД во фискалната 2017 година, која таму започнува во октомври 2016 година, на не повеќе од 50.000, од претходно планираните 110.000.

Таа одлука предизвика хаоси на граничните влезови и царините, а службениците на бирото за имиграција тешко ја спроведуваа поради протестите на активисти на најголемите американски аеродроми. Подигнати се неколку тужби за блокирање на делови од указот, кој жестоко го критикуваа опозициските демократи, организации за човекови права и некои западни сојузнички на САД.

Откако е донесен указот, на 721 лице од седумте земји не им е овозможен влезот во земјата, а влегле најмалку 900 лица, соопштија американските имигрантски власти. Министерот за татковинска безбедност, Џон Кели, изјави во вторникот дека сојузните имиграциски и царински службеници ги почитуваат и судските одлуки за имиграцијата./крај/мф/сн