Деветти мај, а на Европа нема кој да ѝ пише

Деветти мај, а на Европа нема кој да ѝ пише

Не ѝ е лесно на старата добра Европа. Изморена од потрагата по некој сеопфатен и одржлив идентитет за сите држави стиснати на релативно малото парче земја, арогантна по навика, а збунета од бројните порази во последно време, безнадежно поделена меѓу богатиот Север и задолжениот Југ, неспособна да ги смири, среди и поправи балканските недораснати братучеди, со надеж свртена кон прекуокеанскиот сојузник, неволно влезена во конфронтација со степскиот џин, упорно ја бара својата вистинска причина за постоење. Бидејќи оваа Европа не е „таа Европа“ од пред дваесетина години, кога со речиси детски ентузијазам се уриваа границите и се отвораше простор за заеднички пазар, за слободно студирање, соработка, разбирање, кога сите речиси поверуваа во „братство и единство“ на југословенски начин, иронично токму во моментот кога примерот им се уриваше во братоубиствена војна пред збунетите европски очи. Сега се други времиња. Овој Деветти мај како да се слави некако по навика бидејќи „така треба“ и „така мора“, но очигледно е дека големиот континентален проект се наоѓа во најсериозната криза од моментот кога Роберт Шуман пред седумдесетина години јавно ја прокламираше идејата дека на Европа ѝ се доста непријателства и недоразбирања и дека за заедничко добро историските непријатели ќе мора да се обединат. Каде е Европа денеска? Каде оди? Што сака, кои ѝ се плановите? Има ли некој што ќе одговори на овие во основа едноставни прашања? Зошто ЕУ не успева да искристализира заедничка внатрешна и надворешна политика која нема да зависи од ситните мешетарења на секоја земја членка поединечно или од желбите на некој арогантен државен секретар во Вашингтон или од лошото варење на некој блискоисточен деспот. Вистина, ЕУ и натаму е земја на богати луѓе, на благодет и слобода, нема дилеми дека таа е недосонет сон за милиони сиромашни ширум светот. Веројатно никогаш во историјата не се случило еден конгломерат од земји да им овозможи толку висок стандард на мнозинството свои граѓани и да им понуди лични и општествени права за кои до пред неколку децении можеле само да сонуваат. Тоа е така и кој тврди спротивно едноставно лаже. Токму затоа, со сите мани, проблеми и недоречености бриселското друштво е пожелно, а за некои дури и неопходно ако сакаат да опстанат на овој неправеден и често суров свет.

Меѓутоа, прашањата од погорниот пасус сè уште не се одговорени. Денешна Европа како да талка во круг не можејќи да се снајде во хаосот на кој, да бидеме искрени, и самата му кумуваше. Мигрантскиот цунами од Африка и Блискиот Исток минатата година ја затекна неподготвена и, што е најлошо, неорганизирана, а можноста за негово повторување (кое, каков ли ужас, зависи од вољата на Реџеп Таип Ердоган) веројатно е кошмарен сон од кој редовно се будат препотени не мал број бриселски бирократи и разноразни општествено-политички работници во радиусот од Лисабон до Букурешт и од Атина до Осло. Да не зборуваме сега за ладнокрвното оставање на цедило на Балканците каде што минеше мигрантската рута, за жиците поставени од Орбан среде панонските полиња, за десетиците илјади удавени во Медитеранот, за терористичките ќелии истоварени во Германија, Франција, Белгија заедно со несреќните сириски и ирачки бегалци. Сета оваа човечка беда и несреќа спокојно можеме да ѝ ја ставиме на душа на Унијата, која упорно покажува неразбирлива контрадикција во реакциите, непринципиелност и недоследност во однесувањето. Просто не е фер. Зошто, по ѓаволите, би требало Македонија и Србија да се справуваат практично сами со џиновскиот бран човечка несреќа кој воопшто и не сака да седи во Гевгелија, Куманово, Ниш или Земун бидејќи некако разбрал дека во Хановер, Малме, Утрехт или Хелсинки се живее многу, неспоредливо многу подобро? Исто како што не е фер фактот дека на Бугарија и Романија им се прогледуваше низ прсти по речиси секоја основа кога влегуваа во заедничкото семејство, а на Црна Гора или БиХ им се бара влакно во јајцето и им се поставуваат пречки кои, веројатно, не може со леснотија да ги надмине ни една Португалија, на пример. А што да се каже за неверојатните успеси на националистичките екстремисти кои својата популарност главно ја стекнуваат критикувајќи ги нелогичните напори на официјален Брисел да наметнува трговски договори со трети земји без искрено да ги објасни опасностите што се кријат во деталите или во упорноста со која се инсистира на наднационалното „општоевропско чувство“ иако е јасно дека кај огромното мнозинство жители на Унијата европскиот идентитет сè уште ни оддалеку не може да го замени националниот. Додајте ја како шлаг на тортата од проблеми навидум апсурдната одлука на Британците да си заминат и како црвено, крваво јаготче на врвот сплетот од судири на источните граници, авторитарните амбиции на одредени лоши европски момци и повампирувањето на великодржавните идеи кај кој друг, ако не кај балканските романтици.

Не ѝ е лесно на старата добра Европа. Тоа не го крие моќната Ангела Меркел, за кризата зборуваат јасно и гласно Хан, Туск, Јункер и Могерини, не се плаши да предупредува ниту новата европска надеж, токушто избраниот француски претседател Емануел Макрон. На Старата Дама како леб ѝ се нужни промени и реформи. Нова доктрина, повторно соочување со историјата и со грешките. На Русија и САД нема да им пропаднат галиите ако европскиот проект не успее. Нема да плачат Канада и Јапонија, нема да има фестивали на жалост во Кина или Иран. Бидејќи не е до нив и не е за нив. За нас е. Би било глупост од вселенски пропорции доколку мрзливоста, неспособноста, алчноста или стравот на една генерација политичари го уништат сè уште неотсонуваниот сон за братска, слободна и среќна европска нација. Се плашам дека звучи патетично, но тоа го пишува на камењата во Стоунхеџ, насликано е на столбовите во Акропол, може да се чуе во симфониите на Бетовен и може да се почувствува додека се вдишува свежиот воздух на македонските планини. Затоа среќен ти ден Европо, некој мора понекогаш и да ти пише убав збор. Макар и со горчлив вкус во устата.

Драган Милосављевиќ